Елизабета Линднер: Со уметност да се европеизира Балканот и да се балканизира Европа

22.12.2018 17:09
Елизабета Линдер: Со уметност да се европеизира Балканот и да се балканизира Европа

Меѓународниот фестивал за современа уметност, поезија / текст - SlovoKult::literARTour - во организација на онлајн списанието „СловоКулт::Литература“ со поддршка од здружението на граѓани „Арт-Еквилибрум“, донесе една нова форма на културна размена, бидејќи се одржуваше во три градови: Гевгелија, Скопје и Берлин и во две држави: Македонија и Германија. Во Берлин допатуваа македонските поети Јовица Ивановски и Долорес Атанасова Лори, уметниците Дијана Томиќ Радевска и Ѓорѓе Јовановиќ, соработничката од Македонија Марија Стојанова, а од Србија се претстави писателот Звонко Карановиќ, заедно со поети/писатели и уметници од Берлин - Германци, но и автори од Грција и Австрија. По Гевгелија и Скопје, третиот дел од фестивалот се одржа од 9 do 11 ноември, во културниот центар „Бротфабрик“, во Берлин.

Фестивал во две држави и три градови е комплексен проект кој со потешкотии би го извеле и поголеми организации, но Елизабета Линднер Костадиновска, која повеќе години живее и работи во Берлин вели дека идејата се градела со години откако го основала онлајн списанието, прво на македонски, а потоа и на германски јазик, а годинава го организираше и првото издание на овој книжевно-уметнички фестивал.

„Многу голем проблем е да се убедат институциите да поддржат независна и поинаква книжевност и уметност, и тоа не само во Македонија. Тоа, ми се чини е најголемиот проблем, бидејќи сите претпочитуваат лесно-соџвакливи дела според одреден тертип - допадливи, прилагодени, благопријатни... Содржините што јас ги избирам не се такви, тие изобилуваат со уметничка особеност, искреност и индивидуалност во изразот, па дури и експерименталност, значи повеќето се неприлагодени и со тоа неинтересни за таа некоја етаблирана книжевна сцена, која обично институционално се поддржува. Сепак, во ниеден момент не помислив да се прилагодам и да ги објавувам тие едни па исти државни миленици, туку сакав да останам доследна на идејата и потребите на сцената. Имав среќа да остварам соработка со луѓе со слични интереси, очекувања и критериуми во однос на делата - не велам со сличен вкус, бидејќи вкусот не е оној што го одредува квалитетот на делата, туку критериумите.

И значи ги поканив овие луѓе, претежно жени, кои воедно се одлични поетеси и уметници - да бидат дел од редакцијата на СловоКулт (Дијана Томиќ, Д.А. Лори, Марија Грубор и Александра Димитрова), а со Марија Стојанова склучивме договор за соработка преку здружението Арт Еквилибриум, и врз основа на тоа успеавме да аплицираме во Министерство за култура и да добиеме поддршка за содржините на списанието. Поддршка за фестивалот - ни во мал ни во поголем формат - не сакаше да даде ниту една институција од оние кои имаат за цел размена и соработка меѓу Македонија и Германија - а со тоа се покажа дека тие навистина поддржуваат само прилагодени, комфорни, благопријатни проекти и дебати, но не и уметнички, поинакви, современи, критички презентации. Затоа во Македонија за фестивалот дојде поддршка само од две пријателски донации и од спонзорството од страна на агенцијата за авторски права Берин ДОО, кои веруваа во нашиот проект.

За среќа во Берлин успеавме да добиеме поддршка од општината Панков, каде се одржа фестивалот, „Бротфабрик“ се наоѓа таму, и морам да кажам дека сум многу благодарна и за поддршката, но пред сè за тоа што некој во жирито што ме знаеше која сум и кој сметаше дека во Берлин недостасуваат проекти со бивша Југославија, веруваше во овој проект и се бореше да добие средства. Секако дека квалитетот на проектот ги задоволи критериумите и на останатите членови на жирито, инаку немаше да помине, а тука доаѓам и до одлучувачкиот дел во однос на поддршка на проекти, кој постојано ме разочарува.

