1017 hPa
94 %
10 °C
Скопје - Пон, 07.10.2024 06:59
„Липа“ е студио во кое се работи со „глина и оган“ или каде што од кал се прави камен. Студиото веќе година и пол е посветено на процесите и технологијата на изработка на современа керамика. Зачетокот може да се лоцира некаде пред три-четири години, кога се заинтересирав за керамиката како занает, за кој сметав дека би можел да ми даде можност да создадам свој свет во уништениот град, во нашето мачно и истолчено општество. Тешко ми беше да најдам баланс во себе, со себеси, со надворешноста, и во сé друго што правев и се обидував да создадам. Керамиката ми помогна потрајно да ги поврзам сите делови од мојата личност во еден богат сублимат од визуелизации и поезија. Така мојата вокација како архитект, ликовните вештини и поезијата сега фигурираат заедно и хармонично во камената структура на керамиката и низ процесите на траснформација.
Мене сето ова заедно ми звучи како создавање вечност или како што Xavier Corbero би рекол „Everything I do has to be poetry“. Сé што правам мора да биде и поезија. Оваа едноставна реченица на Корберо ја разбирам програмски, како моја поетика; таа го врамува и процесот на создавање и мојот стремеж керамиката секогаш да се отсликува и како поезија.
Допир
Искрено, во тие први моменти, не знаев воопшто ништо, ниту дека има повеќе видови глина ниту како да се работи со неа - бев снежнобела неисцртана плочка: табула раса. Може да се каже дека првичниот интерес ми беше малку површен, на керамиката гледав како на возбудлива arts and crafts активност чии резултати се убави шарени чинии. Токму со чинијата како предмет на интерес и започна целото патување, кога заедно со сестра ми имавме идеја да изработуваме принтови на чинии инспирирани од Fornasetti. Набрзо се откажав од таа идеја која ми наликуваше премногу лесно, како хоби, во период кога бев во потрага по нешто повеќе. Некаде помеѓу, решив дека ќе ги учам тајните на занаетот. Иако ни тогаш не знаев што точно значи тоа. Бев на второто скалило на идејата за чиниите, кои сега наместо да бидат само декорирани, ќе бидат и целосно изработени од мене. Во таа насока, посетив курс по керамика во Грција, кој иако краток и интензивен, сепак ми помогна во формирањето на подлогата врз која продолжив да се развивам како керамичар. Сега веќе можам да кажам дека сум керамичар и тоа ме радува. Оваа година-година и пол целосно се посветив на кермамиката и задоволна сум од сé што постигнав во ваков краток период, сама во шумите на Матка.
Ѕиден елемент - Unfinished sensibility
Керамиката е повеќе од комплексен занает. Секако зависи од начинот на работа и како таа се изработува, од материјалот што се изработува и како тоа се претставува. Иако на почетокот не знаев точно каде да се движам меќу овие начела, секогаш знаев дека тоа што ќе го изработувам ќе биде повеќе од функционална керамика, дека ќе предизвикува. Не сакам да звучи дека функционалната керамика е помалку вредна, особено доколку се има предвид, на пример, јапонската култура и церемонијалниот пристап во изработката и користењето на керамиката. После теракота садовите од стара Грција, чија технологија на печење денес само неколкумина вистински ја познаваат, јапонската утилитарна керамика ми е вториот восхит. Но, керамиката дозволува екпериментирање кое е многу поголемо од предметите за секојдневна употреба. Затоа мислам дека токму таа метафизичка страна ја прави уметност.
Чинија - Нежност
Она што е од особено значење во работењето керамика е нежноста. Звучи како оксиморон имајќи предвид дека керамиката е доста груб и нечист занает, кој бара многу средства, труд, емоции... Грижата и негата за парчињата керамика во текот на изработката и потоа во процесот на сушење и печење, се клучни за крајниот резултат. Непечената глина е многу нежна, со допир може да се скрши или деформира. Но повторно, зависи од тоа што е целта; понекогаш ги сакаме деформитетите повеќе од совршено извајаните структури. Таа идеја за несовршеност ми е многу привлечна и мислам дека несвесно во сé ја применувам и понекогаш се трудам намерно да ја предизвикам, дури и во секојдневниот живот. Свесноста за тоа сега ми е појасно изразена, токму преку ова што го работам и преку индиректното запознавање со разни керамичари кои успеале да ја издигнат керамиката до повозвишен стадиум, израмнувајќи ја со убавите уметности.
Керамички плочки
Peter Voulkous и неговата скулптурална керамика, Paul Soldner кој создал и свој сет на опрема за работа, а интересот за јапонската raku техника го трансформирал во нешто што подоцна ќе се нарече American raku, Cheryl Ann Thomas со нејзината фасцинација од „случајност“ и како таа се манифестира во можностите за раѓање или уништување, софистицираноста на Lucie Rie, се само дел од огледалата во човечки облик во кои постојано пронаоѓам сопствени камчиња. Но, за мојата длабока врска со керамиката најмногу сум му благодарна на мојот учител Хектор Мавридис, кој и самиот е керамичар кој ги растегнува можностите на материјалот, создавајќи керамика преку различни пристапи во печењето, кој постојано ме инспирира и самата да ги ширам сопствените граници и знаење.
