Телескопот кој откри 2 662 планети

19.12.2018 01:54
Телескопот кој откри 2 662 планети

Илустрацијата која во последно време се шири во медиумите ја објави американската Национална администрација за вселена и астронаутика (позната под акронимот НАСА) во спомен на вселенскиот телескоп Кеплер кој не само што потврди дека надвор од Сончевиот систем и околу другите ѕвезди, исто така кружат планети, туку откри и вчудоневидувачки број нови светови. Имено, НАСА во вторникот на 30 октомври го исклучи и го испрати во заслужена пензија славниот ловец на егзопланети.

Телескопот Кеплер преживеа неколку дефекти во изминативе години, но сега најпосле остана без гориво. Затоа е оставен на слободен пат околу Сонцето. Кеплер е лансиран во мај 2009 година со план да изврши мисија долга три и пол години, но го снимаше небото и испраќаше пораки цели 9 години. За нашата планета да не му пречи во мисијата за лов на егзопланети, Кеплер не беше лансиран во Земјината орбита како многу други вештачки сателити, туку беше упатен да кружи околу Сонцето на малку подолг период и на одредено растојание од Земјата.

 

Вселенскиот телескоп Кеплер

Кеплер без сомнеж претставува една од најуспешните научни мисии во вселената воопшто – пред неговото лансирање во 2009 година едвај беа познати само неколку планети кои кружат околу другите ѕвезди. Според податоците кои ги објави НАСА, Кеплер речиси веднаш го удвои бројот на познати егзопланети, за во текот на девет години долгата мисија да го потврди постоењето на дури 2 662 планети.

За разлика од набљудувањето на самите ѕвезди, со помош на послаби или помоќни и најпосле, вселенски телескопи, ловот на планети е задача која има големи барања – заради сјајот на ѕвездите, речиси е невозможно да се распознае планета, па веќе три децении астрономите прибегнуваат кон мошне итар трик за да откријат дали има планети надвор од Сончевиот систем.

Имено, ако внимателно набљудувате некоја ѕвезда, ако го мерите нејзиниот сјај во времето, можеби ќе забележите дека сјајот незначително ќе опадне во одреден момент – тоа се случува кога пред неа ќе помине планета која донекаде ја засенила. Користејќи ваков начин на детекција, Кеплер снимил дури 503 506 различни ѕвезди и на Земјата испратил дури 678 гигабајти податоци за нивниот сјај. Врз основа на тоа море од информации, астрономите со анализа откриле илјадници нови планети објавиле дури 2 946 научни трудови.

По возбудливите години, малото парче метал и стакло сега е оставено да спие во непрегледното космичко пространство за да може, како и големите светови кои ги откри, само да кружи околу своите ѕвезди.

Насловна илустрација: NASA/Wendy Setnzel

Извор: http://naukakrozprice.rs

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото