Од југоносталгија до југоамнезија

20.12.2018 02:48
Од југоносталгија до југоамнезија

Во годината кога се навршуваат два значајни јубилеи, поврзани со нејзиното име, меѓу кои и сто години од првичното основање на Југославија, овој прилог, можеби, е најдобро да отпочне со непристрасен и објективен суд, каков што ѝ е својствен на рамнодушно-неутралната историја и историчарите:

„Без разлика на тоа од кои позиции и намери (ќе) размислуваме за Југославија, неминовен е заклучокот дека таа беше рамка за еманципација и модернизација на сите југословенски народи... Југославија беше најсериозниот модернистички зафат на овие простори, а сето она што се случуваше од осумдесеттите наваму и денес, во својата сушност е антимодернистичко и нè враќа цел век наназад“ – вели историчарката Мари Жанин Чалиќ (непосредно спомената и во воведот на пригодното интервју со Радина Вучетиќ, „За што говориме кога зборуваме за Југославија“).

Па сепак, во текот на изминативе речиси триесет години, еден од најнепожелните атрибути за ефектна и брза дискредитација на нечиј лик и дело ширум регионот (лицемерно означен и преку бесмислената синтагма „бивши простори“) – беше токму детектирањето на „дијагнозата“ југоносталгија!

Таа функционираше (но и сè уште служи како) стигма од прв ред, идеолошки проскрибирана емотивна (афективна) категорија за делотворно обезвреднување на нечиј поглед, став, вредносен суд.

Гледано од психоналитички агол и нему примерениот жаргон, југоносталгијата прерасна во своевидно сениште, што треба да се шутка и ишка од себе – така што оваа (инаку, од психолошки аспект, сосема легитимна) афективно-сознајна категорија, неопходна за интеграција на личноста со своето минато, по сила на барањата, наметнати однадвор, од страна на политичката конјуктура, доживеа принудна амнезија и во тие рамки почна да се третира како Unheimlich – синоним на нешто, порано блиско, но сè повеќе оттуѓено, оддалечено и, згора на тоа, зачинето со (фантомска) закана.

Ваквиот, политички индуциран однос на одбивност кон сè што содржи елемент или квалитет (макар само и на културно) југословенство во себе, покрај останатото упатува на своевиден Едипален однос или комплекс – содржан во одрекувањето и негирањето на родителскиот авторитет, интегритет и идентитет (на Југославија од страна на нејзините новосоздадени подоцнежни политички „деца“ од држави).



Следствено, пост Ју политичката конјуктура (а, за жал, и голем дел од културната сцена) во изминативе три децении вештачки произведе една повеќе лимитирачка отколку ослободувачка и конструктивна редукција на идентитетите. При тоa, за разлика од претходната плурална и хибридна определба, многуслојност и множественост – во новонастанатите политички прилики, идентитетите (механички) тежнееја кон наративот на принудната монолитност, фрагментарност, линеарност – а, со самото тоа, се соочија и со понагласена кревкост и изложеност на евентуални негации и оспорувања (токму од оној тип какви што најмногу претрпе и доживеа Македонија во текот на претходниот, но и сè уште актуелен период).

Покрај тоа, се засили и процесот на провинцијализација, чувството на клаустрофобија, задушување и тескоба, поради стеснувањето на поранешниот (мулти)културен и вредносен ареал, односно расцепкувањето на дотогаш далеку пошироката сцена и публика за сопствена творечка верификација.

Задушливата парохијалност, во која западнаа регионалните култури, стриктно омеѓени во сопствената, национална и претежно локална вредносна хиерархија – кај одреден број автентични интелектуалци, уметници, писатели неслучајно предизвика чувство дека ги снашол или западнале во своевиден егзил:

„Сите ние по распаѓањето на Југославија се најдовме во состојба на егзил – без разлика на тоа дали навистина сме заминале и сме ја напуштиле земјата, или и натаму сме останале во неа“ – признава Дубравка Угрешиќ – споделувајќи го овој радикално искажан став на нашиот Горан Стефановски, што инаку и самата егзистенцијално го запечатува и отворено го поддржува во својот најнов прилог, посветен на музеализацијата на Југославија.

Иако ова сознание за сопствената (суштинска или судбоносна) апатридност (што, заедно со Горан Стефановски и Дубравка Угрешиќ, го споделуваат и други писатели, како Данило Киш, Слободан Тишма, Димитрие Дурацовски, Александар Хемон), секако дека умее да биде творечки продуктивно (како што е тоа случај и со многу други писатели од светот, од типот на Томас Бернхард, Емил Сиоран или Кафка, на пример), во појдовна, егзистенцијална смисла, таа појдовна „изместеност“ бездруго знае да биде мошне нелагодна, непријатна и да исходува со чувство на неизлечива, трајна невдоменост.

