„Патот на Баба Јага“ на Хана Корнети победи на „Конкурс за драмски текст“

17.12.2018 02:08
“Патот на Баба Јага“ на Хана Корнети победи на „Конкурс за драмски текст“

„Патот на Баба Јага“ на Хана Корнети е прогласен за победник на „Конкурс за драмски текст, распишан од Здружението на драматурзи и сценаристи на Р. Македонија и Драмски театар – Скопје.

„Драги, колеги, учесници во конкурсот и вљубеници во македонскиот театар и македонската драма. Чест ми е, како претседател на Здружението на драматурзи и сценаристи на Р. Македонија и претседател на жири комисијата за распишаниот конкурс, во состав: Југослав Петровски (претседател), Драгана Лукан (член) и Викторија Рангелова (член ), да ви соопштам, дека на првиот конкус за најдобар драмски текст – кој го распишува Здружението“ е прогласен – драмскиот текст „Патот на Баба Јага“ на Хана Корнети.

Водејќи се од основните принципи и задачи, а особено целите – зошто е формирано оваа здружение, го избравме за најдобар драмски текст од сите пристигнати на конкурсот.

1. Овој текст во себе содржи најмногу елементи и квалитети кои ги форсира и во иднина ќе инсистира на нив Здружението на драматурзи и сценаристи на Р. Македонија.

2. Овој текст се издвојува од другите, пред сè по тоа што има квалитетно изработени драмски ситуации, има добро изградени карактери, и особено е битно што во себе ги има сите занатски ( драматуршки ) елементи кој еден вистински драмски текст мора да ги има во себе, и истите се направени на добар и квалитетен начин.

За овој текст е исто така карактеристично што во себе има надградено една едукативна нитка и носи јака современа порака – што е битно за публиката на која се обраќа текстот, а тоа се децата. Значи се работи за драмски текст напишан за деца, кој по нас е исто така квалитет плус, бидејки сметаме дека оваа публика е мошне значајната, на која современите драмски писатели мора што по често да и обрнуваат внимание.(Образложението на жири-комисијата – во целост ќе биде прочитано на денот на јавното читање на наградениот текст). Јавното читање на текстот ќе се одржи во Драмски театар – Скопје.

По јавното читање на наградениот текст ќе се отвори јавна – дебата, на која ќе се зборува за состојбата на македонската драматургија, како и за целите и правците на делување на Здружението – во насока на подобрување на моменталната состојба со македонската драма“, вели Југослав Петровски, претседател на Здружението на драматурзи и сценаристи на Р. Македонија.