Градина

20.12.2018 16:10

На Лилјана Дирјан (1954 – 2017)

Ми идеш на сон седната под водопад

од ѕвезди и ми велиш намуртено:

„Што бараш ти тука?

Зарем и ти се пресели

од твојата сончева градина

во оваа сенишна прашума?“

 

„Не, јас го превртев сал мракот во ден,

минатото во сега, ко песочен часовник,

за ситно да сее време и гласови, сѐ дури

зборовите од твојот секнат бунар

не исцедат јадри капки бистра вода

во кои пак ќе се капе сончевиот лач.

 

Ги испеглав езерските далги

во крупни ленти тешка свила

и посеав нови алги долж брегот

за мастило со кое врз неа ќе пишуваш

стихови отаде заборавот-волк –

тој молчалив демнач низ годините.

 

Ти знаеше дека песната не се раѓа

за ропство во занданите на зимата.

Ја грееше в пазуви ко свилена буба,

ја учеше да лета ко ластовица, ја селеше

во приемчиви градини. Сега идам тука

со скромна понада за тебе од мојата:

 

кадарните ги бирам ко зрели плодови,

некадарните не! – ги плевам ко троскот,

ги требам ко гниди за спас на денот

со моќна нежност што иде од глаголите

и именките за часовите во него

да ги направам подносливи пред ноќта,

 

пред љубопитниот лик да ми се нурне

во стапалките на тие што веќе заминале

и зад себе оставиле несетена,

                                  невкусена,

                                       немерлива

                                             невиност“.

 

Слични содржини

Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна

ОкоБоли главаВицФото