YUбилеј (2) - 100 години Југославија; 75 години АВНОЈ

21.12.2018 14:50
YUбилеј (2) - 100 години Југославија 75 години АВНОЈ

Зборуваат: Горан Стефановски, Каталин Ладик, Надежда Чачиновиќ, Давор Сучиќ (Сејо Сексон) и Драго Бојиќ.


Горан Стефановски

Мојата мапа на светот

Западот однегува едно гранитно цврсто уверување дека "ништо добро не може да дојде од Исток". Дека приказната на земјите зад Железната завеса е онаа за блед живот, за црна естетика и за тајна полиција. Ова беше политичката проекција создадена заради целите на Студената војна. Во Југославија секогаш инсистиравме да бидеме изземени од ваквата слика, секогаш расположени да докажуваме дека имавме "свој пат". Можеби бевме исклучок од правилото, но бевме исклучокот што го потврдуваше правилото. Клишето, сепак, однесувало и на нас. (Се разбира, и јас имам свои клишеа. Отсекогаш сум бил сомничав кон секој што свири рок'н'рол, а не е англо-саксонски белец; или свири џез, а не е црнец. Затоа, веројатно, не би требало да се жалам кога среќавам луѓе кои се сомничави кон источно-европејците коишто си го пикаат носот во изведувачките уметности.)
Па, по што се разликуваше нашата приказна од клишето? Што беше, ако воопшто постоеше, нашата differentia specifica? Е, па, ние израснавме во шеесеттите со нашите народни приказни исто колку и со Кафка и Sgt Pepper's Lonels Heart's Club Band. Слободно патувавме во странство. Израснавме со Белградскиот Меѓународен театарски фестивал - БИТЕФ.
Театарската група The Living Theatre дојде во Југославија во 1968, кога тешко дека кој било надвор од Њујорк знаеше нешто повеќе за нив. Гротовски, Брук, Боб Вилсон беа домашни животни во Југославија. Се чешавме рамо до рамо со нив. Верувавме дека ние нив ги испраќаме на Запад. Дека прво доаѓаа кај нас за да покажат што имаат, па дури потоа, откако ние ќе им "одобревме", ќе отидеа за да се покажат на други места, надвор. Бевме мошне помпезни и арогантни. Речиси секси! Но, што со тоа? Веројатно бидејќи југословенското искуство беше толку софистицирано, доживеа толку срамен и крвав крај. Всушност, Белград никогаш навистина не ги присвои новитетите што му доаѓаа на БИТЕФ. Гледаше и набљудуваше, но малку учествуваше во тоа. Под превезот на европеизмот, ја чуваше византиската нарација нечепната.

Каталин Ладик, уметница, глумица

Сите народи и народности Југославија ја чувствуваа како единствено подрачје

Мислам дека сите народи и народности, не само јас, Југославија ја чувствуваа како единствено подрачје. Постоеја специфичности во тие републики, но тоа беше интересно и инспиративно. Веројатно и јас во некои простори сум донела нешто ново, не само во авангардна смисла, туку и низ своите корени кои ги истакнував. Изведував звучни перформанси на унгарски, зашто знаев дека тоа е интересно и користев фолклорни елементи, особено во Унгарија, каде прикажував некои свои црногорски мотиви. Многу сакав да ги слушам и многу учев од тие изворни народни песни. Во секој случај постоеше уметничка размена и имам впечаток дека сè беше поврзано – духот беше многу сличен и отворен, иако секоја сцена беше малку поинаква според карактерот. Единствено во Црна Гора и во Македонија имаше малку поинаква атмосфера што се однесува на поезијата и проширувањето на нејзините димензии. Иако таму главно својата поезија звучно ја изведував и само ги назначував нејзините визуелни аспекти, ме слушаа и гледаа со големо интересирање, но и со изненаденост што не ја почувствував во други градови.


Надежда Чачиновиќ, филозофка

Феминизмот настана низ отпорот против службената политика

Ако се очекува од мене објаснување на феминистичкиот аспект, можам да кажам дека она што се случуваше во седумдесеттите и осумдесеттите години беше пример за можноста на целата територија на Југославија да се создаде алтернативен модел, па со тоа и своевиден доказ дека постоел window of opportunity за демократска промена на Југославија – за разлика од нејзиното распаѓање. Тој прозорец на можности е затворен, а не смеам да ги премолчам ниту женските иницијативи со многу силен националистички набој, иако, исто така, мора да се каже дека некои феминистички врски не се прекинаа ни во најтешките моменти. Денешните услови се обележани со напнатост меѓу борбата за зачувување на достигнувањата на претходиниот систем со јасно задржување на критички став (феминизмот настанал како отпор на официјалната политика). Обидот за доукинување на некои права сигурно ќе има голем мобилизаторски ефект.

Давор Сучиќ (Сејо Сексон), фронтмен на „Забрањено Пушење“

Алибија за денешните проблеми


Како што знаеме, Југославија беше федерација. Значи, сојуз на држави на кои им е оставена можност како што според сопствената волја влегле во него, исто така и од него да излезат. Заминувањето на републиките од Југославија беше легитимен чин предвиден и со тогашниот Устав на СФРЈ. Меѓутоа, жално е што од наследството на земјата која сепак имаше добар економски и културен систем во демократија да го пренесеме она најлошото, како што е партиското делегирање раководства, задржување на подобноста потребна за секоја функција во општеството, одржување на послушната политика и општествената клима во која ги елиминиравме квалитетот, авторитетот и професионализмот. Затоа денес ни се случува ова иселување кое е многу позначајно и поопасно отколку она во шеесеттите години во еднопартискиот социјализам со договорна економија, како и сите останати хендикепи кое ги имаше тоа општество.


Драго Бојиќ, францисканец и теолог

Таа идеја е простор на духот и слободата


Фактот дека Југославија и триесет години по распадот сè уште живее во сеќавањата на луѓето не зборува толку за политичката заедница која се распадна, која имаше свои слабости и во која не им беше добро на сите, туку многу повеќе за јадот и бедата на новосоздадените држави. Иако политиките на новосоздадените држави се трудат Југославија на луѓето да им ја направат што погадна, таа и натаму живее како поширок простор на духот наспроти тесноградноста и загушливоста на јужнословенските национализми. Покрај тоа, Југославија во однос на новосоздадените држави беше надмоќна и во културна и во образовна и во социјална смисла, политички уважувана и во европски и светски размери, па тоа е и една од причините зошто денес толку се инсистира на омраза кон Југославија и зашто во сите држави се сака да се уништи сеќавањето на неа.

Југославија имаше свои утопии кои, за жал, не можеа да се остварат во еднопартискиот, крут и репресивен бирократски систем, па сегашната носталгија за Југославија делумно е и жалење за неостварените желби. За разлика од новосоздадените држави во кои доминира минатото, југословенските утопии беа насочени кон иднината и ја поддржуваа општествената надеж која сегашните држави потполно ја уништија, заради што многу луѓе, со горчина и разочарување, ги напуштаат овие простори. Национализмите најмногу се нагризуваат себеси и затворените националистички општества немаат перспектива ни иднина.

Слики: Зоран Кардула


 

Слични содржини

Општество / Балкан / Историја
Општество / Европа / Балкан
Општество / Книжевност / Култура
Графички Дизајн / Став / Уметност

ОкоБоли главаВицФото