Длабок сад; Колекција Waves
Целосно сум обземена од тој универзум во кој огнот и топлината ги преобразуваат „камчињата“. Во допир со сите фази низ кои поминува материјалот се чувствувате како одново и одново да се создава светот, како после супернова или после патување на Марс од каде што сте донеле примерок од неговите карпи. Барем јас така се чувствувам. Секогаш се фасцинирам од тоа што излегува како производ и се трудам да ги прифаќам сите грешки и мали катастрофи како неизбежен дел од процесот на создавање. Токму таков е и животот, нели. Она што е важно и на што работењето керамика секогаш одново може да нé научи е прилагодувањето на брзината и негувањето на љубопитноста. Потенцијалот во нештата е најважен, така нараснува мотивацијата и секогаш се стигнува онаму каде што треба.
Чинија; Колекција Stone
Камен или Stone беше и насловот на мојата прва изложба, во декември 2017-та. Тогаш направив стварно голем напор за да го претставам она што низ претходните месеци го сработев, организирајќи продажна изложба во галеријата „Акантус“. Тие неколку месеци работев до пред самиот почеток на изложбата, во голем дел од времето надвор, на доста ниски температури, во двор побелен од слана. На крајот бев задоволна, зашто таа изложба ми беше битна за да видам до каде сум стигнала и каде сакам да одам. Поезијата беше повторно присутна, Чарлс Симиќ со песната „Камен“ некако спонтано се вметна во визуелниот аспект. Гледајќи ги сликите од изложбата денес, иако помина цела година, сé уште сум задоволна од крајниот исход на истата и уште сум посреќна дека сега имам нови и покомплексни идеи на кои работам. Ми беше важно изложбата да се случи во галериски простор кој ќе може да ја долови филозофијата на парчињата керамика и да го покаже нејзиното софистицирано и сензуално постоење. Тоа е битен сегмент од моето поимање на керамиката како занает, уметност, технологија и филозофија - едновремено.
Ѕидни керамички плочки
Годинава што изминува работев на функционални парчиња керамика, кои се обидов да ги класифицирам во колекции. Во нив се содржеа предметите за секојдневна употреба и ѕидни керамички плочки. Покрај тоа работев и на една идеја за ѕидни елементи кои како самостојни фигури имаат за цел да претставуваат фрагменти од нашата реалност. Овој проект планирам да продолжи и во следниот период. Еден примерок од тие ѕидни квадрати, беше искористен во склоп на проектот и изложбата 99FILES, Landscape_in Progress Labaratory, истражувачка платформа на Универзитетот за архитектура во Реџо Калабрија. Целта на овој проект е нетипично класифицирање на брутализмот во Европа и на впечатоците што тој ги предизвикува во различни места и култури. Меѓу сите цртежи, фотографии и текст, мојот ѕиден елемент претставуваше исечок од бетон или фрагмент од едно поранешно, поетично Скопје, четиридимензионален објект кој освен својата опиплива материјалност, имаше за цел да ни ја доближи и временската дијагонала.
Ѕиден елемент - Fragment_sk
Уште еден сличен фрагмент, наречен „Недовршена сензибилност“, беше испратен како донација после трагичните пожари во Атина, како дел од еден хуман гест кој многу ми се допадна, особено во контекст на случувањата меѓу нашите две земји. Се почувствував на некој начин лично засегната, бидејќи мојот ангажман со керамиката е директно и во голема мера врзан за таа земја. И покрај сите неубави лица на нашите наелектризирани општества, Грција за мене претставува земја во која повторно се родив, која (индиректно) ми овозможи да се трансформирам и да станам она што сум денес. Сакам да го негувам тој пат и да продолжам, малку по малку, да придонесувам кон приближувањето на нашите спротивставени реалности. Звучи невозможно и сизифовски, знам, но сметам дека луѓето можат да се заинтересираат за она што им е туѓо, непознато, табу, и да се обидат да дознаат и научат повеќе, доколку се инспирирани за тоа. Во таа насока можеби ќе помогне користењето на техниките од керамиката, да се постапува искрено, внимателно и иснпиративно.
Чинија; Колекција Waves
Друг интересен ангажман од пред само еден месец е тоа што одржав работилница за керамика на студенти по продукт дизајн од Берлин, со кои работевме на поврзување на традиционалните аспекти на занаетот со современиот начин на живеење и функционирање. Работилницата беше во склоп на Skopje Design Week и сé што се изработи беше претставено на изложбите во „Јавна Соба“. Главен фокус на работилницата беше да се изработат корисни предмети кои во себе ќе го содржат традиционалниот пристап или идеја. Многу сум задоволна од тоа што беше изработено и воопшто од тие неколку дена во кои сите беа мошне посветени. Веќе работам на нешто што делумно е инспирација токму од овој настан.
Додека пишувам, ми текнуваат уште неколку работи кои изминатиов период оставија длабока трага врз мене, но да ги оставиме за некоја друга прилика. Можеби допрва треба да добијат посебен облик кој ќе побара и посебен пејзаж од поинакви зборови.
Керамика и фотографии: Анета Попова