Пансион кај Орбан

20.12.2018 02:21
Пансион кај Орбан

Кога некој има огромна моќ, мора да мисли на неа. Што да прави со неа? Сè најлошо што знае и најдобро што не знае, сè освен своеволно да се откаже од неа.

„Моќта е создадена за да оној што ја има ја чува со страв и ја губи со олеснување!“ Така зборуваше Агрипа, восководецот и советникот на многу римски цареви. Во неговото искуство моќта и главата се губеле истовремено, иако власта се грабала токму во склад со суровите правила на владеењето и наспроти нив.

Не знам дали доликува од големото царство какво што беше римското да се вратам во денешниот Балкан, кадешто има многу повеќе престоли отколку што е пристојно? Разгоропадените „големци“ кои нивните заедници ги држат на престолите, главно се безначајни неработници и продавачи на магла недостојни за каква било чесна работа.

Го видовме побегнатиот поранешен премиер на Македонија, Никола Груевски, како осамен талка по улиците на Будимпешта, откако во последен миг побегна од туѓото славно античко и своето криминално минато. Ќе бидат потребни многу години, ако е тоа воопшто возможно, Скопје да се ослободи од ужасната и грда инвазија на споменици на александри и филипи, лавови, дорски и јонски столбови, кои не потпираат ништо, освен погубниот провинциски кич и амбицијата на малиот Никола на трусното скопско подрачје повторно да подигне туѓо, срушено царство.

Не му дадоа да доврши сè што имаше наумено. Еден ден пред да побегне доби пристоен повик, заради бројните злодела, да ја задолжи скромната соба во скопскиот затвор Шуто Оризари, скратено Шутка.

Тој Никола, не е само пријател на Орбан, туку пред сè пријател на Вучиќ според разбирањето на лудачкото сèвластие, побратим во проекциите на монструозната архитектура. Чудно како не доби азил овде во Србија, туку мораше да оди дури до логорот на Орбан, ограден со бодликава жица.

Во време на оние тепачки во Собранието на Македонија и последни обиди за спасување на редовите на Груевски, среде салата се беше нашол човекот од доверба на Бата Гашиќ, тајниот српски агент на јавна задача. Своето присуство таму кадешто не смеело да биде, тој го објасни со луцидната реченица: „Си одам јас по улица, слушам некоја врева, гледам гужва, па си реков ‘ајде да видам што е работата...“

Се сеќавате, тогаш Вучиќ огорчено зборуваше за разни балкански аналогии кои би можеле да го заразат Белград, најчесто жалејќи се на „македонското сценарио“. Но, тоа сè уште не се случило, тоа сценарио, едноставно нема никаква врска со нас. Она што ќе треба да се случи, ќе биде само наше, ако што било од сето тоа може да биде сосема оригинално. Но, овде не станува збор за моделот на падот. Во конечниот биланс, неизбежно е распаѓањето на она што не вреди.

„Соблечете му ја одорота на владетелот, тргнете му а стражата, исфрлете го од палатата, одземете му сè што присвоил, жигосајте го како проклет битанга. Од него ќе остане само гол, сирот будала. Она што бил и претходно!“

Така во некои свои белешки за формата и суштината на власта, пишувал славниот угурсуз и мизантроп Емброуз Г. Бирс. Дали овој негов став може да се разбере само како слика на личниот однос кон владетелите, или како портрет на некој само нему познат, јаден будала, не е познато. Но овде многу работи може да се препознаат како дел од самодржавничкиот универзум, од кадешто дознаваме дека всушност не постои тајната на моќта. Сè е само привид, кој го чуваат авторитетот на заробената држава, керберската форма, мафијашката суштина, богатството и стравот.

Но, ајде повторно да појдеме до Будимпешта. На конак или пансион кај Виктор Орбан, четирикатниот граничар на Средна Европа, се најде бегалецот „оф леле, леле“ кој лично ја докажува онаа илустрација на Бирс за голата власт пост фестум. Што ќе прави тој во Будимпешта? Ако не зел доволно пари, ќе мора да очекува од домаќинот да му удели некоја платичка за гол живот. Орбан не ги сака дојденците, неговата ксенофобија не може да се измери, којзнае што може да се случи за неколку месеци: Слушај, а бе кој е оној никаквец со црвена јакна?“

Сепак, суштината не е во судбината на еден, лично безначаен пропалитет, кој на чуден начин се нашол на врвот и природно слетал во калта. Што ќе се случи со новите кандидати за спасување со бегство? Дали „големиот пријател на нашиот народ“, Виктор Орбан би имал барем уште едно место?

Во овој момент, отворањето на нов бунгалов за опасните балкански штеточини кои би морале да се провлечат низ жицата на Орбан, изгледа прилично далечно. Не верувам дека човекот е расположен да си прави колекција на познати битанги. Алтернативата би можела да биде полоша: судење пред чесен суд, при што неопходен е оној превентивен третман што опишува Бирс.

Далеку сум од помислата да поттикнувам кого било под закана на правдата да бега од овде. Тоа секој на којшто се однесува ова ќе го процени и направи сам, или пред неодоливите аргументи на побунетата улица, ако има среќа да не го фатат пред тоа.

Од своите резиденции во доживотно прогонство побегнаа Иди Амин Дада, сопственикот на Уганда; царот на Централноафриканската Република, Бокаса; диктаторот на Либерија Семјуел Доу; владетелот на Гана, Џери Ролингс. Списокот е долг, ова се само егзотични примероци на вечни диктатори.

И сега никола Груевски е меѓу таа елита на цареви, последниот крал на Шкотска и неописливо харизматичниот офицер Ролингс. Прв повоен европски премиер кој побегнал од главниот град и од својата држава, која претходно грижливо ја унакази.

Барем на своите пријатели им го покажа патот по кој поретко се оди, но се стигнува.

Слики: Свирачиња

Извор: Peščanik