Како излегол од Македонија, така да го излеземе од Унгарија

03.01.2019 01:42
Како излегол од Македонија, така да го излеземе од Унгарија

Државниот јавен обвинител Јовески изјави дека Груевски не ја напуштил земјата на ниту еден граничен премин на Република Македонија. Тој веројатно мисли дека на ниту еден граничен премин не е регистрирано излегувањето на лицето Груевски од земјата. Односно човекот не се пријавил дека излегува, никому не му го дал својот пасош на проверка, односно никој од надлежните на граничните премини не видел, не побарал, го немал в раце пасошот на Груевски во критичните моменти.

Но, тој можел да излезе на нерегуларно место или на кој било граничен премин маскиран во Билјана Ванковска, со лажен пасош, скриен во гепек кој на надлежните не им бил сомнителен, можеби во некое буре со маслинки, товарено на запрежна кола или во „Сканија" со радиоактивен отпад, можеби бил во некоја пратка со говеда или овци товарени во некој камион со огради од дрвени талпи.

Тоа не значи дека има кривично-правна одговорност, дури мислам дека не може да се утврди ниту професионална одговорност на вработените на граничните премини.
Но, кај некои други органи и личности, веројано-да.

Јас, меѓутоа, мислам дека е поважно ние да го изнесеме од Унгарија на ист начин. Нека и нивната предистражна постапка покаже дека Груевски не исчезнал од Будимпешта и од Унгарија на ниту еден граничен премин. Така ќе бидеме квит.

Тоа е.

Слики: Свирачиња