Песна за стравовите

19.12.2018 14:39

Не се плашам да бидам обземена од
Стравовите на медиокритетството
Познати, нашироко и долго експлоатирани
Изабени стравови
Истрошени
Коишто не ја цимаат суштината
Не се плашам од општите
Места на стравот
Измислувам свои, оригинални, непознати
Се плашам од оној исконскиот
Дека ќе го видам
Бог во себе
И ќе се заљубам во него
И ќе дојде касиерката
Да ми рече да платам
Да го платам митот за Нарцис
И Сизиф, и Тантал
Светото трио од моето детство
Потоа,
Нема да знам
Што со него
Што со него ваква
Каква што сум сега
Во полупрофил, малечка, згужвана
Не дозволувајќи
Никој да ми придаде важност
Повеќе или помалку
Од онаа
Врз која самата сум восредоточена, тажна
Со недоверба кон човечките немоќи
Загледана во амбисот
Што го ѕиркам
Зад хоризонтот
На она што не сум
Успорен, речиси замрзнат пејзаж
Некаде таму далеку напред
Каде што сакам се изедначува со можам
Залинкана овде
Каде што сите негации
Орото го водат
Оттаму, кога ме прашуваш
What are you afraid of?
Од што се плашам?
Дека еден ден ќе истрчам по гаќи
На јавно место
ќе прочитам некое соопштение на
вселенскиот собор
и при последната буква ќе повратам
на сцена
Облечена во тренерки
Се плашам ќе го направам
Она што абрамович марина
Го направи многу одамна
Кога рече дека не сака да има дете со Човек
Се плашам дека царскиот абортус
овојпат ќе ми го направат
На плоштад
Во близина на фикус
И некој разд‘ткан лав
Којшто ќе рецитира историја
Додека холограмски
Ќе се проектирам
Од кромањонската пештера
Во перформанс на јутјуб.
Никој нема да знае дека сум јас
Ќе бидам гола
Ќе бидам скелет на хомо тјуб
Ќе бидам неписмена, аутистична и непотврдена
Од ниту едно министерство за надворешни работи
Мојот пасош ќе биде
Делче од мојата цревна флора
Додека чекам
Некој странец да ја отстрани фауната
На среде село
И се плашам дека на промоцијата на
Новата зоолошка
Нема да можам
Да си ги идентификувам
Сопствените стопала
Се плашам дека ќе одлетам
Од несреќниот плоштад
Како балон што некое дете
Ќе го пушти во атмосферата
А јас ќе мислам дека сум јас
Од мислењето најмногу се плашам
А во присуство на луѓе
Добивам и панични напади

 

Слични содржини

Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна

ОкоБоли главаВицФото