Една од читалниците во Центар нема да биде дислоцирана

31.12.2018 05:10
Една од читалниците во Центар нема да биде дислоцирана

По информацијата дека читалниците „Славко Јаневски“ и „Ацо Шопов“ во општина Центар се затвораат, останува нејасна судбината на книгите. Од Фондацијата „Славко Јаневски“ велат дека градоначалникот ги убедувал дека, сепак, истоимената читалница нема да биде дислоцирана.

„Стапивме во контакт со градоначалникот Саша Богдановиќ, кој нè убеди дека читалницата нема да биде дислоцирана. Поради настанатите околности Фондацијата реши романите што конкурираат за наградата ‘Роман на годината’ да се примаат во читалницата (‘Славко Јаневски’) од 12 до 20 часот секој работен ден, но и во Културно-информативниот центар во работно време“, вели за Радио МОФ извршниот директор на Фондацијата, Ѕведан Георгиевски.

Од Општина Центар демантираа дека ќе се затвораат читалниците кои функционираат на територија на општината.

„Поради високата кирија која општината ја плаќа за просторот, една од читалните ќе биде преместена на друго место, а другата ќе продолжи да работи во досегашните простории. Општина Центар дополнително ќе ги извести граѓаните за новата локација на читалната“, соопшти Општина Центар.

Претходно, градоначалникот Саша Богдановиќ напиша дека „дел од читалниците ќе бидат затворани, а дел ќе останат на истите локации каде што се наоѓаат и денес“, потенцирајќи дека „Општина Центар ја поддржува кулутурата, културниот развиток и читањето книги“.

Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“, реагираше дека е „најблаго речено, е непријатно изненадена од ненадејната вест за одлуката на Општина Центар за затворање на двете нејзини читалници, особено за одлуката за затворање на читалницата „Славко Јаневски“.

Оттаму соопштија дека ниту во еден момент не биле консултирани при донесувањето на оваа одлука ниту пак биле во можност да понудат евентуални решенија за да може да се ублажи евидентната штета што оваа одлука неминовно ја носи со себе.

„Ова го велиме затоа што читалницата „Славко Јаневски“ поседува квалитетен книжен фонд (а тука се наоѓаат и мошне вредни книги), скулптури и уметнички дела. Најголемиот дел од книжниот фонд и уметничките дела се приватни донации и подароци, меѓу кои најзначајна е донацијата на семејството на Славко Јаневски. Со одлуката за затворање на читалницата останува нејасна судбината на сите овие донации и вредни дела. За жал, немаме информација како ќе се постапува со нив, каде ќе завршат и дали донаторите ќе се сложат со новите ршенија. Сепак сме во надеж дека заеднички ќе дојдеме до соодветно издржано решение, со кое ќе се минимализира штетата настаната од оваа ситуација“, се вели во соопштението од Фондацијата „Славко Јаневски“.

 Извор: Радио МОФ

Слични содржини

Јавни простори / Култура / Уметност
Активизам / Јавни простори / Култура / Уметност

ОкоБоли главаВицФото