Before (poetry)

24.12.2018 12:18

Нема потреба да срочуваш зборови (ЕКВ, Нису довољне речи)
Ја осеќам твојата проекција во воздухот
И влажната нивеа на твоите раце
Таа смешно накитена порака за андрогеност
Под цртата на свеста, преќутно
Слично на зелен бран на Партизанска
Или ќе се случи
Или мораш да чекаш на секои пет метри
Освен ако нејќеш да пичиш на црвено
Зашто еволуцијата не може да се запре
Ништо не може да се запре
А погледни,
Улиците се полни со луѓе (ФИЛМ, Замисли живот)
Можеш ли да кажеш „Вчера“?,
„завчера“?
Пред толку и толку години сум се родил
На тој и тој ден почнало сè?
Не, не можеш, зашто почнало многу пред тоа,
Уште немало ниту з од твоето зачнување
И пред тоа
Кога се сретнале крај реката
И пред тоа
Кога избувнала војна
И бегале
И пред тоа
Кога почнале да забораваат
И пред тоа
Кога еден лав се стрчал низ саваната
И една гранка тивко се скршила
И паднала на тлото а тоа одекнало како гром да удрил
И после тоа
Кога за да не забораваат
Си ставале знаци по патот
И почнале да измислуваат
Деветини осмини и четвртини
И пред тоа
Кога почнале да си пишуваат писма,
Шифри, пораки, библии
И пред тоа
Кога не патувале
И после кога направиле железнички пруги
И после тоа
Кога почнале да ги бројат километрите оддалеченост
Од срцето
И пред тоа кога знаеле немо
И после тоа кога почнале да зборуваат
И сјајот на ѕвездите почнал да се гаси
И пред тоа
Пред светлината
И после тоа кога на Готвачот му прекипело кафето
И ти, баш ТИ низ едно долго дежа ви
Си бил втиснат како печат врз кората на еден мек леб
Точка во моливот на врвниот архитект задреман во доколица (Електрични Оргазам)
И пред тоа кога уште немало Пред
Само едно осамено ѓезве
Дури и кафе пред тоа немало во него
Пред да може да стане банално сè
Со само еден обичен тресок
И втиснување желба на дното од талогот: Е, пред тоа.

 

Слични содржини

Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна

ОкоБоли главаВицФото