Денот кога тетка ми замина во Германија

03.01.2019 02:06
Денот кога тетка ми замина во Германија

Договорот меѓу Сојузна Република Германија и поранешна Југославија за организиран трансфер на работна сила за потребите на германскиот пазар на труд е последен од тој вид потпишан меѓу Германија и некоја „гастарбајтерска земја“. Првиот договор инициран од растечките потреби на германското економско чудо беше потпишан во 1955. година со Италија.

Објаснување за тоа доцно ставање службен печат на масовната миграција од Југославија би требало да се бара во фактот што Југославија и Германија во периодот кога се потпишувани договорите за доаѓање странски работници, немале дипломатски односи. Тие се прекинати во 1957. година, кога СР Германија, согласно својата тогашна политика за непризнавање на земји кои ја имаат признато Германска Демократска Република, ги прекинала односите со Југославија, која непосредно претходно воспоставила дипломатски односи со Источна Германија.

Но, како што на трибината „50 години гастарбајтери од Југославија“, во организација на здружението „Југоисток култура“ во Берлин, неодамна објасни професор Ханес Грандитс од берлинскиот универзитет Хумболт, во тој момент во Германија и без спогодба веќе живееле и работеле 300.000 работници од Југославија.

Грандитс, кој на Хумболт ја држи катедрата за историја на Југоисточна Европа, ја коментираше сцената од легендарниот документарен филм на Крсто Папиќ, „Специјални возови“ во кој еден германски лекар предводи комисија која во центри на подрачјето на поранешна Југославија селектира работници и спроведува систематски прегледи. „Мора да се има предвид дека сето тоа се случува дваесетина години по Втората светска војна и дека сцените во кои германски лекари во Југославија вршат прегледи будат непријатни сеќавања“, коментираше Грандитс.

Дел од учесниците на трибината во Берлин

Митот за добри работници

Но, мнозинството работници кое тогаш заминувало во Германија било премногу младо за да се сеќава на Втората светска војна. „Просечна старост на работниците од Југославија беше околу 25 години“, објасни на трибината историчарот од Берлин, Владимир Ивановиќ, кој во својот научен труд досега претежно се занимава со иселувањето од Југославија во Германија кон крајот на 1960-те и почетокот на 1970-те години. А тој отсекогаш бил фасциниран од приказните за „тетките од Германија“. И уште по нешто друго по што дојденците од Југославија се разликувале од останатите „гастарбајтери“. „Додека од Турција, Грција и Италија доаѓале речиси исклучиво мажи, југословенскиот контингент преку една третина бил составен од жени“, вели Ивановиќ. Во првите десетина години доаѓале главно необразовани, полуписмени работници. Од 1968. година, кога почнува организираното доаѓање Југословени, потребата за неквалификувани работници опаднала, па од Југославија доаѓале многу квалификувани работници.

Јосип Јуратовиќ, автомеханичар од Подравина и социјалдемократски пратеник во Бундестагот, сепак не би се согласил со старите митови за Југословените како работници на посебно добар глас. „Како синдикалец можев да се уверам дека германските шефови истото им го зборуваа и на работниците од останатите националности, значи митот е малку неоснован. Не би рекол дека работниците од Југославија беа посебно стручни. Поради добриот образовен систем во Југославија, општото образование беше подобро, но стручното образование не беше на германско ниво“, вели Јуратовиќ, кој и сам многу години, пред да влезе во политиката, поминал на фабричка лента.

„Невидливи Југоси“

Но, околу еден мит на крајот сите се согласија: Југословените беа и останаа „невидливи“. Тие не паѓале во очи според својата надворешност, а јаделе месо и компири исто како и Германците. И се сметаат за добро интегрирани, некои би рекле дури и асимилирани. „Југословените често се концентрираа на успех во работата и добар успех на децата во училиште. Многу енергија вложуваа децата да им посетуваат дополнителна настава на мајчин јазик“, вели демохристијанската политичарка Барбара Јан, која од 1981. до 2003. година ја извршуваше функцијата ополномоштеник на градот Берлин за странци. Југословените не се вклучувале често во политика, па дури ни во синдикални активности.

„Гастарбајтери“ од Југославија на железничка станица во Франкфурт, 1972 година

Со политика можете да се занимавате во Југославија

Можеби причина за тоа е пораката која ја добиле пред заминување во странство. „Сите нас нѐ повикаа на предавање, на кое луѓе од синдикатот ни порачаа дека во Германија сме амбасадори на својата земја и мораме пристојно да се однесуваме. Ако сакате да се занимавате со политика, тоа можете во Југославија“, гласела пораката, за што сведочи и Босиљка Шедлих, која во 1968. година дошла во Берлин за да склопува грамофони во фабриката Телефункен. Зашто, политичката активност во странство главно се поврзувала со дејноста на „непријателската емиграција.“

Социјалдемократот Јуратовиќ не се согласува со тезата за аполитичност и им забележува на многу иселеници што сѐ уште повеќе водат сметка за националистичките предизвици од татковината, отколку за демократските темели на општеството во кое живеат. „Мене ми е несфатливо некои кои 30, 40 години живеат во либерално општество, ги уживаат граѓанските права, истовремено истото им го оспоруваат на луѓето во земјите од кои потекнуваат и се вртат кон недемократски партии. Но, тоа не е специфично само кај Југословените, туку и кај другите, кај Турците кои овде во Германија ја држат страната на еден Ердоган“, заклучува Јуратовиќ. Разлика има кај иселениците кои во Германија стигнаа во последните години. Тие во добар дел и се дојдени во Германија зашто не сакаат веќе ништо да имаат со политиката во татковината.

Извор: DW

 

ОкоБоли главаВицФото