Во рајот е добро, ама во пеколот е екипата

20.12.2018 14:39
Во рајот е добро, ама во пеколот е екипата

Има ли збор на хрватски за она кога нешто не само што ти е толку добро што уживаш во секоја секунда, туку и постојано те бомбардира со толку работи од сите страни, што едвај стигнуваш сѐ да фатиш? На англиски е тоа overwhelming, а на хрватски... штознам – „преплавување“ е веројатно најблизу, макар што ни тоа не е баш тоа?

Главно, тоа е чувството што го имав додека ја гледав последната епизода од The Good Place, во која... уххх... Како воопшто да го објаснам тоа со што помалку спојлери?

А не знам, еве, можам да пробам! Па, ајде да речеме дека наши главни јунаци се четири покојни човечки души и два нечовечки ентитети што ги следат по патешествијата во задгробниот живот. И додека нечовечката двојка во споменатата епизода ја испитува ситуацијата во бирократскиот лимб во кој се определува кој од мртвите ќе оди во рајот, а кој во пеколот (кои во серијата не се викаат така, туку се Добро место и Лошо место), човечката четворка се крие во Празнината во еден од споменатите ентитети, при што сите попатно мораат да ја преземат нејзината форма... Сето тоа, плус предавањето за концептот на личниот идентитет според учењата на Џон Лок, Дерек Парфит и Дејвид Хјум!

А сѐ почна толку едноставно. Во воведната епизода на The Good Place, Еленор Шелстроп (фантастичната Кристен Бел) умира и завршува во Доброто место, во задгробна утопија налик на рај низ која ја води натприродното битие наречено Мајкл (уште пофантастичниот Тед Дансон). Со детаљот дека Еленор со својот нималку примерен живот и не заслужила баш вечност во Доброто место, па завршила таму по грешка, за што не е свесен никој освен неа – или барем од прва така изгледа.

Во Доброто место потоа почнуваат да се случуваат необични инциденти, за потоа Еленор да запознае уште три покојни души што исто така се натрапници... И така лежерно се развива приказната во пресрет на големиот пресврт во финалето на сезоната, за тогаш да се стисне на педалата за гас: нема да помине ни четвртина од втората сезона, а веќе ќе се изврти сето она што би очекувале дека ќе се молзе уште барем пет-шест епизоди, а разгледувањето на филозофско-етичките прашања веќе не е преокупација на еден од главните ликови, туку станува еден од клучните елементи на серијата, која сега покрива сѐ од Сократ и Аристотел до деонтологија и утилитаризам.

Ако уште не сте ја гледале The Good Place, нека не ве уплаши ова: серијата им пристапува на филозофијата и етиката на начин питок и сосем разбирлив за лаикот (и тоа лично ви го гарантирам како некој што еднаш пробал да ја чита Mille Plateaux и се откажал по неколку страници со заклучок: „Јас сум преглуп за ова LOL!“). The Good Place е пред сѐ натприроден ситком, кој ви го држи вниманието со паметниот хумор и возбудливото дејство и дури потоа, покрај тоа, ви сервира поп-филозофија во нејзиното најдобро издание, она кога е пристапна секому, без притоа да се жртвува комплексноста на материјата.

Што се однесува до квалитетот на хуморот, доволно е да се каже дека зад серијата стои Мајкл Шур, творецот на американскиот The Office, Parks and Recreation и Brooklyn Nine-Nine. Но, тоа се сѐ серии во кои горе-долу секоја епизода има своја засебна, заокружена приказна и ги гледавте поради шегите и ликовите – за разлика од The Good Place, кој над тоа има и страшно интересна приказна што продолжува и се надоградува од епизода во епизода, од кои секоја завршува со cliffhanger во манирот на Lost (со чиј автор, Дејмон Линделоф, Шур, впрочем, и се консултирал додека ја подготвувал првата сезона на TGP).

Не можам да се сетам на ниедна друга серија то толку добро функционира и како врвен ситком и како врвна мистерија, истовремено. Па, морам да признаам, по малку се плашев кога се покажа дека Еленор и друштвото во третата сезона ќе им се вратат на своите земски животи. „А-а-ама јас сакам да знам повеќе за Доброто место и за Лошото место, што ќе ми е стварноста кога тоа го имам и дома, кому му е гајле за досадната и глупава ЗЕМЈА!!!“, тивко си залелекав во себе.

Но, пак, првите две сезони од TGP беа толку беспрекорни, што имав доверба во авторите на серијата дека знаат што прават – и не ме разочара. TGP, на крајот на краиштата, до третата сезона веќе толку ги имаше разработено ликовите и нивните меѓусебни односи, што оддалечувањето од high concept лудориите нималку не ми падна тешко, напротив. А и тоа оддалечување, секако, беше само привремено, па така во десеттата епизода ја напуштивме Земјата, се вративме во задгробните сфери...

И ја добивме Janet(s), една од нај-нај-најдобрите епизоди на TGP. Една од оние кога TGP целосно се распиштолува, како до крајни граници да тестира што сѐ може да се набута во една единствена ТВ-епизода од дваесет минути – world-building, хиперзгуснато дејство, пресврти, брзопотезни визуелни гегови, филозофски лекции, неочекувано трогателен климакс, world-destroying – а без да се изгубиш додека гледаш, да се заврти во глава колку што може да ти се заврти, а притоа да не ти стане лошо. Точно е дека третата епизода од втората сезона, Dance Dance Resolution веројатно ќе остане шампионка во тој поглед, ама Janet(s) е повеќе од импресивен кандидат за сребро и ултимативна потврда дека серијата не е отидена во бестрага (или не прескочила ајкула, што би рекле Америте), како што некои фанови знаеја да мрчат на почетокот на оваа сезона.

И како сето тоа да не беше доста, епизодата завршува со еден од најнаострените cliffhangers досега: на самиот крај од Janet(s) доаѓаме до нешто до што требаше да дојдеме уште во... па, во првата епизода од серијата! Можеби е малку блесаво што сум толку таинствен кога TGP е сега веќе толку популарна, што се сомневам дека ова го чита повеќе од грст луѓе што не ја гледале, ама, ете, не сакам дури ни на тој грст луѓе да им го расипувам задоволството од идното гледање, ниту малку. И срдечно ги повикувам да ни се придружат! Зашто, којзнае, можеби рајот е навистина измама за крајот – ама можеби и најдобрите епизоди се пред нас.

Извор: www.kulturpunkt.hr

Превод: Ѓ.З.