Многу е ретко во жирито за донесување одлуки да седи некој уметник или вљубеник во уметноста што ќе се залага за “поинаква” уметност (од нему познати или непознати автори!). Најчесто во жиријата седат луѓе што немаат некои допирни точки со уметноста и не се во можност да комуницираат со нејзината инаквост, а тоа е секогаш погубно за прогресивните проекти, бидејќи тие се тешко разбирливи за овие луѓе. Независната уметност треба да има поголема поддршка! Ако се најде некој во жирито што верува во таа поинаква и посмела уметност и да се залага за неа, тогаш си имал огромна среќа. Јас таа среќа ја имав и во Македонија за списанието СловоКулт и во Берлин за фестивалот SlovoKult::literARTour и многу сум благодарна на тие членови на жирито - треба да ги има повеќе!“, вели Елизабета Линднер.

Кои се вашите искуства од ова прво издание?

Од една страна прекрасни, од друга страна поучни, едно знам: Дека веќе нема да го правам со толку малку пари. Мојата самоексплоатација достигна завидно ниво, ама јас ни во еден момент не помислив да се откажам, знаев дека ова прво издание мора по секоја цена да се оствари! Ако не биде успешно, тогаш нема што да очекувам понатаму ни од себе, ни од другите. Но ете, за среќа беше успешно! Бев фасцинирана од тоа колку луѓето што учествуваа веруваа во овој проект и колку сите беа посветени, ангажирани и солидарни. Ние во Македонија имавме гости од странство, само затоа што тие на своја сметка дојдоа да учествуваат - и тоа не било кои гости, туку главните уредници на списанието за современ текст „perspective“ од Грац, Австрија. Тоа се тие прекрасни работи кои го потпомогнаа фестивалот. И навистина не бев сосема сама, голема благодарност за поддршката од Дијана Томиќ Радевска, која ми помогна со изложбите и на Марија Стојанова за соработката со Арт Еквилибриум!

Особено важен е, се разбира, книжевниот дел од фестивалот, бидејќи за него е најтешко да се разбуди интерес, и општо, а особено во Берлин, каде има огромна понуда на настани, - ние сепак успеавме да привлечеме публика за автори од Македонија, балканските земји односно поранешна Југославија и Грција. Особена радост ми приреди одзивот на публиката во сите градови, која не само што беше многубројна, туку беше и прекрасна и вистински заинтересирана. Додека и во Германија и Македонија на книжевни настани си доаѓаат обично колегите, роднините и пријателите и си се тапкаат по рамо, на нашите настани освен уметниците и авторите имаше и млади и постари посетители желни за нешто поинакво! Од голема важност е и што успеавме да испечатиме и публикација, која ги документира содржините и на списанието и на фестивалот - која е впрочем она што СловоКулт сака да го издава барем еднаш годишно. Заради сите овие нешта вредеше истрајноста и борбата.

Значаен дел од фестивалот Словокулт беше ликовниот дел, со изложби во сите три градови за кои беше одговорна Дијана Томиќ Радевска, ликовна уметница со долгогодишно искуство и голем број реализирани изложби.

Кога во 2017 година, Елизабета Лиднер да бидам ликовен соработник и уредник на онлајн списанието Словокулт, прочитав претходни објави поезија заедно со ликовните решенија. Со голема почит кон авторите и нејзиниот напор да ги спои литературата, поезијата и уметноста се нафатив да трагам по уметници и ликовни решенија кои одговараат по темперамент и естетика.

Словокулт Фестивалот кој беше дел од Бош Фестивалот во Гевгелија, потоа поетското читање и изложба во Скопје во галеријата Акантус и на крај Берлин како финиш на годинешниот фестивал е амбициозен и квалитетен проект кој е и би бил вмрежување во културата на Европа, но и на Европа кај нас. Како што и самиот фестивал ќе постави мото: “We balkanize Europe and europeanize the Balkans”. Размените на она што имаме да го кажеме како креативци, во различни културни опкружувања се суштина на постоење на уметноста, литературата, воопшто културата.

Да се биде учесник на групна изложба каде нашиот одговор на :: Fake/Fact :: the truth lies within Art :: беше во вистинско време, кога живееме во време на лаги, преплавеност на вести кои не се за верување или со вистини во кои е тешко да се поверува. Уметниците имаат задача да бидат критичари, со својот јазик на изразување да целат кон барање на вистината. Изборот на уметници не е лесен, бројот на поетите се зголемува, а и уметниците се менуваа и стануваа сè побројни на онлајн списанието, карактерот, темпераментот треба да се спојат и згора на сè, уметниците треба да се согласат да бидат објавени. Сето тоа е организирано со голем ентузијазам и љубов кон творештвото. Кога се работи за фестивал и активно учество на поетско читање и изложба тогаш и физички треба да ги обезбедите авторите кои публиката сака да ги сретне и слушне.

