Го занемаруваме либералниот придонес на фашизмот

28.12.2018 11:58
Го занемаруваме либералниот придонес на фашизмот

Што беше повод за почетокот на вашето истражување за корените на фашизмот и каква врска има тоа со делото на Џон Лок? Дали може да ни кажете нешто за опозицијата на либерализмот и фашизмот?

Според широко прифатените поими, либерализмот во основа е демократичен. Поимот „либерална демократија“ подразбира речиси симбиотска врска помеѓу либерализмот и демократијата: тие постојат во меѓусебна зависност и складност. Освен тоа, историскиот фашизам редовно се перципира како моќно антилиберален. Но кога почнав да ја проучувам вистинската историја на либерализмот и некои помалку конвенционални толкувања, како оние што ги изнесе историчарот Доменико Лосурдо, ми стана појасно дека претпоставената опозиција на либерализмот и фашизмот е симплифицирана. Најважно, сфатив дека либерализмот, иако првобитно помогнал во проширувањето на парламентарните институции и ограничувањето на апсолутната моќ на монархот, бил мошне сомничав кон демократијата кога таа значела вистински популарна масовна политика. Така во текот на 19 век главно се противел на проширувањето на правото на глас. Либералните елити и буржоазијата имале намера да ги ограничат овластувањата на оние горе, што довело до некои процедури и механизми за тоа да се спроведе – одвојување на овластувањата, проверка и рамнотежа, индивидуални слободи и законски права. Но тоа не значело дека тие механизми и процедури ќе се употребуваат против сопствените интереси, дека ќе ги користат оние долу. Можеме да кажеме дека стравот од масите и моќната дисциплинарна, дури авторитарна тенденција можат да се следат уште од Џон Лок, можеби најважниот мислител од формативната фаза на либерализмот за кој вообичаено се смета дека е толерантен демократски мислител. Така масовната политика станала голем проблем за либералниот поредок, создавајќи потенцијал за авторитативни „решенија“. И тоа е проблемот кој фашизмот од 20 век го адресирал во процесот на наследување многу либерални забелешки во врска со масовната демократија.

Од Лок натаму

Во книгата укажувате на претпоставката за создавањето на фашизмот која ја создал либерализмот и акцентот го ставате на неговата фокусираност на сопственоста?

За либерализмот вообичаено размислуваме како за ослободувачка сила која отвора политички можности. Но игнорираме до која мера класичниот либерализам подеднакво ги затворил политичките можности. Тврдам дека либерализмот, со политичкиот апсолутизам, исто така се обидувал да ја укине апсолутноста на политиката. Мислам дека либералите сакале да ја одбранат приватната сопственост од какво било политичко насилство. Сакале економската сфера да ја издвојат од оданочувањето на монархијата, а потоа и од прераспределбата на богатството на масовната демократија. Одбраната на сопственоста од демократијата станала апсолутно централна тема за либералите. Од Лок натаму тоа било клучно прашање и многу либерали од 19 и 20 век инсистирале на таа точка: така за Алексис де Токвил, откако по револуционерните бранови во 1789, 1830 и 1848 година биле отстранети некои други социјални и политички привилегии, единствената привилегија што останала била сопственоста. И требало да се одбрани по секоја цена. Токвил речиси секогаш се смета за либерален критичар кој ги предвидувал опасностите од фашистичката „тиранија на мнозинството“. Впрочем, предупредувал за масовната демократија и социјалистичката опасност за сопственоста. Впрочем, затоа препорачал империјалистички и милитаристички решенија за социјалните немири и ја поддржал француската колонизација на Алжир. Во тој случај, ако ништо друго, станал предвесник на фашистичката агресија и експанзија.

Од оваа важна одбрана на приватната сопственост и класното општество дошле и други либерални придонеси за фашизмот и афинитети поврзани со него. На пример, често размислуваме за индивидуализмот како за свето либерално начело кое го напаѓа колективистичкиот фашизам. Но, вистина е дека либералниот индивидуализам се темелел на стравот од демократски егалитаризам. Тоа создало либерален и конзервативен култ на индивидуалистичкиот „гениј“, херој, државник и претприемач. И фашизмот, додека моќно му се спротивставува на индивидуализмот во егалитарна смисла, себеси се гледа како цврсто спротивставен на индивидуалната супремација и иницијативата против сивите и угнетувачки маси. Изненадувачки, либерален идеолошки остаток наоѓаме дури и во фашистичкиот култ на големиот водач кој се издигнува над масите.

Некои либерални традиции, како „новиот либерализам“, биле блиски до социјалдемократските традиции. Какви опозиции биле присутни во оваа либерална традиција, а денес можеме да зборуваме за нив?

Навистина е важно да се разликуваат различните текови и варијанти во рамки на либерализмот. Тоа може да се објасни со прибегнување кон она што го нарекувам „либерално одвојување“, кое се случило во текот на 19 век, кога масите почнале да имаат политички и економски барања против буржоазијата. Либералите требало да одлучат што е поважно: нормативниот, политичкиот поредок или капитализмот и неговото економско владеење. Некои се одлучиле за политичкиот поредок, други за економијата. Тоа е расцепот помеѓу економскиот и политичкиот либерализам: помеѓу оние кои го преферирале економскиот либерализам и од што се создале движењата на „новиот либерализам“, и „социјалниот либерализам“ кој не бил толку далеку од социјалната демократија. Но економските либерали, за кои капитализмот е поважен од демократијата, често го отфрлале политичкиот либерализам и својата поддршка ја давале на авторитарноста, па дури и на фашизмот. Тука можеме да ги споменеме италијанските либерали кои го поддржувале Мусолини, како што е Џовани Џентиле кој станал највлијателниот идеолог на режимот, па и Бенедето Кроче во раната фаза на режимот. Иконските капиталистички идеолози исто така го бранеле фашизмот и другите облици екстремно десни диктатури, како Лудвиг вон Мизес или подоцна Фридрих вон Хаек, кој го поддржувал чилеанскиот диктатор Августо Пиноче. А денес бразилскиот екстремист Жаир Болсонаро доби поддршка во главните економско-либерални медиуми. Накратко, политичкиот либерализам, ако тоа значи демократија, па дури и владеење на правото, во никој случај нужно не им служи на интересите на либералите и буржоазијата. Напротив, често е на нивниот пат. Значи, авторитарното искушение е дел од либералната структура.

Во повеќето европски држави е присутен политички дуопол за кој велите дека е само привидна разделница помеѓу две политички партии кои не ги поставуваат вистинските прашања, туку создаваат дистракција?

Па, тврдам дека во своите настојувања да ги бранат своите привилегии против масовната демократија либералите користеле и користат повеќе од обични диктаторски и присилни мерки. Другите помалку драстични средства често се искористени и дури попожелни зашто се помалку ризични и турбулентни. Еден од нив е обидот за одвраќање на масите од економските проблеми и нудењето други помалку важни теми. Во книгата го давам примерот на Валтер Багехот, англиски либерал од 19 век, кој бил среќен што масите се фокусирани на кралицата, незините ритуали и гестикулации, со што реалната политика ѝ била препуштена на либералната елита која дејствувала главно зад сцената. Други начини за неутрализација на масите се одвојување на економијата од политиката, на пример така што реалните економски одлуки ги спроведуваат институциите кои главно се недемократски, како што е неизбраната бирократија на Европската унија. Уште еден начин да се оперира со двопартискиот систем е сите да споделуваат иста економска визија: можат да се разликуваат по останатите прашања, но републиканците и демократите во САД или конзервативците и лабуристите во Велика Британија на крајот спроведуваат мошне слична, главно неолиберална програма. Секако, тоа не е непропустлив систем, а масите и натаму го користат притисокот одново да ја демократизираат економијата. За тоа зборува подемот на многу поодлучните лабуристи на Џереми Корбин или популарноста на Берни Сандерс и неговата визија за социјалната држава, за разлика од естаблишментот на Демократската партија. Сличен развој гледаме и во многу други држави.

Како да им се пристапи на „масите“

Колку за актуелниот подем на десницата во Европа е одговорна и денешната левица? И на кој начин впрочем европската социјалдемократија помагаше во одржувањето на либерализмот?

