Писмо до Заев: Дали се гради држава кревајќи лажни знамиња?

17.12.2018 03:24
Писмо до Заев: Дали се гради држава кревајќи лажни знамиња?

Познатата новинарка Дијана Тоска упати отворено писмо до премиерот Зоран Заев. Писмото го пренесуваме во целина:

Почитуван г. Зоран Заев,

Деновиве, генералниот секретар на ООН, Антонио Гутереш, најави дека наскоро во Европа ќе биде организиран меѓународен форум кој ќе има цел да ја нагласи клучната улога на мултилатералното глобално владеење. Тој го повика граѓанското општество од 42 земји учеснички, како важна сила на демократското општество, да го дадат својот сопствен придонес во зближување на општествата и народите, во една дебата која не треба да биде ограничена на ниво на држави, со што ќе добие универзална димензија, како што впрочем е и самата ООН.

Деновиве цивилизираниот свет ја одбележа стогодишнината од завршувањето на Првата светска војна. Колку што манифестацијата Форум на мирот беше достоинствена, толку достоинствена беше и кратката порака на францускиот претседател, Емануел Макрон: „ Место да се спротиставуваме едни на други со нашите стравови – дојдете да ги обединиме нашите надежи.“

Германската канцеларка Ангела Меркел, беше категорична во нејзината порака: „Таа војна ни покажа каде нè води арогантноста на нашите народи!“

Меркел и Макрон се со европско убедување, европска душа и европска визија и одлучни се да ги заштитат сопствените убедувања за мирот и стабилноста во Европа, кои се резултат на процесот на помирување меѓу двата народа, кои по катастрофата на Втората светска војна, ја започнаа визионерите на мирот – Де Гол и Аденауер.

Оваа визија е темел на Европската Унија, која промовирајќи ја политиката на мирот, со голема одговорност на државотворност, визионер е со изразена емпатија. Лидер е со историска свест за новите европски општества, кои се градат надградувајќи го заедно мирот и истакнувајќи ги заедничките цели.

Почитуван премиере Заев,

Нашата заедничка држава влезе во една нова фаза на својот живот, благодарение на Вашата заложба и големата поддршка на сите албански политички партии, но и на албанското граѓанство, што резултираше со конечно определување. Нејзините граѓани им кажаа ДА на евроатланските определби, и тоа не затоа што се убедени во автоматското добивање на подобар живот во блиска иднина, туку зашто се надеваат на поголема меѓународна безбедност понудена од НАТО, од една страна, и од друга страна – отстранување на стравот од соседите, кој како магла го гушеше нашето достоинство години наназад.

За меѓународниот фактор, надворешната безбедност на оваа држава, и да се вика, Северна Македонија, ќе се сметаше за успех, но нема да се грижи за внатрешни односи, бидејќи нејзината политика е областа на моќ и интересот да влијае овде. Што поскоро, ние наивните, оптимистите на Балканот, тоа го сфатиме, толку посериозно ќе се вратиме на сопствениот живот.

Г. Заев, мислите ли дека како општество, реално сме подготвени за Европа и за стандардите што таа ги бара и која е визијата и одговорноста на Вашата влада за европеизацијата на сите сфери од нашето живеење, за да ја насликаме Европа со љубов и меѓусебна почит во нашите срца?

Која е визијата и одговорноста на Вашата влада, заедно со Вашите политички сојузници, за нашето општество да биде одвнатре отворено и тогаш кога постојат внатрешни противречења и несогласувања?

Во изминативе 28 години не се сеќавам дека сите интелектуалци – Македонци, Албанци, Турци, Роми, Власи, Срби, Хрвати и други – сме разговарале за тоа каква држава бараме. Не се сеќавам дека сме разговарале за внатрешна стабилизација во која ќе има хармонија и толеранција, каде што меѓуетничкото и меѓуверското разбирање ќе се разбереа како почитување на културната, јазичната и верската различност, заштита на човековите права и слободи, како патоказ на една правна држава, втемелена на добро дефинирани основи со сите стандарди и меѓународни конвенции.

Секако дека и Вие, господине Заев, ќе се согласите дека политиката во Македонија создаде партиски сојузници, но не и вистински мостови на соработка, што беше причина долго време тензиите да бидат политички контролирани, додека улогата на граѓанското општество и на независните интелектуалци беше маргинализирана – бидејќи отсуствуваше интеракција која би придонела за поголема меѓуетничка и меѓуверска кохезија, која пак би се борела со стериотипите кои ги создала конфликтната политика во изминативе децении на предолгата транзиција кај нас.

Имавме партиско-политичка соработка, но не и интелектуална и професионална и како последица на тоа, на нашето секојдневие му недостасува дух на толеранција и меѓусебна доверба. Му недостасува главната алка што ќе ја поврзува нашата заедничка иднина со нашите болни судбини од историското минато.

Токму оваа несоработка и недоверба кон институциите и непочитување кон власта, ги донесоа последиците кои влијаеа да ја игнорираме реалноста и да заборавиме на историјата. Со други зборови, толку многу сме се оддалечиле едни од други, што измамата и лагата го презедоа местото на искреноста, а политичките пазарења го преземаа местото на историскиот договор меѓу народите кои живеат на ова поднебје.

Мислите ли дека безбедноста на границите денес е доволна само однадвор, кога кај нас внатрешните граници на филозофско, психолошко, етничко и религиозно ниво се уште поголеми и се сметаат како невозможна мисија? Довербата е изгубена, нема емпатија и толеранција и стравот на едните од другите има фрустрирачка димензија.

Вистина е дека Референдумот вроди надеж во нашиот живот, но нашиот најтежок предизвик има голема тежина врз нас, затоа мислиме на тоа колку ќе можеме да изградиме издржлива стабилна држава. Овој момент од сите нас бара да рефлектираме светлина и визија, подготвеност и жртвување за една посветла иднина со Устав кој јасно ќе го одреди концептот на граѓанска држава, пред се со сите негови граѓански права. Устав во кој јасно ќе се потенцира и прозапандната ориентација на Албанците (не како бројка, туку како древен народ), бидејќи тие остануваат едни кои најстабилно ја гарантираат евроатланската вокација на нашата држава.

Младината на Македонија е длабоко погодена од играта со нејзиниот идентитет – името. Тие пораснаа како човечки битија негирајќи ги соседите и денес, за жал, спасот го бараат во нивното заминување од татковината, бидејќи ги изгубиле општествените вредности.

Младиот Албанец, од друга страна, е во уште полоша состојба. Порасна како граѓанин од втор ред, со негиран јазик, историски и културен идентитет и нормален економски и социјален развој. Неговиот живот наликува на авантура, без корења и сигурна иднина, останат на милост и немилост. „Мека и Медина“ на албанската младина станаа седиштата на политичките партии, во меѓувреме разни групи на интереси- инфилтрирани во разни светски земји, за одредени цели, кои на дел од нашата младина им ги пере мозоците. Пред нашите очи, се уништува природната цивилизирана и етничка рамнотежа на ова општество, а ние како родители на овие деца, од незнаење или крајна незаинтересираност, молчиме пред ваквата појава која зема загрижувачки размери. И состојбата на младите од другите националности не е воопшто добра и не ни останува ништо друго, освен да се соживуваме со стравот и со нивната болка.

Господине премиер,

Изградивме систем на нихилистичка меѓусебна недоверба, наместо да изградиме систем на помирување, спознавање, повторно градење на заеднички вредности. За речиси 30 години, не се обидовме да се запознаеме и меѓусебно да се почитуваме, да го смениме праисторискиот менталитет кој потекнува од роднинската општествена организација. Не афирмиравме нов систем на вредности, како резултат на еден историски и социолошки процес, туку избрзавме да изградиме држава без дефиниран систем кој не е втемелен на елементарните човечки принципи кои се алфа и омега за функционирањето на една демократска држава.

