YUбилеј (3) - 100 години Југославија; 75 години АВНОЈ

24.12.2018 16:52
YUбилеј (3) - 100 години Југославија; 75 години АВНОЈ

На 24.12.18 во 20 часот во ГЕМ: промоција на новиот број на списанието МАРГИНА, посветен на Југославија. На промоцијата ќе зборуваат Влада Урошевиќ, Петар Гошев, Елизабета Шелева и Никола Гелевски. Овде пренесуваме неколку прилози од Маргина #90.

 

Коча Поповиќ, славен партизански командант и предвоен надреалист

Зошто станав комунист

- Зошто воопшто станавте комунист?

Објаснувањето е просто. Се занимавав, како што знаете, со книжевност, и сфатив дека е тоа лук и вода. Многу брзо заклучив: единственото што уште вреди е човек да се обиде директно да се судри со непријателот. Затоа решавам: ќе се борам, нема друго; сè напуштам и тргам. Малку будалесто, признавам, но тргам...

(од РАЗГОВОРИ С КОЧОМ; Александар Ненадовиќ)




Андреј Николаидис, писател

Комунистите нè спасија


Да го кажам тоа во стилот на Монти Пајтон: што впрочем направија тие комунисти, освен што победија во војната со фашизмот, ја обединија и изградија земјата, ги облекоа луѓето, ги нахранија, ги образоваа, вработија, им обезбедија бесплатно здравство и образование, помогнаа во еманципацијата на жените, ја сузбиваа националната и верската затапеност, промовираа заедништво и просветеност, ја индустријализираа земјата, го модернизираа општеството, изградија инфраструктура, водеа брилијантна надворешна политика, водеа земја во која секој од југословенските народи го достигна својот апсолутен историски врв, што друго тие направиле за нас?





Ана Хофман, етномузиколог

Партизанските песни нè учат како да го кренеме гласот

Денешното време кое го одбележува кризата на неолиберализмот несомнено создаде нови фашизми, но исто така ги реактуелизираше антифашистичките и социјалистичките идеи на глобално ниво. Во моментот кога разгорувањето нови форми на протест стана дел од политичкото секојдневие тие идеи добиваат нов живот. За жал, на дело се нови борби за „старите“ вредности – социјалните, работничките права, правото на абортус итн.
Партизанските песни се враќаат за да нè предупредат за важноста на кревањето на гласот, гласното изразување отпор и гласното залагање за општествени промени.
Застапувам став кој не само што тврди дека загледаноста во минатото не е нужно пасивизација, туку може да биде и чекор понатаму кон еманципација. Кога се работи за музиката и звукот, сентиментализмот веќе одамна е потврден како важен канал за воспоставување различни облици јавна интимност и создавање нови солидарности. Длабоко сум уверена дека увидот во интензитетите на сетилните искуства на музиката, како спектар на чувства и афекти, потврдува дека сентиментализмот, исто како и идеализмот, е важен дел од политиките на иднината.
После распадот на Југославија, антифашистичкото наследство стана симболичко бреме на плеќите на „новите граѓани“ и како такво беше екскомуницирано од референтната рамка на официјалните политики на сеќавањето во постјугословенските национални држави. Нивното револуционерно, општествено ангажирано и еманципаторско значење после 1991 година беше минимизирано и неутрализирано. Ревизионистичките процеси во новите држави ги изедначија поимите антифашизам, социјализам, комунизам и тоталитаризам, а партизанските песни како „звучна пропаганда на тоталитарниот режим“ мораа да бидаат оддалечени од нашите усни мембрани. Сега тие, пресоблечени во ново руво, добиваат нови животи и се чини дека го потценивме новото значење на идејата на антифашизмот и нејзината виталност, актуелност и потенцијал.





Желимир Жилник, режисер

„Фабриките на работниците, земјата на селаните“

Имам впечаток дека во сите новосоздадени држави владејачката хиерархија воспоставува политички модел со кој сите држави ги ставила во функција на капитализмот. Од друга страна, заради сопствените кариери олигархијата го развласти работниот народ, не само со укинување на неговата позиција, туку и со укинување на неговата сопственост. Зборувајќи објективно, порано не беше идеално, но дефинитивно постоеше нешто. Снимив пет–шест филмови во разни колективи, како текстилни фабрики и рудници, и можам да ви кажам дека филмската екипа која требаше да работи таму одобрението за снимање го добиваше од работничкиот совет. Тоа беше прилика да се зборува не само за успесите, туку и за конфликтите со, така да кажам, менаџментот. Без оглед на тоа што во еднопартискиот систем имаше разни препреки за демократијата, се сеќавам дека луѓето за тие свои колективи зборуваа како за ентитет во кој не само што имаа право гласно да кажат, туку и да се борат за својата положба и за правото на одлучување.
Кога денес зборуваме за социјализмот многу сме склони од комплетната истоиографија да го спомнеме само антифашистичкото движење, а се заобиколува идејата на револуцијата која имаше едноставна прокламација: „Фабриките на работниците, земјата на селаните“. Не се работеше само за ослободување од фашизмот, туку револуцијата донела и нешто од своите ветувања. Во седумдесеттите години се поставуваше прашањето дали се реализираат тие ветувања.




Срѓан Карановиќ, филмски режисер

Прекрасна идеја за глупави луѓе


Без оглед на грешките, кризите и заблудите, во Југославија имав чувство дека нештата реално се поместуваат кон подобро. Се градеа домови на културата, се отвораа книжарници, кина, театри. Се основаа професионални филмски студија во секоја република и покраина. Луѓето патуваа, разменуваа уметнички искуства... Се негуваа и почитуваа различностите. Сакав да ги гледам словенечките, македонските, хрватските и босанскохерцеговските филмски премиери во Белград. Им се радував на премиерите на моите филмови во Загреб, Љубљана, Сараево. Сите се дружевме насекаде и разменувавме искуства. Ми се чини тека така станувавме ако не попаметни, тогаш сигурно помалку глупави во обидите за сопствено творештво. Југославија веќе ја нема и нема ни да ја има. Очигледно е, како што рече некој, дека тоа беше прекрасна идеја за глупави луѓе. Меѓутоа, остана нешто од неа. Тоа би можело да се нарече „југословенски културен простор“. Тој простор изгледа дека им се спротивставува на дневните политики во сферата на културата и тоа мошне успешно. И мислам дека тоа е прекрасно. Луѓето и идеите сепак патуваат подалеку од новоостварените граници. Не сакаат да се шлапкаат исклучиво во локалната вода, која сè повеќе наликува на бара. Природно е да сакаат нов воздух, нова публика, нова реакција на она што го создаваат. Ми се чини дека најмногу патуваат глумците и филмовите, понекогаш музичарите и ликовните уметници. Од таквите културни размени корист имаат и творците и публиката. Секој ќе се врати помудар и поисполнет во својата државичка и потоа, со проширени видици, ќе биде уште подобар. Ми се чини дека тоа е најдоброто на што можеме да се надеваме.


Слики: Зоран Кардула

 


 

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото