За помирувањето и правдата

28.12.2018 02:11
За помирувањето и правдата

„... Првото нешто е да бидеш искрен со себеси. Никогаш нема да влијаеш врз општеството ако не си се сменил себеси. ... Големите миротворци се луѓе со интегритет, тие се чесни, но и понизни.”
                                                                   Нелсон Мандела


Проблем

Во Македонија изминативе неколку месеци јавноста од политичките структури, особено владата и парламентот, често слуша за потребата за помирување. Кога на водечките лица во владата ќе им се спомене дека помирувањето не е замисливо без правда, одговорот е дека едностраниот процес на помирување без правда е за повисоки цели. Едно од тврдењата е дека никој нема да се сеќава на ова „неправедно“ помирување за две-три децении кога Македонија ќе биде среќна како дел од НАТО и Европската Унија.

А што гледа народот? Оној обичниот, не само конкретно во овој крајно замрсен случај на амнестија завиткана во „помирување“, туку и општо земено? Народот ја гледа неправдата, измамата, политичките поткусурувања, осаменоста на обесправената личност наспроти системската и систематска корупција, како и двојните стандарди во правосудството. Парите, а особено украдените пари, го вртат светот, како што во филмот на Кустурица „Црна мачка, бел мачор“ Дади му вели на Матко Дестанов, „Мене еден Бугарин ми кажа, што не може да се купи со пари, може да се купи со многу пари!“

Не е никакво чудо што на поголемиот дел од граѓаните во Македонија ваквата континуирана коруптивна безочност на државните системи им предизвикува револт кој се претвора во цинизам, а крајниот резултат е малодушна разочараност. Општата констатација е безизлезност.

А што во суштина сака секој од нас, засегнатите граѓани? Сакаме правда. Но јасно е, за вистинска правда е потребна вистинска вистина. Моќна сцена која го доловува овој копнеж за вистината е прикажана во филмот на Роман Полански „Смртта и слугинката“. Во него е прикажана неименувана латиноамериканска држава која се закрепнува од воен терор. Паулина, главниот лик, случајно открива дека соседот лекар е оној кој ја измачувал и ја силувал за време на теророт. Таа ќе успее да го затвори во нејзиниот стан и ќе спроведе свое „судење“. Исечокот од нивниот дијалог е токму посветен на вистината.

Паулина: . . . Нема да те убијам зашто си виновен. Ќе те убијам затоа што не си се покајал ни малку. Можам да му простам само некому кој навистина се кае, кој ќе застане меѓу оние на кои им причинил зло и ќе каже, го направив тоа, да го сторив, а нема никогаш повеќе така да правам.
Роберто: Што повеќе сакаш? Доби повеќе од која било жртва во оваа земја што ќе добие. Што повеќе сакаш?
Паулина: Вистината, докторе. Вистината, а потоа ќе те пуштам да си одиш...

Што ако вистината не ни се допаѓа?

Но што ако вистината не ни се допаѓа? Како во „Пред дождот“ на Манчевски. Вистината е во суштина е љубовна приказна. Две љубовни приказни. Онаа меѓу Александар и Хана и меѓу Замира и Кирил.

Овие две трагични љубовни приказни се резултат на градењето на „своја“ вистина. Си имаме вистина. Вистината на нашата група. Како се гради таква „наша“ вистина? Прво си градиме слика за другиот, се одвојуваме од него како од непријател. Второ, преку одвојувањето се гледаме себеси како супериорни. Трето, така конструираниот непријател го дехуманизираме.

Уредникот на книгата „Култура на мирот“ Алан Крејдер, во воведот ќе каже дека непријател е оној „за кого зборуваме, но со кого не зборуваме. Непријател е оној кого не го сослушуваме. Непријател е оној кого го деперсонализираме и го етикетираме.“
Така правиме секогаш кога вистината не ни се допаѓа. Себеси се митологизираме, а другите ги демитологизираме.

Што ни треба?

Насреде ова градење митови, кои се како орнаменти од стиропор врз вистината која не ни се допаѓа, сите ние копнееме да се чувствуваме безбедно. Безбедноста предвидува мир, а за мир треба да се случи помирување. Копнееме по помирување, но се плашиме од процесот зашто свесно или потсвесно знаеме дека најчесто таквите процеси се злоупотребени, и од „нашите“ и од „другите“.

Сеедно, колективниот копнеж на запишаната човечка историја е дека вистинското помирување е претпоставка за живот во благосостојба. На пример, теологот Џон Милбанк е во право кога настојува дека за христијаните хармонијата и слогата, а не конфликтот, се конечната стварност. Но, Милбанк исто така нагласува дека тоа не ги ослободува христијаните од согледувањето на улогата на конфликтите тука на земјата. Прашањето тогаш е како да гледаме на конфликтот во светлина на помирувањето и на правдата? Вообичаено кога размислуваме за правда, особено легислативната правда, за неа размислуваме примарно како за казна за оној кој извршил некоја неправда. Ова е грешка, зашто правдата не е првенствено за казнување на прекршителот, туку за закрепнувањето на жртвите.

Еве еден личен пример. Пред десетина дена ни го ограбија станот. Во текот на долгата ноќ на чекање да се направи увид, со сопругата се изнаслушавме за примери на обивања, кражби и грабежи. Ако се сумира слушнатото, тоа може да се сведе на желбата за „правда“ врз дрските крадци. Правда тука првенствено се однесуваше на „казна“. Оттаму и немалото изненадување на лицето на инспекторот кога од мојата сопруга слушна дека главната цел зошто таа би ги запознала ограбувачите е нивната можна рехабилитација.
Визијата за ваква рехабилитација, која се состои во секое вистинско помирување, убаво ја доловува Џон Пол Ледерах кој помирувањето го опишува како патешествие „отелотворено во Христос кој создава простор во кој луѓето може да се заедно.“

Христијаните овие денови се сеќаваат на денот кој ова го направил можно. Таткото на Јован Крстител, чија главна улога е да посведочи дека Исус Христос е вистинскиот Божји помазаник, гледајќи го својот новороден син ќе пророкува:

А ти, дете, ќе се наречеш пророк на Севишниот, зашто ќе одиш пред Господовото лице за да Му ги приготвиш патиштата Негови;
и да му дадеш на народот Негов сознание за спасение, преку проштевање на гревовите нивни,
заради големото милосрдие на нашиот Бог, со која нѐ посети Исток од висините,
за да им блесне на оние што седат во темнина и во сенка смртна, и да ги упати нозете наши по патот на мирот. (Лк. 1:76-79)
Псалмот 85:10-11 го опишува мирот на следниов начин: „Милоста и вистината ќе се сретнат, праведноста и мирот ќе се целиваат. Верноста ќе изникне од земјата, а праведноста ќе се појави од небото“.

Земајќи го горенаведениот псалм како водилка, Ледерах развил модел на помирување во кој ги вбројува елементите на вистина, правда, милосрдие и мир. Тој „вистината“ ја споредува со концепти како транспарентност, објава и јасност; „милоста“ со концепти како прифаќање, простување, поддршка, сострадание и исцелување; „правдата“ со еднаквост, правилни врски, поправање на грешките, и надомест за каква било штета; „мирот“ со хармонија, единство, благосостојба, безбедност и почит.
Нема помирување без сите од овие состојки.
Да се вратиме на Захарија и неговото пророштво. Таткото на Јован најавува што е потребно за вистинско помирување.

Јован, неговиот син, го подготвува патот за тоа помирување. Оваа подготовка на патот го означува вертикалното помирување меѓу Бог и човекот, а кое според Библијата е пресудно за да се случи и хоризонталното помирување меѓу човек и човек, човек и природата и на човекот сам со себе.
Имајќи предвид дека толку исползуваниот збор помирување во контекст на македонската политика најмногу, но не исклучиво, се однесува на две етнички заедници тука, од новозаветна гледна точка соодветствува да се цитира стихот на апостол Павел напишан до црквата во Ефес: „Зашто Тој е нашиот мир, Кој од двата народи направи еден и ја разруши преградата што беше меѓу нив,“ (Eф. 2:14).

Нема помирување без правда

Горкото искуство на непријателство, неправда и постојано војување ги навело група граѓани на Израел, етнички Палестинци и Израелци да ја формираат организацијата „Мусала“ со цел да се посветат на промовирање и координирање на помирување меѓу Евреите и Палестинците од разно етничко и религиозно потекло. Кога зборуваат за правдата и помирувањето во Новиот завет претставниците на „Мусала“ велат:

За правдата да се исполни, мора да се случи помирување, „зашто вистинската правда, правдата која ги прави нештата подобри“ никогаш не се задоволува само со следење правила, вклучувајќи ги и правните норми, колку и да се тие фер. Таа се задоволува само доколку врските се обновени, а разорната моќ на злото е поразена. Ова бара своеволно поништување на логиката на – око за око и заб за заб.

Но исто така, бара и јасно дефинирање на секоја неправда, признавање на истата, и никогаш не ги превидува потребите за покајание проследено со барање прошка. Последно што со ваквото помирување и правда се предвидува формално замижување во име на повозвишени цели. Она што редовно го слушаме во јавноста кога станува збор за тековното „помирување“, особено на неколкумина пратеници во име на посветла иднина на Македонија. Таквото помирување е со фабричка грешка или уште посликовито, со генетска грешка. Притаена во самиот систем, само прашање на време е кога ќе го „зариба моторот“ или ќе го „парализира организмот“.

Помирувањето и правдата нема да го минат тестот на живот како општество ако се само фасада, ефтин материјал кој го украсува гнилежот на системски и систематски неодржуваната градба.

Еве еден пример за она што треба да се случи за помирувањето и правдата да бидат лек, а не дополнителен отров. Откако Пауло бил присилен да стане дете војник во една од герилските групи во Африка, и минал неколку години убивајќи исто како што нему му биле убиени членови на семејството, тој успеал да побегне и да се врати во својата мала заедница. Преживеал само татко му кој го пречекал и му искажал добредојде, но не останало само на тоа. Еве го описот за Пауловото враќање во заедницата:

Го одведовме неколку километри од куќата. Таму изградивме мала колипка покриена со сува трева. Го ставивме во неа, се уште облечен во валканите алишта со кои се врати од герилскиот логор. Внатре во колипката беше соблечен, а потоа потпаливме оган . Возрасен роднина му помогна на Пауло да излезе од колипката, која заедно со алиштата изгоре. Потоа на Пауло му беше речено да вдишува од чадот на некакви лековити билки, беше искапен во вода полна со лековити тревки за да се исчисти надворешно и внатрешно.

Драги политичари, не може ова вака како што вие тврдите. Не може! „Чистењето“ само однадвор во име на повисоки цели покажува дека не ја разбирате динамиката на човечкото срце за кое Исус вели дека, кога е нечисто, го онечистува целиот човек.

Вашата иницијатива за помирување ќе ја прифатам само како процес од суштинско поправање на нештата во Македонија. Сè додека сметате дека со нечисто срце ќе чистите луѓе со нечисти срца, такво ќе ви биде помирувањето и правдата, а таква ќе биде и Македонија, сосе НАТО и Европската Унија.

Слики: Victor Fota