Собранието го изгласа законот за амнестија за нападот на 27 април

19.12.2018 03:53
Собранието го изгласа законот за амнестија за нападот на 27 април

Собранието со 95 гласови „за“ и без ниеден „против“, вчера го донесе Законот за амнестија за организираниот напад на Собранието на 27 април 2017 година. Кон групата пратенци и предлагачи се приклучија и пратеникот Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ заедно со Панчо Минов од ГРОМ.

Лидерот на Алијансата за Албанците Зијадин Села и лидерот на ЛДП Горан Милески ја напуштија салата кога почна гласањето.

Пратеникот од независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ Зеќир Рамчиловиќ го образложи Законот за амнестија и рече дека „овие 2 години беа тешки, можеби најтеши во историјата на праламентаризмот и со овој Закон, наредните 2 години треба да ги релаксираме односите“.

Веднаш по неговото образложение пратениците го изгласаа Законот. За законот за амнестија покрај парламентарното мнозинство, гласаа и пратеници на ВМРО-ДПМНЕ.

Со Законот за амнестија нема да може да бидат амнестирани: организаторите и подготвувачите на нападот на Собранието за кои има основани сомневања, лицата кои извршиле физичко насилство, лицата под фантомки, лица кои носеле оружје и експлозивни материи и службени лица кои ги пречекориле овластувањата. 

Барањата обвинетите ќе може да ги поднесат во рок од 5 дена по носењето на законот.

Во Законот не се споменува амнестија на нарачателите, за кои сè уште се води предистрага во обвинителството за организиран криминал.

Извор: time.mk