Зигмунд Бауман – од последниот разговор за злото

25.12.2018 03:47
Зигмунд Бауман – од последниот разговор за злото

Во 2017 година, кратко време пред да почине, полскиот социолог и филозоф, Зигмунд Бауман работел на книга разговори со италијанскиот новинар Томас Леонцини, кој бил помлад од него точно 60 години. Овој краток разговор е дел од книгата под наслов „Born liquid: Transformations in the third millennium / Родени течни: трансформации во третиот милениум“ (Polity Books). Насловот се однесува на генерацијата родена по 1980 година, која навикнала да живее во општество на постојани промени.

Дали некогаш сте биле жртва на злоставување?

Да, сум бил. Постојано, секојдневно. Во текот на целото школување во Познањ, сè додека не побегнав од родниот град, после почетокот на Втората светска војна, со уште двајца еврејски момчиња, мои другари од училиштето. Се разбира, тогаш не бев социолог, но се сеќавам дека уште тогаш сфатив дека злоставувањето е непосредно поврзано со исклучувањето. Не си како нас, не припаѓаш, немаш право да учествуваш во нашите игри, нема да се играме со тебе. Ако баш сакаш да живееш со нас, немој да му се чудиш на тепањето, клоцањето, навредувањето, понижувањето, омаловажувањето.

Многу подоцна, кога почнав да читам и научив да размислувам социолошки сфатив дека за нашите прогонувачи исклучувањето на три еврејски момчиња во училиште со само неколку стотици ученици, беше опачината на нивната самоидентификација. Уште подоцна, следејќи го советот на Е.М. Фостер: „само поврзувај“, ми текна дека именувањето на непријателот и докажувањето на неговата инфериорност на сите можни начини е нужната опачина на самоидентификацијата. Нема да постоиме „ние“ ако не постојат „тие“. Без „нив“ не би можеле да ја оствариме својата желба по заедништво, да се дружиме и да помагаме едни на други. Додека постојат „тие“, постоиме и „ние“ кои неуморно го изразуваме своето заедништво со збор и дело, го покажуваме, го потврдуваме и го докажуваме на сите околу нас. Во практична смисла, идејата за „нас“ би била бесмислена доколку не би била поврзана со идејата за „нив“. Се плашам дека тоа правило не ветува остварување на сонот за свет без насилство.

Побарувачката за насилство, а пред сè за неговите објекти и причини, никогаш не престанува. Во минатото луѓето за тоа ја обвинуваа опседнатоста со демони, подоцна лошиот брак и недостатокот на оргазми, а уште подоцна сексуалното искористување и злоставувањето во семејството. Денес тоа е сексуалното вознемирување од страна на родителите, свештениците и воопшто на блиските луѓе. Понекогаш за сè ни се виновни хомосексуалците – и да не ги заборавиме мигрантите, кои се далеку највиновни за сите наши неволји.

Во право сте, мигрантите. Ако се вратиме кај злоставувањето, се сетив на случајот на убиството на Кити Џеновезе, која е пример за приказната за рамнодушноста. Овој случај во социјалната психологија често се спомнува како пример за трансфер на личната одговорност на ниво на колективната одговорност. Њујорчанката Кити Џеновезе, пред бројни сведоци, била до смрт избодена со нож во близина на својата куќа во Квинс. Тоа се случило во 1964 година, а „Њујорк тајмс“ тогаш известил: „Никој од 37-те сведоци на убиството не викнал полиција“. Тогаш било заклучено дека е поверојатно ако имало само сведок на трагичниот настан, тој ќе ѝ помогнел на жртвата, отколку дека тоа ќе го направи некој од толпата кој себе си се доживува како дел од колективното присуство.

Ако добро се сеќавам, во текот на дебатата што следеше, првпат го слушнав поимот „пасивен набљудувач“ – личност која е сведок на случување на злосторство, но го свртува погледот и не прави ништо да го сопре тоа злосторство. Тогаш помислив дека тоа е можеби најважната помеѓу отсутните категории во студиите за геноцидот. Но, ми беа потребни уште две децении за да ѝ го дадам заслуженото место во својот обид да проникнам во мистеријата на холокаустот што се случуваше во врвот на модерната цивилизација. Случајот Џеновезе укажа на уште една мрачна појава: „случајно“ или „безинтересно“ зло. На судењето, убиецот Винстон Мозли ѝ кажа на поротата дека за жртва избрал жена, а не маж затоа што жените се „полесни и не возвраќаат“.

