Нада Прља: За Венециското биенале предлагам проект кој зборува за нашата иднина

18.12.2018 03:10
Нада Прља: Во проектот за Венециското биенале предлагам и дела на уметници од социјализмот кои не се согласиле на поданичко творештво

Проектот што го предложив за Венеција зборува за можната иднина, поради тоа тој крие и една блага утопистичка идеја за подобро утре за сите нас.

Нада Прља е визуелна уметница, која во моментот живее во Копенхаген, пред тоа во Скопје го формираше и коуредуваше уметничкиот простор СИА, а пред тоа, пак, петнаесетина години престојуваше во Лондон, паралелно, нејзините дела беа изложени во десетици градови низ Европа. Деновиве во уметничките кругови во Скопје, актуелен е конкурсот за македонското учество на Венециското биенале што е еден од поводите за разговор со неа.

Да почнеме со прашањето за македонското претставување на 58-то Венециско биенале за кое вие аплициравте. Евидентно е дека оваа година Министерството постави повисоки критериуми, бара референтен, профилиран уметник со бројни домашни и интернационални изложби, учества на биеналиња, итн. Дали ги исполнувате овие услови?

Можам како илустрација да наведам неколку од условите кои се однесуваат на авторското творештво: кандидатот треба да има реализирано најмалку 15 самостојни изложби, 25 меѓународни групни изложби, 5 домашни самостојни/групни изложби, во тнр. пресеци на македонската ликовна уметност, 5 значајни награди, учеството на најмалку 3 биеналиња, да има учествувано на 5 фестивали и на 3 уметнички резиденции. Не би сакала ова да звучи како фалење, секако не ми е тоа целта, но условите кои се однесуваат на авторското творештво ги исполнувам во целост. На пример, имам реализирано околу 20-тина самостојни и 95 групни изложби. Во тој контекст изложував во референтни музеи и галерии, како на пример: Кремс Кунстхал, во Кремс, Австрија, Lewis Glucksman Gallery, Корк, Ирска, Palais de Tokyo, Париз, Франција, Muzeum Sztuki во Лоѓ и „Zacheta“ - Националната галерија на уметност во Варшава, INIVA Институт за меѓународни уметност во Лондон,  итн. Потоа имав претставување во приватни галерии и фондации, како на пример White Cube, Лондон. Оваа галерија е една од најпознатите приватни галерии, водена од Џеј Џоплин, кој го „создаде” Дамијан Хирст и е одговорен за кариерата на „дедовците” во британската уметност Гилберт и Џорџ. Ги претставив своите дела и во Калверт 22 Фондација, Фондација за уметност Дејвид Робертс DRAF, двете во Лондон, како и во Шкуц галерија во Љубљана, итн. Во Македонија, во МСУ и Национална галерија сум имала самостојни изложби и во истите музеи бев дел на групни изложби по четири-пет пати, а сум изложувала и во други галерии.

Што се однесува до претставувања на биеналиња, сум учествувала на 6 биеналиња, по покана на еминентни ликовни професиналци, како на пример Артур Жмијевски (најпознатиот современ полски уметник) и Јоана Варша (куратор и предавач на ликовната академија во Стокхолм) за Берлинското биенале, Калед Рамадан и Алфредо Крамероти (директот на Мостин Галерија, ВБ) на Манифеста, Аленка Грегорич (уметнички директор на Градската галерија на Љубљана) за Графичко биенале во Љубљана итн.

Бараните критериуми не ми претставуваат проблем, „броењето на изложбите” не е тешко, потежок беше патот да се постигне афирмираност, особено за мене, бидејќи на дваесет и нешто години заминав од земјата во Лондон, една метропола во која не е лесно да си уметник. Но еве веќе со години сум во топ пет уметници во Македонија (според интернационалните рангирања, како на пример на artfacts.net) и високо котирам во европски рамки.

„Да одам или да останам”, самостојна изложба на Нада Прља во Музејот на соовремена уметност, Скопје, 2008

Дали може да ги резимирате вашите сознанија за тоа што значи успешно претставување на настан каков што е Биеналето во Венеција?

