Чекање

02.01.2019 18:12

Еве го, значи, темното нешто,
темното што го чекаше толку долго.
Какви не мелодрами направи за него.

Си мислеше дека со себе ќе си носи своја магла,
за да те завие во влажна роба, како што мувла
прекрива векна леб. Или си мислеше дека ќе се скрие
во твојот плакар, меѓу алиштата што одамна ти се мали,
ќе се вгнезди во пердуви прав и паднати влакна
ќе преслече една од твоите штавени кожи
па друга, и постојано ќе расте,
ќе си ги остри забите на твоите фрлени
парчиња омилена облека, а потем ќе скокне
однатре надвор и срцето
ќе ти се наполни со силен виј

или, пак, ќе дојде брзо и без шум,
но со едно безмилосно зјапнато око, како брз воз,
што сал еднаш ќе те мавне в глава и ќе ти се смрачи.

Наместо сето тоа, наликува на дом.
Како твојот дом, пред педесет лета,
во декември, рано навечер
кога светлината внатре се смени, од јасна во сматна,
во матно густо жолтило ко сулфурна жолчка,
столната ламба беше вклучена
со кафеава свилена шапка, со мирис
на вжарен бакар, дневната трептеше
во мирисите од вечерата што крчкаше на оган,

кога ти се стутка на дрвеното душеме, лактите валкани
и колената крастосани од зима, врз стрипови,
заслушана радио, вести за несреќи
што те правеа да се чувствуваш безбедно тука,
како гласот на мајка ти
што пак те тера да ја поставиш масата,
а ти се обидуваш најдобро што можеш да не го заушиш,
за првпат во животот
сфаќаш дека и ти ќе остариш

еден ден, дека еден ден ќе бидеш стара
колку што си сега,
и дека домот во кој читаше стрипови
на густото жолто светло ќе го снема
со сите луѓе во него, па и со тебе,
со тебе во младото, исфлекано тело
со мирис на печатарска боја и валкани
колена и перена памучна облека,
и дека ќе имаш поинакво тело
дотогаш, старо и стушено,
тело на туѓинец што не си го ни замислувала,
и дека ќе бидеш загубена и сама.

А сега си е сега
и темното нешто е тука,
сè на сè, ништо ново;
само сеќавање:
сеќавање на стравот,
детски страв ко пожолтена хартија
што одамна си го заборавила,
а што сега се покажа вистински.


Превод: Зоран Анчевски

 

ОкоБоли главаВицФото