Болен Дојчин

23.12.2018 18:23

Кога бев преполн сила
што придојдува како матна речна глава,
кога се сетив вреден за мојот подвиг,
достоен за слава,
кога ми закрепна гласот за најдлабок збор,
раката за најтежок меч,
ногата за најверен од –
тогаш се сломив.
Паднав како црешово дрво од премногу род.

Една потсмешлива сенка ми ја издемна трагата,
како змија во гробно камарче се вовлече во свеста,
смеата ми ја урочи, ми ја зацрни тагата –
да се обѕирам подозриво, да думам да шестам.
Тогаш се сетив ситен и смешен и долен -
се стопи снагата,
капнаа раце,
падна мечот,
паднав болен.

Болен лежам до девет години,
што искинав до девет постели.

Не ги чувствувам веќе своите зглобови,
јас сум расфрлан на тврда ледина
на пеколен пладневен присој,
јас сум раскостен коска од коска,
низ моите коски трева проникнало,
низ таа трева змии се ведат.

Јас копнеам гроб темен и студен –
нема крај без мојот подвиг суден.

Непозната жено, единствена на светот,
сестро и мајко моја, ти што си страдала многу,
ти што си сетила мака до вбигорување,
дојди, сестро златно,
збери ги моите мувлосани коски, не грози се,
состави ме,
повиј ме со триста лакти платно,
речи ми тих реч,
исправи ме,
научи ме пак да одам, мајко,
дај ми в рака меч –
да убијам Црна Арапина.

Да умрам.

 

Слични содржини

Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна

ОкоБоли главаВицФото