Основата на секој од овие проекти е усогласенот на тимот, знаењето и разбирањето на сите идејни и технички аспекти на проектот, добра комуникативност на проектот со публиката и неговата промоција.

Некои од ангажманите од овој вид, конкретно Манифеста и Берлинското биенале, заради својата комплексност, излегуваа надвор од она што значи класичен уметнички ангажман на Биенале. Пред Манифеста имав уметничка резиденција во Мурсија, каде секојдневно работев со затвореници во центарот за притвор и каде го создававме филмот кој беше прикажан на биеналето. Берлинското биенале, пак, беше едногодишен ангажман - од подготовките на преоектот, преку изведбата и во текот на изложбата. Самиот ѕид, поставен на улицата „Фридрихштрасе“ во Берлин, предизвика емоции и реакции, што всушност беше интенцијата и самата идеја на проектот. Тоа што беше магично во овие два проекти, е тоа што никој не беше рамнодушен кон нив, од тимот до публиката. Низ нив ми се потврди сознанието за мојата заложба во уметноста - отвореност кон конфронтација, отворање кон нови размислувања за учмаените процеси во општеството.

Двата проекти зборуваат за сегашноста, додека предложениот проект за Венеција, ако ми дозволите да се навратам на таа тема, зборува за можната иднина, поради тоа тој крие и една блага утопистичка идеја за подобро утре за сите нас.

Сите национални павилјони на Венециското биенале, во последните години, покрај претставувањето на своите уметници и куратори, потенцираат учество и на еминентни дејци од интернационалната културна сцена. Дали и Вие го имате ова во план, во рамките на вашиот предлог?

Во последно време веќе слушнавме и читавме официјални и неофицијални објави на различни уметници за обезбедени покани за учество во колатерални изложби (како паралелна програма на Венециското биенале), потоа читавме и за конкретни изложбени простори, спонзорства, итн. но јас претпочитам да не ги откријам конкретните детали на проектот. Би можела само да прикажам основен вовед во него. Предлог проектот е под покровителство на една од најреномираните установи за ликовна уметност и култура од земјата, а тимот е составен само од жени, што беше моја заложба. Странскиот еминентен сооработник од областа на уметноста, во своето портфолио има бројни сооработки со светски уметници (како на пример Улај и др.) и веќе учествувал на Венециското биенале, како куратор на национален павилјон на Словенија а бил и директор на одделот за истражување на локации за проектот „НСК држава”, павилјон на познатата уметичка група ИРВИН. Доколку нè изберат за оваа манифестација, секако дека неговото искуство ќе придонесе со едно темелно знаење за процесот на развивање на проект, презентација и популаризација во рамките на биеналето.

Мојот предлог проект е во форма која се развива; првиот дел од проектот веќе беше изведен во Лондон во Калверт 22 галеријата и целта на проектот беше вклучување на теоретичари на социјалните соостојби и уметноста, како на пример Нина Пауер (Nina Power) активистка и теоретичар на политиката, културата, и феминизмот. Истовремено таа е предавач на Кралскиот колеџ во Лондон, автор на книгата „Еднодимензионална жена” и е редовен колумнист во „Гардијан“ и други списанија. Потоа Марк Фишер (Mark Fisher), кој за жал не е веќе со нас и кој има голем придонес во почетокот на ХХIот век, во областа на прогресивната политика и популарната култура. Марк, исто така беше и професор на Одделот за визуелни култури на Голдсмитс Универзитет во Лондон и е автор на значајни книги, како „Капиталистички реализам: нема ли алтернатива?”.

Теоретичарите на политиката, културата и уметноста, повикани за можното наше претставување во Венеција, од страна на нашиот концептуален сооработник, инаку самиот теоретичар и активист, еден од ретките кои пишуваат од теориска гледна точка за тековните политички и културни состојби во земјата, се на исто (дури ако смеам да кажам и повисоко) рамниште од учесниците во лондонскиот проект и во моментов се во центарот на виниманието на интернационалната културна и теориска сцена. Сигурна сум само нивното присуство во македонскиот павилјон ќе привлече меѓународно внимание, но тие не се само во улога на „промотори на проектот”, туку се интегрален дел на проектот, всушност „дел” од уметничкото дело, така што нивната улога во проектот е суштинска.