Наспроти, помалку или повеќе, проскрибираната лојалност или, макар, љубопитност кон екс-југословенското културно и книжевно наследство, но и актуелната продукција на овие простори, со време, лека-полека почнаа да се создаваат реални претпоставки за негова нова реституција, толкување и обнова на меѓукултурниот дијалог.


Имав ретка можност и привилегија, во периодот од 2005 до 2016 година (по предлог на Лилјана Дирјан и заедно со Роберт Алаѓозовски), да станам дел од редакцијата и при тоа да учествувам во конципирањето и работата на регионалното списание „Сарајевске свеске“ – кое беше и значеше многу повеќе од (само уште една) книжевна публикација. Со своите симболични педесетина броеви (интересно, колку што политички траеше и втората, Авнојска Југославија), „Сарајевске свеске“ беа проект што недвосмислено ја покажа и потврди виталната врска и постоечката спрега меѓу пост-југословенските книжевни и културни врски, но и насушната потреба од обнова на љубопитството и дијалогот меѓу нив, односно неопходната реафирмација на нивните академски истражувања и заемните (интертекстуални) односи.

Најголемата заслуга за покренувањето и одржувањето на ова списание во живот секако ѝ припаѓа на Војка Смиљаниќ Џикиќ, чие биолошко заминување, за жал, предизвика и застој во печатењето на нови броеви и изданија. Од друга страна, не помалку е значаен и симболички важен фактот што нашите „Тетратки“, ни помалку ни повеќе, беа иницирани и поддржани токму во и од Сараево, градот, кој ги преживеа најголемите воени разурнувања и човечки загуби, предизвикани од суровата граѓанска војна, што (служеше за тоа) дефинитивно да ја „закопа“ можноста за опстојување и поддршка на натамошната југословенска солидарност!

Овие илјадници страници, внимателно испишан и селектиран текст, распослани по реномираните (славистички) библиотеки низ светот, а, во меѓувреме дигитализирани и достапни и преку Интернет, самите по себе се речита потврда за она, што, без нималку иронија, може да се нарече YUtopia – алудирајќи на сосем легитимната ре-апропријација на сопственото, комплексно устроено и предназначено како (објективно) југо-културно наследство, од една страна – како и нужната рехабилитација на автентичната идентитетска многуликост, што ја споделуваат сите овие литератури и култури, кои повеќе нема потреба да страхуваат и бегаат од она што е нивна суштинска предност и богатство!

Отаде, оваа пригодна кованка YUtopia може да се толкува и како перспектива на (идно) себепрепознавање и себе-идентификација на сите (екс- или пост- југо) литератури и култури, врз основа на нивното заеднички споделено, објективно постоечко, културно (книжевно) искуство, но и врз основа на недвосмислената идентитетска сличност и комплементарноста што владее и неизбежно се препознава меѓу нив (а која позитивно ја сведочи дури и еден пост Ју скептик, каков што е Миленко Јерговиќ).

Пост-југословенските литератури и култури се најголемиот подвижен и „жив“ музеј, што ја потврдува недвосмислената (интер)културна и типолошка сродност – но и изворната комуникативност, или дијалогичност меѓу споменатите литератури и култури, иманентно поврзани и упатени едни на други - преку неоспорната јазична сродност, како и автентичната блискост во менталитетот и сензибилитетот, односно заеднички споделеното искуство во траење од (не само) половина век и повеќе, што за многумина (меѓу кои, бездруго, спаѓам и јас), воедно значеше и обележа половина (и повеќе) од нивниот животен човечки век.


Скулптури: Yoshitoshi Кanemaki

Референци
1. O cemu govorimo kad pricamo o Jugoslaviji, Интервју, Vreme, br. 1408, 28 decembar 2017
2. Dubravka Ugresic: Konfiskacija kulture, Radio gornji grad, 12 prosinac 2018
3. Миљенко Јерговиќ: Во Југославија бевме послободни од сега 
„Не постои меѓу нас културна соработка... но, тоа не постои затоа што постоеше Југославија, туку поради нашата фатална сличност: јазична, културна и менталитетна. Тоа постои од истите тие причини од кои тука се водеа војни. Имено, нашите војни никогаш не беа водени затоа што ние премногу се разликуваме, туку затоа што недоволно се разликуваме. Војните се водеа за воспоставување, за создадавање поголеми разлики“.

 

 

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото