За граѓанската непослушност

27.12.2018 02:54
За граѓанската непослушност

Подемот на популизмот и авторитаризмот ширум светот е проследен, особено во Америка, со сè почестото спомнување на „отпор“. Овој прилично широк поим покрива сè, од поддржување на опозициски кандидати до ризикот на кој се изложуваа припадниците на разични движења на отпорот во текот на Втората светска војна саботирајќи го поредокот на нацистите. Оваа неодреденост може да биде корисна кога треба да се мобилизира што поголем број граѓани, но може да биде и збунувачка, кога треба да се најде најдобар начин за постигнување на конкретни цели.

Меѓутоа, постои и попрецизен поим кој денес ретко се споменува: граѓанска непослушност. Во теоријата, граѓанската непослушност може да биде делотворно оружје против популистите. Но, во праксата таа се соочува со два сериозни предизвици. Прво, постои распострането неразбирање на значењето на граѓанската непослушност. Второ, промените во медиумскиот пејзаж го отежнуваат пренесувањето на пораката на граѓанската непослушност на пошироката и разновидна публика.

Американскиот филозоф, Џон Ролс, кон крајот на 70-тите години на минатоиот век, ја дал класичната дефиниција на граѓанска непослушност како отворено кршење законите, но на свесен и ненасилен начин, со цел да се убедат сограѓаните дека некој закон треба да се промени зашто е неправеден. Во формулацијата на Ролс, оние кои прибегнуваат кон граѓанска непослушост мора да бидат подготвени да ги прифатат казните за овој чин.

Денес, дури и протестите со кои се кршат какви било закони често се опишуват како „непристојни“ (uncivil), или им се префрла дека ги поттикнуват „поделбите“ во и онака премногу поларизираното општество. Граѓаните кои се соочиле со политичарите за време на испитувањата во сенатот на судијата Брет Кавана се прогласени за „толпа“. Дури и многумина либерали се склони на движењето Black Lives Matter да му забележуваат за претерана агресивност. Гласните демонстранти собрани во Будимпешта за да протестираат против авторитарната влада на премиерот Виктор Орбан се отпишуваат како „либерални анархисти“. Во секој од овие случаи зборот „граѓанска“ (civil) во поимот граѓанска непослушност е измешан со учтивост (civility), во смисла на пристојност или достоинственост.

Што се однесува на Ролс, тој бил експлицитен во тоа дека кршењето на законите мора да се преземе во „во границите на верноста кон законот“. Тој го следи Мартин Лутер Кинг, кој тврдеше дека оној што го крши законот во име на граѓанската непослушност, „всушност изразува највислока почит за законот“, истакнувајќи ја неговата фундаментална неправедност, а притоа не ја затвара можноста за идна соработка со своите сограѓани. Во таа смисла, Кинг верувал дека „оној што го крши неправедниот закон, мора тоа да го направи отворено, со љубов...и подготвеност да ја прифати казната“.

Ова повикување на љубов незначи дека граѓанската непослушност мода да избегнува судири. Врз основа на прилагоденото и сентиментално сеќавање на 50-тите и 60 – тите години на минатиот век, би можело да се заклучи дека движењето за граѓански права успеало да ги оствари своите цели само со едноставно повикување на изворните американски принципи на слобода и еднаквост. Меѓутоа, во стварноста дел од стратегијата на ова движење со состоела и од предизвикување судири со полицијата и застапниците на белата моќ. Овие судири генерираа слики на бруталноста на белците, коишто барем некои белци ги навело да ја преиспитаат својата безусловна поддршка на „редот и законот“ што пропишувале расна сегрегација.

Во неодамна објавената студија за протестните движења од минатиот век, социолозите Ерика Ченовет и Марија Стефан покажуваат дека ненасилната конфронтација имала двојно повеќе изгледи за успех, отколку нејзините насилни алтернативи. Според податоците што тие ги изнесуваат, постојаното учество на само 3,5 отсто од населението во ненасилни протести може да биде доволно за фундаментална политичка промена.

Па сепак, историјата на американското движење за граѓански права укажува и на еден нов проблем, спрецифичен за нашето време. Ролс, Кинг и останатите застапници на граѓанската непослушност земале здраво за готово дека пораката на граѓанската непослушност – повикување на принципите на правда – ќе доспее до мнозинството граѓани во неизменет облик. Но, денес јавните сфери на многу држави се толку фрагментирани и пристрасни што идејата на Кинг за „општо национално јавно мислење“ станува бесмислена.

Како што покажува оваа неодамна објавена студија, во денешна Америка цвета длабоко изолираниот „десничарски медиумски екосистем“ во кој „вестите“ се изобличуваат само за да го потврдат идентитетот на граѓаните наклонети кон десницата. Истовремено во полуавторитарните контексти, како Унгарија на Орбан, со медиумите доинираат актери наклонети или блиски до режимот. Во такви услови, апелите на она што Ролс го нарекува „јавно чувство за правда“, главно бидуваат искривени, погрешно протолкувани или сосема замолчени.

Потенцијалните сторители на граѓанска непослушност не би смеело да си дозволат да бидат фатени во замката на пристојноста и достоинственоста. Кога опозициските политичари неодамна го прекинале заседанието на унгарскиот парламент блокирајќи го пристапот кон говорницата и довикувајќи му на Орбан, беа обвинети за обид за пуч. Всушност, тие само го свртија вниманието на фактот дека националното собрание веќе не е репрезентативно тело на сите граѓани што донесува легитимни одлуки.

Сепак, потенцијалните непослушници би морале да ја земат предвид сè пофрагментираната и позагадена природа на јавната сфера. Во некои случаи, тоа ќе значи дека ќе мора да им се обратат на сограѓаните директно на улица, на пазар или дури со кампања од врата до врата. Во други ситуации, тоа ќе подразбира пренесување на чинови на граѓанска непослушност во живо на интернет, во надеж дека бруталните методи на авторитарниот режим, на тој начин ќе бидат разоткриени пред доволно голем број на публика на социјалните мрежи. Во некои случаи, пак, ќе биде неопходно за да се врши притисок за да се дојде до структурни проемни, како што е враќањето на доктрината за правичноста во известувањето.

Граѓанската непослушност секако би била поефикасна во помалку искривен медиумски пејсаж. Па сепак, таа сè уште е еден од најделотворните облици на демократски „отпор“ што ги имаме на располагање.

Извор: Project Syndicate

 

Слични содржини

Општество / Свет
Општество / Свет / Екологија
Општество / Свет / Теорија
Општество / Свет / Технологија

ОкоБоли главаВицФото