Наместо да ги цениме мултеничките вредности како универзални начела, како природно богатство, подарена и благословена софра од профанијата и Божјата великодушност, ние се предадовме и направивме историска грешка, прифативме градење на едно вештачко општество, еднонацинално, ексклузивно, од страв да говориме отворено за постоечката реалност и како последица на оваа меѓусебна неискреност, денес имаме општество во кое никој не е задоволен и во секој момент на ова тензија и недостасува само искра за да потпали конфликт од која бил аспект- етнички или верски.

Треба да седнеме и да разговараме, како што рече г. Макрон деновиве: „Дојдете да ги обединиме нашите сили, наместо меѓусебно да ги спротивставиме нашите стравови.“

Касус белин - дали се гради држава со лажни знамиња!?

Создавањето на државите е резултат на историски и социолошки процес. Ние по сè изгледа во 90-тие години избрзавме да формираме независна држава, но како општество останавме на роднинско ниво и не успеавме да ги уредиме новите односи меѓу нас и внатре во нас во една државна организација. Овие остатоци од роднинскиот (братучедтскиот) систем, нè спречија во градењето и афирмирањето на новиот демократски систем на граѓани со рамноправни права.

Нашата генерација треба да сноси одговорност што дозволи да изгради и поддржи еден безвреден криминализиран систем и неморална гласачка машинерија, обврзувајќи ги нашите деца без нивна желба да станат соучесници на криминалот и на животот кој не го сакаат, ниту пак го сонуваат. Ние треба да се извиниме, секој од нас да даде отчет и воопшто како општество, да бидеме искрени и пред нашата младина да ги признаеме нашите неуспеси. Во спротивно, нема да можеме да одиме напред како држава.

Што ни недостига нам, за бидеме како другите европејци, прашуваше албанскиот францискански фратер од Скадар, отец Зеф Плуми и одговори: „Ни земјата, ни сонцето! За да ја кажеме вистината, нам ни недостасуваат храброст и волја. Во нашиот менталитет недостасува разум, а пред сè ни недостасува љубов“.

Ние имаме мала заедничка држава, која се вика Македонија (во иднина Северна Македонија). Таа е сопственост на нејзините рамноправни граѓани кои ја сакаат, почитуваат и кои исто така ја поседуваат – затоа поделбите во проценти и бројки за нации и жени, се ксенофобистички сметања и нека останат во праисторијата. Ако еден народ сакаш да го навредиш до срж, стави му бројка на палто и тоа е доволно да го врати во најтемната ретроспектива на гетата од некогашната Варшава. Тоа е исто како нихилистичката филозофија на антимакедонските политичари од Балканот, која се хранеше со идејата на непризнавањето на овој благороден и дарежлив народ, со сите негови етнички, јазични и христијански компоненти.

Затоа, ајде заеднички да ја градиме историјата на нова Македонија. Сите нејзини граѓани да ја изградиме како правна, рамноправна и демократска држава. Ова општество има интелектуалци со визија кои мислат на иднината и стабилноста на ова земја, за нејзината преродба да порасне и да се развие со емпатија, како капацитет да се помисли и чувствува светлината на другиот, особено со познавање и вреднување на меѓусебните позитивни примери.

Јас, како една од албанските интелектуалки во Македонија, ќе наведам само два позитивни примера на нашата најнова историја, која може да ни служи како поттик на меѓуетничката меѓусебна интеракција и интелектуален дијалог.

За една нова Македонија!

Света Мајка Тереза, добитничка на Нобелова награда за мир и др.Ферид Мурад, добитник на Нобелова награда за наука.

Едно општество ќе биде пофункционално, само тогаш кога кај идните генерации ќе почне да се негува културата на афирмација на позитивните модели, кои ги обединуваат народите и јазиците.

Со почит,

Дијана Тоска

Слики: Pawel Kuczynski

Извор: Плусинфо