Генерално кажано, мислам дека прифаќањето на економскиот либерализам од страна на левицата, особено по распадот на советскиот блок, помогна во создавањето политички вакуум кој сега е проткаен со подемот на екстремната десница, па дури и со неофашистичките движења. Левиот мејнстрим ја напушти и ја компромитираше критичката и популарна визија и стана обична менаџерска елита која го поддржува капитализмот. Така луѓето кои бараат алтернатива во време на економска и политичка криза полесно се примамени од гнилата десничарска реторика на омразата. Но како што веќе споменав, има знаци дека левицата презема некакви чекори, истовремено барајќи нови општествени и политички начини за предизвикување на статус кво-то.

Кога левицата сосема ги напушти своите ветувања и обврски кон социјалната држава и социјалната демократија, да не зборувам за порадикалните амбиции, се отвори вратата десницата да направи реторички гестови и да се презентира како „популистичка“ и пристапна за потребите на обичните луѓе. Тоа се гнили тврдења зашто десното крило не е „популистичко“ до таа мера, колку што е етнократско и расистичко. Тоа не ги брани луѓето во класна и социјална смисла, како што тоа го правеле јакобинците на почетокот од политичката модерност, туку само оние кои преостануваат по воведувањето на етничката хиерархија, исклучувајќи ги имигрантите, бегалците и културните и верски малцинства, кои често се економски најранливи. Фашизмот меѓу двете светски војни се обиде да направи нешто слично и да ги привлече работниците, но својата изборна поддршка ја стекна со мнозинство во средната и високата класа. Повеќето работници им останаа верни на левите работнички партии. Денес, заради споменатиот политички вакуум, изгледа дека радикалната десница е малку поуспешна во додворувањето на работничкото изборно тело. Белите и христијанските работници се почувствителни на ксенофобните поттици, но верувам дека повеќето следбеници на десницата и натаму ги претставуваат богатите класи кои реагираат на заканите одоздола.

Што е со изборите, односно масовната демократија за која зборувате кога гледаме дека во Европа во последниве години јакнат партиите од екстремната десница?

Станува збор за актуелни тенденции во Европа. Но политиката е исклучително динамична и повторно можеме да видиме поместување кон лево. Во секој случај, десничарскиот бран не е нешто што е впишано во ДНК на „масите“, кои според својата природа, како што често ни велат либералите и конзервативците, се наводно неразумни, лековерни, неприлагодени и агресивни. Впрочем, зарем свртувањето кон десно не е во голема мера олеснето со политичките стратегии на елитните извршители? Изземањето на економијата од политиката, што го препорачуваат либералните елити поддржани од поранешните социјалдемократски партии, создаде сеопшто разочарување: ако се намалува економскиот колач, единствен начин да се бориме против тоа е исклучувањето на странците, тврдите ксенофобни партии. Ако политиката не може да донесе поправеден свет кој економијата не може да го поднесе, како што често велат либералните и неолибералните идеолози, тогаш наша утешна награда се ирационалната политика на идентитети и натреварувачките племенски војни, во кои и натаму се искористуваат социјално најзагрозените и маргинализираните.

Последната точка се однесува на прашањето како да им се пристапи на „масите“ и „масовното општество“. Во својата најнова книга „Фашизмот и масите: бунтот против последните луѓе, 1848-1945“ тврдам дека една од клучните амбиции на класичниот европски фашизам била уништување на масовното општество и замена на омразените „маси“ со други колективни ентитети кои фашистите ги гледале како позитивни, како што се das Volk, нациите, расите или заедниците. Масите се идентификувани преку низа атрибути кои фашистите ги сметале за исклучително негативни, како што се егалитаризмот, хедонизмот, непослушноста, независното организирање, масовната култура. Наспроти тоа, останатите колективи се доживувале како хиерархиски, покорни, традиционални, уредени. Кога велиме дека масовната демократија денес ја фаворизира десницата, можеби проблемот не треба да го гледаме во „масите“, како мошне специфичен облик на цивилизацијата, туку во фактот дека масата е проект кој во голема мера е субвертиран. Луѓето денес се чувствуаат и дејствуваат премногу како нација, етнос, раса, елитно племе итн. Ако тоа е вистина, нашиот најдобар противотров за подемот на десницата може да биде повторното откривање на вредностите на општеството на масите и обновената посветеност за тоа.

Слики: Готфрид Хелвајн

Извор: https://www.portalnovosti.com

ОкоБоли главаВицФото