Ревитализација на кичот

26.12.2018 14:33
Ревитализација на кичот

Кичот, велат, има таква моќ, или „моќ“, како сакате, буквално да се вовлече под кожа, да преживува каде што ништо друго не може, да се регенерира и надградува и континуирано да придобива нови и нови следбеници. Ако нешто има моќ да трае – тоа дефинитивно е кичот! И не му пречи што Дорфлес го нарекувал „свет на лошиот вкус“, што Бенјамин вели дека „најпоследното, највисокото лице на тотемскиот јарбол, е она на кичот“, што дури и конзервативец како Скрутон (Роџер) вели дека „модерната уметност беше родена од желбата да се уништи кичот, но повторно и повторно таа е привлечена од неговата примамливост“.

Кичот е очигледно неуништив, а ние сме жив пример за тоа. Мислам – не ние како народ (иако и тоа е прилично дискутабилно прашање) туку токму нашиот вкус, нашето однесување – вчера, денес и овде – на прагот на третата деценија на дваесетипрвиот век. И никому, изгледа, не му пречи што македонската, или, ако баш сакате, за инает на задртине провинцијалци, скопската Модерна од шеесетите години на минатиот век денес е предмет на проучување (и признание) на најважните културни институции во светот. Ама, затоа, повторно, скопскиот кич, денес и тука, не ферма никого, најмалку оние кои се претставуваат дека нешто знаат за уметноста, за архитектурата, за културата, кои (наводно) посветено се борат против неговата доминација и нашето – пардон скопското – наследство во таа „област“. Тој продолжува да царува во градов во сите сегменти. И тука не мислам само на наследената од времето на вмровските бараби кич-архитектура, кич јавна монументална „скулптура“ и сè друго што може да се подведе под поимот современа уметност, поточно „уметност“, туку мислам и на начинот на живеење, на организацијата на просторот, и животот, на политиката, на културата, особено естрадата како божемен дел од таа култура итн. И никого, очигледно, за тоа глава не го боли.

Дури, велат, (наводно) и сериозни, млади творци, меѓу нив и заколнати противници на кичот и некогашни „шарени“ борци, сега започнале да работат на планови за негово перманентно присуство на овие скопски простори. И измислуваат секакви небулозни причини за тоа, особено оние од типот дека за тие и такви (одвратни, кич) градби и споменици се дадени народни пари па не е добро истите да се рушат. Што ќе рече: зарем сè што било платено со народни односно државни пари треба да биде сочувано? Ех, да ве чујат сега оние од времето на 1945 година. По таа логика, сега ќе требаше на Плоштадот, од двете страни на Камениот мост, сè уште да ни стојат срцепарателните коњанички споменици – by the way на Антун Августинчиќ – на бившите СХС кралеви Петар и Александар зашто, конечно, и тие биле подигнати со пари од овој народ. Добро, нив ги урнале некои други, се разбира, ама оние претходнине, „нашине“, на нивно место, според истиот урнек, ги ставија Делчев и Груев. Паралелно со нив, ги поткренавме односно одново ги изградивме и окупациските, во секоја, а особено во културна смисла, институции од типот на некогашниот Народен театар и Офицерскиот дом!

А што е најинтересно, ништо од овој кич ни се поместува ниту се запира со изградбата. Наводно – морале да се платат големи пари на име отштети, пенали и слични „причини“. Како да јавноста бара тоа да биде направено од џебот на поединци од оваа власт. Не, напротив. Тоа ќе се направи токму од државниот буџет, колку и да чини. И за тоа оваа власт има дебело покритие, зашто еден голем дел од т.н. „Шарена револуција“ беше и борба против (сè уште) актуелниот кич во македонското секојдневие – почнувајќи од кичот во политиката до кичот во културата! За „Скопје 2014“ и да не правиме муабет, тоа впрочем беше и една од иницијалните каписли на револтот.

Затоа, плаќањето отштети, пенали, уривање на идиотштините на минатата власт требало, прво, да бидат планирани уште во ланскиот буџет. Ако не биле, требало да бидат планирани во овогодишниот буџет. Ако пак и тоа не се направило – нека се планира во утрешниот буџет. Никој нема да приговори, барем никој нормален, ако власта конечно се зафати со справувањето со овој циркус низ центарот на Скопје, и не само таму, дури и по цена да плаќа милионски пенали и штети на криминалци кои биле ујдисани со вмронскине бараби и точно знаеле што и како прават и дека сето тоа е незаконско, и кич. Тоа исто се случувало и со разноразните дупови и гупови кои што, наводно, сега не можат да се вратат во првобитната состојба. Ама пред неколку години барабине можеа со нив да прават што и како сакаа, нели?!

Ако јавноста, на пример, можеше да најде разбирање, па и трпение за т.н. „бела шампита“ која глуми седиште на Владата на РМ, такво разбирање не може да се најде за се’ друго што остана буквално исто. Дури и надградено и проширено! Иако пред извесно време некаде реков дека оваа власт – реформска и прогресивна – не требаше да влезе во оној гаден објект наречен седиште на Владата на РМ и дека ќе беше подобро да влезат и во некоја шупа, тоа беше само исказ на моментен и во основа нереален револт. И ајде, ете, за тоа може и да се најде разбирање, иако ќе беше добро Владата брзо да поработи и на решавањето на тој и таков просторен проблем зашто онаа „бела шампита“, кога-тогаш, ќе мора да се врати во првобитната состојба. Тоа не е долг кон авторот на објектот кој, за жал, си ги продаде – барем така велат, ако грешам нека извини – авторските права на барабине, под притисок или не, туку е долг на целата демократска јавност кон историјата на македонската архитектура и култура!

Ако тоа сè уште некому нешто му значи. Ама, велам, јавноста може и да најде разбирање за преживувањето на тој конкретен кич. Но, никако нема да најде разбирање за ревитализацијата на сите останати кич содржини што ги добивме во наследство од оние кич (не)луѓе, наследени од, очигледно, други кич (не)луѓе, почнувајќи од разноразни одвратни „музеи“ и музејчиња, спомен куќички и фасадички, „манифестации“ и фестивалчиња, кич директорчиња и политикантски протуви залегнати повторно во скутот на власта, оние грозоморни (во изградба, божем стопирана) монструмчиња во слава на се’ и сешто, оние страобално кичерајски непловни ресторан-чамци, па дури и трине навистина жални по сите основи врби ама кои што ја чинеа оваа култура цели 317.000 евра!

Сиот тој кич, и многу повеќе, сè уште е меѓу нас, разбашкарен, залегнат, комотен, речиси недопирлив, а неговите творци, наместо да бидат таму каде што им е местото, ни се смеат во лице. И со право!

Слики: Matthew-Quick

Извор: teodosievskiumetnost.wordpress.com

 

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото