Кон „Не одам никаде“

19.12.2018 03:26
Кон „Не одам никаде“

Кон „Не одам никаде“

(на Румена Бужаровска, во издание на „Или-Или“, Скопје, 2018)


Во последното прозно остварување насловено „Не одам никаде“, Румена Бужаровска нишани во проблемот на современото македонско иселеништво, и гаѓа во две мети истовремено: пошироката на македонското книжевно творештво и неговото бавење со овој феномен, и потесната на личниот книжевен опус и неговата поврзаност со овој феномен.

Во рамки на поширокиот книжевен контекст, темата за иселеништвото се чини сеприсутна, провлекувајќи се низ нашите книжевни дострели на места како архетип и предание („Силјан Штркот“), на места како драмски заплет („Парите се отепувачка“, „Печалбари“), или како интимни записи, животописи, патеписи (пример, „Земја на бегалци“). Сепак, оваа збирка раскази нуди ново исчитување на термините „иселеништво“, „печалбарство“, „јабанџиство“. Поточно таа до нив го придодава (иако не го спомнува ниту директно призива) сè позачестениот термин „гастербајтерство“ посветувајќи му должно внимание.

„Гастербајтерство“ се разликува од навидум сродните термини, по тоа што го изгубил благородниот „призвук“ па често се употребува во пежоративна смисла. Дополнително, „гастербајтерството“ го растегнал своето значење да опфати и состојба, но и начин на опстојба (битисување), и ментален склоп и своевиден медицински синдром. Се манифестира со вкочанетост, неподвижност и стаписаност во пресрет на брзо движење (како мигрирање во ново опкружување или забрзаната динамика на личното странствување). Со стагнација во очи на големи промени. Конзервативизам. Во краен случај, заостанување и примитивизам. Оттаму и насловот на книгата.

Во рамки на сопственото творештво, Бужаровска прави смел обид и дополнително го стеснува фокусот на пишување со ново тематско ограничување. Па така, кон темата на македонската жена во секојдневното патријархално општество, таа додава нова константа, а тоа е темата на гастербајтерството. На тој начин, гласовите во книгата (кои се пренесени во трето лице, но фокализирани во женскиот лик) се македонски, понекогаш иселенички, но секогаш гастербајтерски, поради преносната и буквална смисла на зборот. При тоа, авторката се погрижила да ги запази сите комбинации, па вметнала ликови од сите слоеви на македонското општество кои заминале во странство (заради професионална надградба, печалба или женидба како во расказите „Медуза“, „Чероки црвено“, „Цице“ и „Не одам никаде“, соодветно).

Или Македонци кои во нашето општество се соочиле со странци (повторно од професионални и приватни побуди, како во расказите „Вазна“, „Осми март“, „Капини“). Првото множество ликови имаат внатрешен конфликт поради отуѓеноста во надворешниот свет и неприфатеноста, неснајденоста и невклопеноста во новата средина. Втората галерија ликови имаат внатрешен конфликт поради сопствено потценување и туѓото преценување (кое варира од некритичко воодушевување и обожавање на егзотични странци, до слепа послушност кон супериорни и професионално надредени странци).

Сепак, за разлика од ликовите во претходните изданија, внатрешните судири на новите ликови не резултираат со предоминантно комични сцени. Поточно, овде смешното опстојува заробено во темнината на една длабоко црна комедија, а гротеската е заробена во рамки на тажни човечки судбини и животни трагедии.

Ова е можеби најмрачното издание, такво во кое ниту главните раскажувачи не можат сеирџиски или мајтапчиски да ги набљудуваат филмски изредените сцени (вистина изразот на Бужаровска се одликува со јазична економичност, ем графичка сценичност и филмичност).

Овој пат тие не остануваат рамнодушни и се вовлекуваат во приказната со понекој зајадлив или можеби огорчен коментар. И нарацијата е понемилосрдна, така што читателот често насетува страв и уплав од авторот, забрзано вртејќи ги страните во вознемирено исчекување на застрашувачката судбина на ликот.

И токму затоа приказните добиваат повеќекратен интензитет и нова длабочина. И удираат со сета своја јачина. На суровата македонска реалност поради странствувањето во сопствената и туѓи земји. На македонското гастербајтерство. Во таа смисла се издвојува расказот „Цице“, како сублимат на повеќе наброени теми и концентрат од различни емоции. Тој успева во реално време да ги преслика конфликтите на ликовите од книжевниот свет, во живописниот, интимен свет на читателите. Потоа, со минимален застој (таман колку едно нервозно прескокнување на срцето) конфликтите се распакуваат во спротивставени чувства кои опстојуваат едновремено како сомилост и одбивност, кон ликовите, но и кон нас самите.

И воопшто, Бужаровска преку вештата динамика и умешното водење на дејството, во своите раскази создава драмски експлозивни конфликти, оставајќи минимален простор за паралелно процесирање и рационално манипулирање на емоции. Постапката е минималистичка, наместа груба и сурова, но затоа емоцијата е секогаш автентична и сирова. Тоа се чувства кои можеби во мигот ќе ве распаметат, но служат за да ве опаметат. Можеби ќе ве изненадаат, шокираат, онесвестат, но служат за да ве освестат. И не се изненадувајте доколку при исчитувањето на расказите, се начекате во невротичен смев (во завршницата на „Осми март“) или невралгичен плач (вдолж и попреку од „Не одам никаде“ и „Цице“). Така изгледа едно исцелувачко катарзично празнење.

Слики: Danny Galieote

 

 

 

ОкоБоли главаВицФото