За образованието

29.12.2018 17:39
За образованието

Во опстанувањето на масовниот поредок образованието за сите се приближува до побарувањата на просечниот човек. Духовноста опаѓа со ширењето во масата, кога рационализацијата сѐ до плитката мигновена пристапност за простиот ум предизвикува процес на осиромашување во секој вид знаење. Со нивелирачкиот масовен поредок исчезнува образовниот слој што на темелот на континуираното школување има развиено дисциплина на мислење и чувствување, по која тој можел да биде одек на духовното творештво. Човекот од масата има малку време, не живее живот од некоја целина, веќе не сака подготовка и напрегање без некоја конкретна цел со која би ги претворил во корист; тој не сака да чека и да дозволи дозревање; сѐ мора веднаш да биде со мигновено задоволство; духовното стана моментална забава. Затоа есејот е примерна книжевна форма за сѐ. Весниците го заземаат местото на книгите, а секогаш некоја друга лектира доаѓа на местото на придружните дела. Се чита брзо. Се бара краткост, ама не онаа што би станала предмет на потсетувачката медитација, туку онаа што брзо посредува нешто што се сака да се знае и веднаш смее повторно да се заборави. Всушност, веќе не може да се чита низ духовно соединување со содржината.

Отсега образованието значи нешто што никогаш не презема форма, туку во исклучителен интензитет сака да излезе од празнината, во која постојано отпочеток влегува. Се појавуваат типични вредносни судови. Човекот е веќе отповеќе заситен со она што тукушто го чул; затоа се бара нешто ново, кое веќе само со својата новина поткупува. Во него го поздравува она изворното што и го очекува, а пак дозволува бргу да исчезне, оти со тоа успева да постапува само како со сензација. Од втемелената свест дека во едно раздобје, које пораснува во некој нов свет, во кое она што е минато веќе не е доволно, со радост ново нарекуваме нешто што би го направиле делотворно: ново мислење, ново чувство за животот, нова телесна култура, нова предметност (neue Sachlichkeit), ново водење на домаќинството итн. Ако е нешто ново, станува позитивно, а ако не е ново – подлежи на потценувачки вредносен суд. Ако и нема што да се каже, сепак имаме разум, а тој може да се вработи на тешки задачи, како прост отпор; некој да е интелигентен, тоа станува оцена што сега мора да го застапува духовниот бит на можната егзистенција. Нема блискост со човекот, не може да се љуби, туку само да се користи, да се има другари и непријатели во апстрактната теорија или во дофатливите цели на опстанокот; поединецот, меѓутоа, се цени како интересен; тој не е тука како самиот тој, туку како дразба; дразбата престанува кога веќе не изненадува. За образован се смета оној што е за сето тоа способен, кој изгледа ново, интелигентно и интересно. Полето на тоа образование е дискусијата, која денес стана масовна појава. Дискусијата, меѓутоа, наместо забавата, изразена со оние три вредносни судови, само тогаш би можела да го гарантира вистинското задоволување, кога би имало и вистинска комуникација како исказ на борбата на уверенија или како приопштување на искуства и спознаи што му припаѓаат на заеднички конституираниот свет.

Масовното ширење на знаењето и неговите искази предизвикува излитеност на зборовите и речениците. Во образовниот хаос сѐ може да се каже, ама така што всушност веќе ништо не е мислено. Неодреденоста на смислата на зборовите, дури и отстапувањето од поимливоста, која поврзува дух со дух, го оневозможува битното меѓусебно разбирање. Кога е изгубено упориштето во вистинските содржини, најнакарај свесно се зема јазикот како јазик и се прави предмет на намера. Кога гледам некој крајолик низ прозорецот, јас додуша гледам, но кога погледот ќе го сосредоточам само на прозорецот, веќе воопшто не гледам. Денес се избегнува со помош на јазикот да се гледа на суштината, дури и суштината се заменува со јазик. Суштината треба да биде „изворна“, значи да се избегнува секаков востановен збор, особено возвишени зборови што биле и можат да бидат носители на содржината. Невообичаениот збор и невообичаениот ред на зборовите мора да создадат впечаток на изворна вистинитост, а новите зборови длабочина. Како духот да се состои од преименувања. Човек е за миг воодушевен од она што е изненадувачко во јазикот, додека и тој јазик не се излити брзо или не се покаже како маска. Редукцијата на јазикот е налик на грчовито натегнување, за во образовниот хаос да се најде форма. Така денес појавата на образованието станува или неразбирливо разводенета со зборување со какви било зборови или, пак, поставајќи ја јазичноста на местото од стварноста, прераснува во говорен манир. Средишното значење на јазикот за човековиот бит со превтувањето на вниманието се претвори во фантом.

Во тoa незапирливо растворање јакнат образовните стварности што го покажуваат патот на подемот: таму каде што станува збор за стручно знаење, егзактната стручност стана саморазбирлива. Раширено е специјалистичко умеење; знаењето што му припаѓа може да се стекне на блискиот предмет со вложување во методите и да се сведе на резултати во наједноставни форми. Секаде во хаосот има оази, таму каде што луѓето успеваат нешто стручно да направат. Таа стручност, меѓутоа, е распрсната; поединецот умее само нешто поединечно, а тоа умеење често е налик на ограничена сфера, која тој едвај ја поседува, ама не ја соединува со своето битие и со сеопфатната целина на образовната свест.


Извор: filozofskim.blogspot.com

Слични содржини

Општество / Теорија
Став / Теорија / Историја
Општество / Став / Живот / Теорија
Општество / Став / Теорија
Наука / Култура / Теорија
Општество / Европа / Став / Теорија
Општество / Активизам / Култура / Теорија

ОкоБоли главаВицФото