Зимски ден

29.12.2018 11:39
Зимски ден

Зимски ден на замрзнатата вода – на долгиот речен ракав, кој вака оставен и заборавен од големиот речен тек обвива со својот месечест, српест полукруг неколку живи, од луѓе и деца населени села. Зимата е дебела – месец декември, или уште подобро, јануари, време на зимски распусти. Сите деца – и оние малите, и средните, и малку поголемите, се спуштиле на оваа замрзната вода, вода што се има претворено во мраз дебел дваесетина сантиметри, и кој само по рабовите, во допирот со копното, со засушената, овената трска и со другите растенија, нагло се истенчува, па на тие места пука и крцка како да се скршила лушпа од јајце, а малите одачи – лизгачи, без капути и зимски јакни, само во волнени маици и во топли панталони паѓаат во водата квасејќи си ги задниците, и така мокри го напуштаат зимскиот мегдан за детски игри, натпревари и докажувања, будалести кочоперења какви што не ги напуштаат ни возрасните, зрели луѓе, од какви што, всушност, е сочинета поголема површина од сечиј живот.

Убава, кротка зима, како од старите фотографии и разгледници, на кои снегот носи ненадејна чистота, а блескањето на зимското сонце се прелева на покривите, како клавиши од пијано на кое некој во мигот компонира малечка етида со која би се посакало да се порекне сето валкано и зло, сето нечесно и ниско во грандиозната слика на светот, која, ете, ја сочинуваат и вакви мали села со замрзнати бари или езера по кои се бркаат и се лизгаат дечурланата, на кои се игра дури и фудбал и се возат велосипеди, сигурно и вешто извивајќи се помеѓу дупките што овде ги избушиле рибарите, чии дрвени чамци сега чмаат зафрлени во крајбрежниот шамак, или повлечени горе, на тревната стрмнина и на насипите прекриени со снег, кои овие населби ги штитат од можноста за прекумерно надоаѓање на водата.

Никој нема право оваа слика на замрзната вода по која се бркаат децата и малите кадрави селски кучиња, чие лаење се одбива од зимското студенило создавајќи ѕвонлив екот, кучиња што понекогаш впрегнати влечат санки натрупани со деца – никој нема право со зли мисли и претчувства да ја осуети и да ја расипе оваа слика, над која постојано трепери ветувањето на топлите соби, малите шпорети на дрва и чиниите со добра, мрсна и заситувачка зимска супа по чија површина пливаат кнедли од гриз и многу вкусни парченца кокошка – кокошкино чкембенце, дропче, срце, врат, крилца и две долги и крути, ковчести пилешки ножиња, состојки без кои домашната супа во овие краишта е речиси незамислива.

Извор: filozofskim.blogspot.com
Слики: Frederik Marinus Kruseman
Превод: Ѓ. З.

Слични содржини

Книжевност
Книжевност
Книжевност
Ѓорѓи Крстевски
Книжевност

ОкоБоли главаВицФото