Поуки од либерализмот од ерата на Студената војна

21.12.2018 01:28
Поуките од либерализмот од ерата на Студената војна

Ајзеа Берлин

Либерализмот е во криза, ни велат, изложен на напади од популистичките и авторитарните сили во подем и од лево и од десно. Велат, центарот попушта. Но ако либералната демократија е во опасност зошто не се повикуваат напомош големите бранители на „отвореното општество“ како што беа Ајзеа Берлин, Артур Шлезингер јр., Карл Попер и Рејмонд Арон? За очекување е денешните либерали да се повикуваат на овие робустни мислители на либерализмот од периодот на Студената војна. Сепак, иако не се заборавени, нивните имиња ретко се слушаат во денешните дискусии. Интересен исклучок кој го потврдува правилото е минатогодишната пофалба на Ајзеа Берлин од страна на ирскиот министер за финансии зашто му помогнал да излезе на крај со „политиките за данокот на добивка кои бараат многу“. Тоа секако не беше употреба на Ајзеа Берлин како бедем пред популизмот кој доаѓа.

Во либерализмот од периодот на Студената војна има многу нешта кои можат да бидат од корист за нашиот историски момент. Тогашните мислители знаеле дека прогресот не е загарантиран. Самокритично ги прифаќале обвинувањата упатени до капиталистичките демократии од дваесеттите и триесеттите години од 20 век. Постулатите кои ги скицирал Шлезингер во својата влијателна книга Витален центар од 1949 не биле производ на обичен прагматизам или потрага по среден пат помеѓу крајната левица и десницата. Овие мислители граделе принципиелна политика на слободата која им одговара на потребите од 20 век. Тој проект суштински е различен од обидите на денешните дезориентирани центристи превентивно да ги имплементираат програмите на популистите – на пример, циничниот повик на Хилари Клинтон упатен до Европа да ја прекине помошта за бегалците, зашто проблемот на миграцијата ги јакне популистичките сили. Од ова произлегува дека политичките противници можеме да ги победиме така што ќе ги имитираме. Постарата генерација либерали не паѓала толку ниско.

Очигледна причина за изоставувањето на либералите од периодот на Студената војна од денешните дискусии е тоа што Студената војна пред сè беше голем конфликт на популистичките наративи. Берлин и Арон ги осудувале тоталитарните утопии од 20 век како „опиум за интелектуалците“. Популистите не нудат никакви утописки програми и не веруваат во историски детерминизам како комунистите. Впрочем, популизмот не содржи никаква посебна идеологија или доктрина, без разлика дали е од левицата или десницата. Наместо тоа, популистите тврдат дека тие и само тие ги претставуваат „обичните луѓе“ или „тивкото мнозинство“ во чие име ја негираат легитимноста на политичките противници кои ги осудуваат како корумпирани и „расипани“.

Берлиновата и Ароновата критика тука е неприменлива зашто популистите немаат интерес за привлекување интелектуалци или заведување со големи идеи. Наместо поглед напред во посветла иднина, популистите, особено оние од десната струја, го повикуваат фантазиското минато на хомогено чистиот народ. Впрочем, популистите сите политички прашања ги сведуваат на едно – на прашањето за припадноста, на тој начин инсинуирајќи дека оние кои не го споделуваат нивното сфаќање за народот, не му припаѓаат на тој народ. Оние кои ги критикуваат ги прогласуваат за предавници. Тоа објаснува зошто еден десничарски популист како што е унгарскиот премиер Виктор Орбан истовремено ги напаѓа „либералните елити“ и ранливите малцинства.

Артур Шлезингер

Од друга страна, Трамп ги обвинува своите противници за „предавство“ и „непатриотско однесување“. Во говорот што Трамп го одржа во Варшава, реторичкото прашање: „Дали имаме доволно вера во своите вредности за да ги браниме по секоја цена?“ звучи како цитат од времето на кулминацијата на Студената војна. Интересно е што веднаш потоа постави уште едно прашање: „Дали имаме доволно почит за нашите граѓани за да ги заштитиме нашите граници?“ Така создаде слика за светот во кој вистинските Американци секогаш се загрозени од караваните блискоисточни терористи и луѓето од Јужна Америка кои можеби ќе добијат државјанство, а би можеле да бидат внатрешен непријател.

Бидејќи се соочувале со тоталитаризам а не популизам, либералите од периодот на Студената војна инсистирале на плурализам. За нив тоа бил плурализам на интереси, што е темел на конвенционалната одбрана на демократијата од средината на 20 век, како систем кој на различните групи на интерес им овозможува ненасилна конкуренција. Тоа бил и плурализам на човечки вредности и она што Шлезингер го нарекувал „вистински културен плурализам“ типичен за демократското општество. Мислителите како Берлин и Попер нагласувале дека утописката држава не може да го реализира проектот изграден на вредности без загрозување на правата на поединецот чии вредности се разновидни и често во меѓусебен конфликт. Тој принципиелен плурализам со повик за почитување на различноста на поединците и групите, исто така покажува зошто е опасна популистичката идеја за унитарниот народ.

Либералите како Шлезингер настојувале да изградат „борбен дух“ потребен за одбрана на виталниот центар. Влегувале во конфликт на идеи, верувајќи дека и на тој начин ќе дојде до појасна формулација на сопствените идеали. Берлин еднаш рекол: „Подраги ми се језуитите од безгласните луѓе со добра волја. Во конфликт со језуитите човек барем знае на што е и секогаш го држи мечот изваден“. Сепак, во некои други прилики Берлин советувал умереност и предупредувал дека на политичката „вера“ не мора нужно да се одговара со „против-вера“ и дека фанатизмот не е единствениот одговор за фанатиците.