Тоа бара добра организација и координација, што Елизабета се избори да го направи оваа година. Голема поддршка сакавме и ние да дадеме со наш ангажман, Марија Стојанова како главен организатор на БОШ Фестивалот, Долорес Атанасова Лори, поетеса, преведувач и јас како ликовен соработник на изложбите. Условите не се секогаш исти. Се бара простор, техничка поддршка, професионална поддршка, секогаш има потешкотии но и проблемите се научивме да ги решаваме во од. Финансиите се секогаш проблем за да се испочитува професионализмот на креативецот кој работи со голема посветеност. А нешто да се изведе како што треба, како и во сите други професии, бара достоинствена сатисфакција. Тензии постојат, но се трудите сите да бидат испочитувани, да бидат задоволни. Се радуваме што толку квалитетни луѓе се сретнаа-сретнавме, да ги читаат своите зборови и мисли и да ги видиме различните ликовни коментари, а со тоа да ги поттикнеме прогресивните мисли“, објаснува Томиќ Радевска.

На прашањето дали има планови да продолжи да го организира овој фестивал Елизабета Линднер вели: „Во секој случај!“

Само не под истите услови - тие мора да бидат подобрени - пред сè финансиски. Имав голема поддршка од колегите, без Дијана Томиќ немаше да има изложби во Македонија, без Марија Стојанова и Арт Еквилибриум немаше да има учесници од Македонија во Берлин, без преводите немаше да биде интернационален фестивал... се надеваме дека институциите ќе ја сфатат и поддржат важноста на овој и вакви слични настани, бидејќи во време на сè посилен национализам и фашизам, уметноста, критиката, културната размена и интернационализмот се клучот за солидна иднина, а солидна иднина ни е потребна на сите, дури и на оние што одлучуваат кои проекти да се поддржат.

На фестивалот се претставивте и со свој перформанс и читање, што е карактеристично за овие ваши дела?

На фестивалот претставив еден специфичен и понов дел од моето творештво, но веројатно најмаркантниот, бидејќи е составен од повеќе сегменти: колаж (слика) со текст (cut-up, монтажа) кои ги презентирам и на изложба и во мултимедијален поетски перформанс. Интересно е можеби тоа што концептот на СловоКулт - и списанието и фестивалот - поврзување на текст и слика од двајца различни автори, кај мене се изразува во едно комплексно експериментално дело од еден автор - но сите тие елементи, од кое е направено, се земени од други автори (сликите за колажите, текстот, музиката)... а делото оди понатаму и во превод, значи оригиналот е на германски, но македонската публика имаше прилика да ги види перформансите на македонски, а неколку имам веќе и на англиски, но уште не сум ги извела. Може да се каже дека овие дела се настанати со де/конструкција и сензибилитет, низ поврзување во едно комплексно дело и како перформанс и се релативно нови. Инаку, цртежи и текстови настанати засебно исто така имам доволно и редовно објавувам по списанија и антологии во Германија. Сепак, некако современоста, комплексноста и оригиналноста на покажаните дела ми е највозбудлива и најдрага, иако процесот на творење е секако најдолг и најкомплициран.

Еден перформанс се разликуваше од другите, беше со текст составен од графити - со видео проекција од слики во позадина - еден вид оживување на пораките на градот (Берлин) и на духовит и критички начин тој беше „објаснување" на Слободата како поим во денешно време. Овој текст и перформанс е за жал непреводлив - ама инаку сите текстови се критички и алудираат на нашата демократска неслобода, нечовечност и заспаност, кои ќе ни бидат кобни ако не ги забележиме и смениме на време.
Мојот најголем проблем со сопствените дела е она - ни ваму ни таму - во Македонија ме игнорираат, бидејќи пишувам на германски и не сум сеприсутна, а во Германија бидејќи не сум им толку важна како нивните домашни автори... сепак сум дел од независната сцена и таму сакам и да останам - единствено што си посакувам е малку повеќе време и финансиска стабилност, за да можам конечно да објавам некоја сопствена публикација. Материјал имам веројатно доволно и за две изданија и на двата јазика... но време и пари немам, бидејќи не сум од тие автори, кои се значајни за државата, градот и културата додека се живи.

По смртта тоа веројатно ќе се смени, ама постхумната поддршка нема никакво влијание врз актуелната култура, туку само покажува колку е заспано, медиокритетско, комфорно и жално општеството во кое живееме.

 Фотографии: Архива на Словокулт