Норберт Елиас, одличен германско – британски социолог и социјален историчар, во 1939 година го воведе значајниот поим „процес на цивилизирање“, кој се однесува и на отстранувањето на агресивноста, преголемата принуда и насилството од животот на луѓето, но истовремено и „ставањето на сите работи под килим“, сокривањето на злоделата од „цивилизираните луѓе“. Тој процес иде паралелно со елиминацијата на однесувањето кое е препознаено, оценето и осудено како варварско, грубо, сирово, непристојно, неотмено, неумесно, нељубезно, невоспитано, простачко, бучно, насилно, примитивно, непријатно или вулгарно – накратко некултурно и недостојно за „цивилизираните луѓе“ затоа што ги деградира и ги дискредитира оние кои го практикуваат. Студијата на Елис беше објавена пред најварварската експлозија на насилство во историјата на човековиот род – но, во времето кога била напишана, феноменот на „злоставување“ бил непознат или барем неименуван.

Цинизмот и немотивираноста на случајното, безпричинско зло им се измолкнува на разбирањето и на рационалните причинско последични објаснувања без кои е незамислив модерниот начин на мислење. Новите, непознати, порано незабележани настани нè шокираат едноставно затоа што се такви. Кога се повторуваат, секојдневно набљудуваат или за нив се слуша, тие обично престануваат да ги шокираат луѓето. Колку и да беа одбојни или ужасни, кога се појавија, монотонијата на повторувањето ги нормализира и ги претвора во обични. Со други зборови, тие се тривијализирани, а функцијата на тривијалното е да забавува, а не да шокира.

Во 2011 година, Андерс Бехринг Брејвик стори две масовни убиства: едното било насочено кон власта и цивилното население, кое случајно се затекнало на тоа место, а второто кон млади луѓе од летниот камп на Работничката младинска лига. Своите злосторства однапред ги објаснил во електронски објавениот манифест во кој повикувал на побуна против силите кои „ја водат Европа во културно самоубиство“. Напишал и дека неговиот главен мотив за масакрот бил да „го промовира својот манифест“. Брејвик прифатил едно од правилата на маркетингот: колку е поскандалозна и поодвратна содржината на рекламата, толку епоголема телевизиската гледаност и продажбата на весниците или влезниците, значи профитот. Но, читателот кој размислва ќе воочи целосно отсуство на логичка врска помеѓу причината и последицата: исламот и феминизмот на една страна и случајни жртви на масовно убиство на друга страна.

Мирно им се прилагодуваме на состојбите кои ја убиваат секоја логика и го залудуваат умот. Затоа Брејвик не е исклучок, тој не е уникатна грешка на природата или осамено чудовиште без слични на себе и без потомство. Со помош на механизмот на имитација постојано се регрутираат нови членови на таа категорија луѓе. На пример, погледнете ги американските кампуси, школите и јавните собири; погледнете ги терористичките и други насилни чинови кои се емитуваат на телевизија, погледнете го репертоарот на најблиското кино или списокот на бестселери и ќе видите до која мерка секојдневно сме изложени на призори на случајно, немотивирано, насилство без причина, кое е цел самото на себе.

Злото е тривијализирано, а најважната последица на тоа е што сè повеќе стануваме нечуствителни на неговото присуство и неговите манифестации. За злосторствата повеќе не е потребна мотивација. Тие од категоријата на целисходни (всушност смислени) чинови преминаа во простор кој за сè повеќе рамнодушни гледачи станаа разонода и забава.

Извор: The New York Review of Books


 

Слични содржини

Општество / Теорија
Општество / Активизам / Култура / Теорија / Историја
Активизам / Јавни простори / Свет / Теорија
Технологија / Живот / Теорија
Став / Теорија / Историја

ОкоБоли главаВицФото