Двата либерални ставови – подготвеност за „добра борба“ за да се афирмира сопствениот идентитет и залагањето за умереност – денес се проблематични. Бидејќи популизмот не нуди кохерентен систем на уверувања, не постои „против-вера“ од типот на Шлезингер; во секој случај, либералите би требало своето кредо да го дефинираат без помош од своите непријатели. Настапувањето од позиција на центарот или умереноста може да биде атрактивно единствено ако е можно уверливо да се покаже дека двете крајности се подеднакво опасни. Освен тоа, нема директна симетрија помеѓу десниот популизам и она што се опишува како популизам на левицата. Можеме да не се сложуваме со нивните предлози, но факт е дека Берни Сандерс во Америка и Џереми Корбин во Британија не се антиплуралисти. Можеби се залагаат „за многумина, но не за малубројните“, но тие немаат идеја за чист народ. (Тоа не значи дека антилибералниот популизам не може да се пронајде и на левицата: катастрофалниот „социјализам за 21 век“ во Венецуела е очигледен пример.)

Карл Попер

Практично е заборавено дека јакнењето на некомунистичката, несталинистичка левица (која Шлезингер ја нарекувал „слободна левица“) придонела и за Шлезингеровата одбрана на центарот, а не потрагата по среден пат помеѓу радикалната левица и десницата или рамнотежа на двопартискиот систем. Берлин и Попер практично биле социјалдемократи и тврделе дека социјалната држава е неопходна ако сакаме пристојно општество. Шлезингер ја критикувал „тиранијата на неодговорната плутократија“ и барал демократска контрола над економијата. Либералите од периодот на Студената војна оттука суштински се разликуваат од луѓето како Хаек, заколнатиот непријател на социјалдемократијата и главен инспиратор на конзервативното движење во Америка и тачеризмот во Велика Британија.

Од обидите за зајакнување на умерениот центар нема да биде од корист ако тие обиди не се втемелени на цврсти принципи, а не само на неуверлива идеја за одржување еднаква дистанца кон двете крајности. Популистите беснеат заради „глобализмот“ и „отворените граници“. Но, кој е за сосема отворени граници? Заговорниците за тотална глобална правда и сосема слободен проток на луѓе ретко се среќаваат и на универзитетите. Кога Попер го бранел „отвореното општество“, тој се противел и на доктринарната нетолеранција и трибализмот; неговиот аргумент е епистемолошки и не се однесува на имиграциските политики. Тој се залагал за отворени умови, а не за достапни територии. (Сепак, либералите од времето на Студената војна биле наклонети кон прифаќањето бегалци; нивниот либерализам е близок и до едно постаро значење на либералноста како широкоградост.)

Се чини дека меѓу либералните интелектуалци од стариот ков, Ајзеа Берлин најмногу би можел да придонесе во популистичката културна војна за националниот идентитет. Тој бил посветен ционист и голем симпатизер на национализмот. Ја нагласувал човечката фундаментална потреба за припаѓање, а многу од идеолошките ексцеси од 18 век па наваму, ги објаснувал повикувајќи се на „состојбата на повредена свест“ како непочитување на врежаниот начин на живот заради притисокот на либералната космополитска култура.

Рејмонд Арон

Зборовите како што се „гнев“ и „ресантиман“ рутински се користат во современите коментари на популизмот, при што овие дијагнози се даваат гадливо и од височина. Тоа раздвојување на емоциите и разумот ја загрозува сериозноста на јавната дебата. Најпосле, луѓето никогаш не се бесни без причина. Од друга страна се јавува вишок емпатија и автоматско прифаќање на сè што ни сервираат разни демагози. Во обидот да разбереме (Берлин за тоа го користи зборот Einfühlen како процес на идентификација со мислите и емоциите на другиот) ние покажуваме премногу разбирање. Оној кој разбира сè веројатно и сè ќе прости. Опасни се тврдењата на некои политички лидери дека сосема ги разбираат пораките на „обичните луѓе“ (на германски Populismusversteher). Стана општоприфатено дека популистите ја откриле вистината за она што се одвива длабоко во нашите општества, а потоа политичките партии почнале да постапуваат во склад со таа наводна „вистина“, на пример за објективната нетрпеливост кон странците и имигрантите меѓу припадниците на работничката класа.

Во настојувањето да ги потврди своите вредности, денешниот либерализам ќе мора да биде нешто повеќе од реактивен антитрампизам или млака одбрана на концептот на центарот кој се темели на лажно изедначување на левиот и десниот популизам. Во самокритичниот дух на старите либерали, либерализмот треба да ги преиспита своите начела во согласност со потребите од нашето време и да се ослободи од илузијата на либералите по 1989-та: дека историскиот прогрес е предодреден. Либералите од периодот на Студената војна верувале во легитимноста на конфликтот на мислења под контрола на демократски процедури. Со зборовите на Шлезингер, сметале дека конфликтот на мислењата е гаранција за слобода. Но, конфликтите за нив не биле нешто дадено, што би значело сведување на центризмот на минимални отстапки за едната и другата страна; не, тие ја употребиле имагинацијата конфликтите да ги дефинираат во однос на сопствените начела, останувајќи верни на она што Шлезингер го опишувал како „дух на човечноста“.

Извор: https://www.nybooks.com

ОкоБоли главаВицФото