10. Пет забелешки за природата на анализите што следат

14.05.2009 14:43
118.jpg

 

1.                   
Во книгата „Комунистичка интима“ го употребив името комунизам а не социјализам, НЕ затоа што: 1. тоа беше жаргонот на победниците во Студената војна (кои никогаш и не го прифатија името социјализам за своите противници), 2. ниту затоа што партиите од реал-социјализмот себеси се нарекуваа комунистички. Туку, затоа што сè што во стварноста постоеше, беше комунистичката идеологија која последователно се себеврамуваше ВО фантазмот за социјализмот како транзиција, „во него повеќе од него“ (реал-комунизмот во социјализмот, повеќе од социјализмот). Комунизмот што никако да дојде, не доаѓаше токму затоа што веќе беше тука.

Тригодишната влада на Црвените Кмери во Камбоџа (1971-74), кога беа убиени две третини од возрасното машко население („Колку што мене ми е познато, најголемото приближување до социјалистичкиот идеал во историјата“- Шафаревич) покажува дека бришењето на фантазматската рамка за социјалистичката транзиција –водеше до тотална анихилација на сè што постои. Во последниот официјален попис од денешна Камбоџа, половина од целото население e помладо од 21 година. Обидот да се спроведе во целост идеологијата на „Комунистичкиот манифест“ (аболиција на државата, на приватната сопственост, на семејството, одвојување на децата од родителите....), би значело уништување на сè, вклучително и на самиот Манифест. Социјализмот не беше „позитивната“ супстанција, туку симптомот, слепата точка, „паразитот“ закачен за телото на комунизмот кој него, парадоксално, го „чуваше“ од исчезнување, кој него го гарантираше.

2.
Се согласувам со Кетрин Вердери, дека да се проучува една земја како типична е неважно затоа што „ниедна социјалистичка земја не била типична“, како што не може да се каже дека Холандија, Нов Зеланд, Јапонија или Америка се типични, туку дека се варијанти на единствениот капиталистички систем. Ова што следи е обид за анализа на заедничките точки преку кои оперирал комунизмот - и како идеологија, но и како реал-социјализам (како разлика помеѓу ветувачката платформа и несимпатичната стварност).

3.
Оваа книга е организирана како анализа на исклучоци затоа што верувам дека исклучокот е поважен од управувањето: „Исклучокот го објаснува и општото и себеси... Ако исклучокот не може да биде објаснет, тогаш ни општото не може да биде објаснето... За општото се мисли без страсти, а со угодна површност. Од друга страна, исклучокот мисли за општото со интензивна страст“, вели Кјеркегор. Но и во смисла на Алтисер – во историјата и нема ништо друго освен исклучоци. „Не постои универзално правило кое дава да се измерат исклучоците во однос на правилото. Во реалната историја, и нема ништо друго освен исклучоци.“

4.
Оваа книга е пишувана со едно јасно побарување – од македонска транзициска правдина. Во 2002 година во Државниот архив на Република Македонија се дадени на чување над 14.000 лични досиеја на Македонци водени од Службите за државна безбедност. Според еден документ на МВР издаден во септември 1993, во Македонија биле затворени 1.054 лица, а 242 биле осудени на смрт или на затвор над 15 години. Пред крајот на Втората светска војна, во Македонија се вршени убивања без судења. Во 1945, педесет и тројца велешани се масакрирани во селото Летевци, а судењето се случило по елиминацијата, познати се убиствата на струмичките студенти, стрелањата во Штип и Куманово, на Зајчев Рид е убиен Димитар Ѓузелов, неразрешени се случаите на Ченто, Брашнаров, Рацин, Пирузе, Шатев, како и бројни судбини на Македонците на Голи Оток, стрелањата за Сремскиот фронт и слично...

5.
Анализата на комунизмот од оваа книга, може да се употреби и надвор од неговиот историски контекст. Некои од опишаните феномени се препознаваат во разни форми на политичкото и популарното живеење во разни етапи од македонската стварност од 1991 до денешна Македонија. Од актуелните, на ум ми паѓаат овие сличности: егзотичноста и еклектизмот (интересот за Хунзите, за античкото наследство наспрема неможноста за дијалог со соседите... - види ја главата „Егзотичност“); владиното повикување на ударништво наспрема вградената акцелерација на времето, својствена за капитализмот – види ја главата „Аритмија на социјализмот“); зголемувањето на улогата на тајната полиција (со ребалансот на буџетот во 2008 на Управата за разузнавање и контраразузнавање и’ се доделени далеку поголеми пари во однос на минатите години - види ги главите посветени на тајните служби) итн. Идеолошките решенија од комунизмот може да се пресликаат во разни форми на политичкото владеење, и без директно-историското, или логично-политичкото наследство. Оваа книга е и потсетување за тие опасности.

 

Квадратите на Маљевич
(За бирократската баналност на злото)


Кога зборуваме за социјална логика на комунизмот, за што, всушност, ние зборуваме? Секако не зборуваме за формалната логика, за апстрактниот однос меѓу А и Б. Ние зборуваме за „граматиката на комунизмот“ (која, во македонскиот случај, се мешала со „граматиката на паланката“), зборуваме за кластер од правила според кои едни луѓе се вклучени во системот, а другите се исклучени. Таа „граматика“ е форма без супстанција.

Комунизмот, како и New Deal капитализмот и фашизмот, е базиран на административната празнотија, на - чистата форма. Во комунизмот не постои ништо што го легитимира човечкиот живот и неговата инхерентна вредност ПО СЕБЕ. Циниците може да речат дека и човечкиот живот е празна апстракција, форма без содржина. Да, но тоа би значело дека и емоцијатата и болката не постојат, што не е точно. Со многу малку добра волја, мора да се рече единствено спротивното. Ако нешто постои вистински, во смисла на траума, удар, на она „жив сум“, на Реалното на Лакан – тоа е само болката. Сето друго се конвенции, празна бирократија, како празните Штази-канцеларии во Берлин.

Советскиот комунист Пјатаков, веќе исклучен од болшевичките редови, од егзилот во Париз, напиша: „Ние сме партија составена од луѓе кои невоможното го чинат возможно; пронижани од мислата за насилство, го упатуваме самите на себеси, а ако партијата тоа го бара, ако за неа е тоа потребно и важно, со акт на волја, за 24 часа од своите глави ќе ги исфрлиме сите идеи по кои сме се занесувале со години... Пукањето во чело од пиштол е минорност пред исполувањето на волјата за којашто зборувам.“

Волјата за којашто зборува Пјатаков е токму волјата на празната административна машинерија на комунизмот. Затоа што е празна, таа волја на Партијата затоа е и хаотична, во смисла дека секаква супстанција може да ја исполни. Партијата може да осцилира помеѓу ужасно леви и ужасно десни опции, но таа не ги најавува. Со најголема леснотија, Партијата од своите поданици бара денес да се откажат од сето она во што верувале вчера, и тоа се објаснува само со тоталното бирократско отсуство на смислата. Постои само хаотичната „работа“ на писателот-бирократ, на кодошот од УДБА, на работникот од радиото, на комшијата со кој си киселел зелка, итн. Тие се „месото“ преку кое оперира бирократската машина, чистата форма на Партијата како Големиот Друг, која како и Бог, нема никаква позитивна или негативна вредност со која „е одговорна“ пред луѓето.

Колаковски за поранешна Југославија напиша дека тоа беше земја на „идеолошка хаотичност“, истовремено си можел да бидеш спротивставен на режимот, но и полесно да завршиш во затвор одошто и во најлибералните советски земји, Унгарија и Полска. Исто така, на врвовите од диктатурата, Титовиот режим знаел да биде попустлив, и обратно, во најслободните децении да бидеш во затвор (за што сведочи случајот со татко ми). Бирократскиот апарат во Југославија бил многу похаотичен и многу помалку промислен одошто се верува. Тој зависел од локалните паланечки толкувања на идеологијата. Си можел да бидеш слободен во Србија во 1949, но исто така уапсен во Македонија во 1985, додека во Словенија во 1985 НСК и Лајбах можеле да работат проекти со профашистичка иконографија и симболи.

Најдобрата метафора за бесмислениот бирократски комунизам (на чистата форма) ја даде најдобриот апстрактен сликар на почетоците од Советскиот Сојуз. Две години пред Октомвриската револуција, Казимир Маљевич го изложи „Црниот квадрат на бела позадина“ во Петроград во 1915. Веќе една година по Револуцијата, Маљевич го замени црниот квадрат со последното квадратно решение, минималистичкиот „Бел квадрат на бела позадина“ од 1918. Тоа е слика на која буквално нема ништо! Во 1919 Маљевич го остави својот последен завет до комунистичките уметници: „Се ослободив од синиот абажур на колористичкото ограничување и влегов во бело. По мене, другарите-авијатичари ќе впловуваат во јамата – ставив семафори на супрематизмот... Беконечноста е пред вас.“ Откако идеологијата се ослободила од супстанцијата, преку семафорите на супрематизмот, може само да се атерира директно во јамата, во бесконечната перпетуална дупка на комунистичката бирократска бесмисла. Не случајно, безинтересниот идеолошки апарат на комунизмот го препозна својот омилен жанр во - научната фантастика!

Добро е документиран односот на научната фантастика и комунизмот. Советите ги преведоа Жил Верн и Херберт Џ. Велс; додека илјадници автори не можеа да работат, Тарковски снимаше филмови и цивилизациска среќа е што неговата комплексна уметност успеа да го види светлото на денот, благодарејќи и’ точно на љубовта на епохата кон научната фантастика. Комунистите сакаа да фантазираат. Советите го опишаа идеалното марксистичко општество на Марс („Инжениер Мени“, 1913 на Александар Богданов). Во Југославија, преку едициите на „Сириус“ и СФ-стриповите, научната фантастика беше најсаканата адолесцентска литература, а и’ се восхитуваа и бројни комунисти. Три години по Октомвриската револуција, во 1920 Херберт Џ. Велс, авторот на „Временска машина“ патува во Русија за да се сретне со водачите на Револуцијата. Во Кремљ го интервјуира Ленин кој му изјавува: „Ако успееме да воспоставиме контакт со други планети, сите наши филозофски, социјални и морални идеи ќе мора да се ревидираат, нашите потенцијали ќе станат неограничени и насилството нема да биде нужно средство за прогрес.“ (И овде, играта со зборовите не е намерна, како во познатата југословенска анегдота дека по едно предавање од марксизам, слушателот прашал: „Но, кажете ми, има ли на тој Марс сепак живот?“)

Комунизмот беше идеологија на филозофската допадливост, затоа што „почисто“ од другите две големи идеологии на 20 век (капитализмот и фашизмот), на луѓето им го ветуваше „океанското чувство“ за сите. Тоа што Ленин го заговара во разговорот со Велс е распад на сите идеи, исчистување на сета супстанција во име на чистата форма. Проблемот е, секако, генерички. Како моето чистење во Берлин, она што ќе остане по миењето на супстанцијата - е празната форма, ужасната јама на ништото, за која, меѓутоа, може да се залепи секаква супстанција, секакво зло кое заради бирократската баналност, тогаш станува она што Хана Арент го опиша како „баналност на злото“. Како Штази-музејот - таму има ништо, но тоа не е ништото како празна форма, тоа е секогаш веќе ништото како бирократско, банално и тотално зло.

И Велс точно го документира тој диспаритет. На Запад во 1920-те е помодно да се симпатизира комунизмот, но Х.Џ.Велс забележува дека додека го шетаат околу Кремљ, не му даваат да ги гледа гладните улици на градот, пустошот што владее во советскиот „Бел квадрат“ и запишува: „Комунизмот е налик на магионичар кој заборавил со себе да ги земе гулабот и џуџето, па ништо не може да извлече од шеширот.“ Магијата на постреволуционерниот „Бел квадрат на белата површина“ на Маљевич е магијата на чистата бирократска форма, а Велс е изваден од памет. Научната фантастика беше точно жанр кој се роди како потреба да ПРЕДУПРЕДИ на ужасот од апстрактниот универзум, таму кадешто се заговара чистата форма (една од најзначајните книги против системот, му припаѓаше на истиот жанр:„Ние“, 1921 на Евгениј Земјатин). Научната фантастика беше истиот уметнички отпор како и квадратите на Маљевич. Но таа пародична дистанца комунизмот воопшто не успеа да ја фати и тоа отсуство на хумор се покажа фатално по животите на милиони луѓе.

Илустрации: Комар и Меламид

Другите делови од фељтонот можете да ги видите на следниве линкови

9. „Нема ништо, нели?“

8. Потрага по „патолошкиот“ вишок смисла

7. Феноменологија на кодошот

6. Колку едно живо суштество може да издржи?

5. Тврдо крило

4. Садизам

3. Биографии на пријателите

2. Интимист (Досие 5622)

1. За емоциите што останаа во еден автобус


ОкоБоли главаВицФото