Црвена лисица

31.12.2018 11:52

Црвената лисица минува преку мразот
загната по нешто што не е моја работа.
Зима е и нема многу избор.

Стојам среде зараснатите гробишта,
се преправам дека гледам птици,
но всушност ја следам лисицата
на која не ѝ беше гајле.
Застанува пред чистиот зрак
на барата. Знае дека сум тука,
ме мириса во ветрот што од страна ѝ иде.
Да имав пушка или пес
или сурово срце, ќе намирисаше.
Не е попусто толку мудра.

Таа е вита женка: ѝ ги гледам
ребрата, итрите
очи на измамничка, полни со желба
и очај, тенките
нозе, вешти за измама.

Зошто да се потхранува сфаќањето
за чесна сиромаштија?
Тоа е само оправдание
за нула милосрдие.
Гладта расипува, а целосната глад
целосно расипува,
или речиси толку. Се разбира, има и мајки
што ги цедат своите дојки
до последна капка, ги заложуваат своите тела,
и забите би си ги дале за своите деца,
или само би сакале така да мислиме.
Но сетете се - Јованче
и Марика беа однесени в шума
оти родителите им гладуваа.
Sauve qui peut. За да преживееме и ние
би станале крадци

и неранимајковци, или така ни вели лисицата,
со палто на елегантен никаквец,
со бел нож од насмевка,
кој би знаел каде се упатила:

да дрпне нешто
што не ѝ припаѓа -
некое пиле, или уште една можност,
или некој друг живот.

Превод: Зоран Анчевски

 

ОкоБоли главаВицФото