Верувам дека учество на еминентни надворешни културни работници е битно, првенствено поради можноста проектот да се здобие со поголема релевантност и секако поради искуството кое ќе се внесе во проектот. Во исто време сметам дека е потребно учество на македонски културни работници, зашто тоа е можност сите контакти и искуства да се вратат во земјата. Од тие причини, никогаш не би ја дала главната кураторската позиција на надворешен куратор.

„Странски јазик за почетници”, 2009 Нада Прља. Двојна видео проекција, 60 мин. Делото изведено и нарачано од Манифеста 8, изложено во Музејот на убавите уметности на Шпанија во Мурсија

Од уметникот се бара да обезбеди и простор како дел од апликацијата. Дали вие обезбедивте простор?

Да. Сооработувавме директно со една Фондација од Венеција, лоцирана во Канареџо, која ни обезбеди простор во времетраењето на Биеналето во 2019-та. Инаку самата Фондацијата поседуваа неколку изложбени простори во Венеција, но самите ни ја сугерираа капелата од ХV ти век која ја поседуваат, според мене овој простор визуелно прилега на проектот, но секако рано е да се зборува за ова.

Годинава учествувавте на изложбата „Ремастер - уметноста на реапропријацијата” во Кремс Кунстхале, каде вашето дело се најде помеѓу делата на Марсел Дишан, Мен Реј, Казимир Маљевич, Енди Вoрхол и други. Триесетина дела од оваа изложба беа „уметничка копија” од веќе постоечки дела, реафирмирајќи ги историските дела на уметноста, овие „уметничките копии” дадоа нова димензија и читање на постоечките дела. Зошто во вашата уметничка пракса го потенцирате навраќањето кон одредени уметнички дела или концепти од минатото?

На изложбата во Кремс Кунстхале ја претставив реапропријацијата на перформансот на Марина Абрамовиќ „Балкан Барок”, но тоа не е прв пат да работам со овој концепт на адаптација или ре-креирање. Едно од најамбициозните реапроприации на дело, беше исликување на графитите, дамките, итн. од моето дело наречено „Sидот на мирот” кое беше јавно изложено на 7-то Берлинско биенале. Имено, јавното дело во Берлин, додека беше изложено во 2012 година, беше прекриено со зборови и на поддршка и на негирање. За изложбата во „Вајт Кјуб“ галеријата (White Cube) следната 2013 година, со делото „Sидот на мирот, Реплика” го пресликав едниот ѕид на индивидуални панели кои беа донесени и инсталирани на еден од ѕидовите во галеријата, во димензија од 17метри на 4.5 метри. Кураторот на изложбата Адриано Педроза беше заинтересиран и го фасцинираше фактот колку уметноста има поголема моќ во јавниот простор, отколку во галерискиот, каде тоа добива само репрезентативен карактер.

Во делото „Sидот на мирот, Реплика”, враќањето хронолошки беше неопходно, со желба да се покренат прашања релевантни за уметничката практика. И со СИА галеријата во Скопје го имавме истиот концепт, навраќање кон историското минатото, на пример, модернистичката архитектура во Скопје, архивирањето како уметничко дело, итн.

„Sид на мирот”, 2012 Нада Прља. Делото изведено и нарачано од 7-то Берлинско биенале

Во нашиот предлог проект за македонското претставување на Венециското биенале, побарав изложување, во рамките на мојот проект, на избрани дела од 60-тите и 70-тите години, дела од еминентни автори од минатото од регионот, кои се дел од уметничка колекција на Музејот на современа уметност во Скопје, со намера да се потенцира праксата на уметниците кои живееле во времето на соцреализмот, но избегнувале подданичко творештво.

Мојот интерес за споредба на поранешните и сегашните општествено-политички и ликовни соостојби, претставуваат голем дел на моето уметничкото истражување. Интересот за учење од минатото и неговата инкорпорација во сегашоста, овозможува да живееме во „интересни времиња”, што е и насловот и главната тема на 58-то Венециско биенале, определена од главниот куратор Ралф Ругоф (Ralph Rugoff).

 

 Фотографии: архива на Нада Прља