Валканите работи на Фејсбук

03.01.2019 01:37
Валканите работи на Фејсбук

Меѓу филмовите што се занимаваат со човековите права од различни перспективи, на годинешниот HrFF (Human Rights Film Festival), имавме прилика да го видиме документарниот филм „Чистачи“ (“Im Schatten der Netzwelt”, Moritz Riesewieck, Hans Block, 2018). Филмот во кратки црти го прикажува работниот ден на група вработени во филипинска фирма која за Фејсбук ги одработува валканите работи на чистење на страниците од непожелна содржина. Во поттекстот на секојдневието на работното опкружување на оваа невидлива група луѓе, авторите се обидуваат да го отворат прашањето на политиките на модерирање на содржините на социјалните мрежи од перспектива на оние што одлучуваат и влијанието што тие одлуки го имаат врз целото општество.

Најмногу внимание во филмот е посветено токму на личностите кои ја работат оваа крвава работа, нивната мотивација за работата и последиците кои таа ги остава врз нивното здравје и нивните животи. „Откако почнав да го работам ова, имам видено безброј сечење глави“, гласи драматичната изјава на еден од чистачите, која е тешко да ја заборавите. Во текот на својот работен ден, Чистачите се присилени да прегледаат бескарјни количини на визуелен материјал и врз основа на востановените одреденици да одлучат дали некои содржини ќе останат на страниците на Фејсбук или ќе бидат отстранети.

Освен на призори на најбрутални мачења и егзекуции, овие работници се секојдневно изложени и на експлицитни слики на сексуално насилство врз деца, снимки на самоубиства и секаква друга содржина, која на корисниците би им ја расипала измиената слика на социјалните мрежи како платформа за објавување фотографии на домашните миленици, роденденските прослави и годишни одмори. Истовремено, тие не се вработени на Фејсбук со плати и работнички права карактеристични за Силиконската долина, туку се слабо платени работиници на филипинска фирма на која Фејсбук ѝ ги препраќа своите „валкани“ работи.

Исто така, филмот се обидува да го отвори прашањето на цензурата на интернет, односно модерирањето на содржината што би требало да биде слободна и достапна за сите. Така, чистачите се претставуаат како крајните инквизитори на „аплаудираната“ содржина, а и тие не с еимуни на идеологија. И додека е сосема јасно дека сликите на сексуално насилство треба да бидат отстранети, се јавува проблем кога по истиот клуч со отстрануваат и содржини кои прикажуваат воени страдања, погубни обиди на бегалците да ги преминат границите, полициско насилство или бројни други слики објавени на социјалните мрежи со цел на подигање на свеста на јавноста, особено во случаи кога таквите вести тешко доаѓаат до мејнстрим медиумите.

Американските претседателски избори и британскиот референдум од 2016-тата година покажаа дека социјалните мрежи, особено Фејсбук, се погодни за манипулирање со гласачите и за влијание на изборните резултати. Случајот „Кембриџ аналитика“, чии што свиркачи призанаа дека оваа фирма била ангажирана за да со ширење на лажни вести и пумпање на посебно креирана содржина таргетира одредени гласачи со цел да влијае врз изборните резултати во Америка и ја раширија паниката од опасностите на социјалните мрежи за демократијата.

Во контекст во кој слободата на говор и размената на различни идеи е ултимативна вредност, говорот на омразата, политичките манипулации и неофашизмот се само симптоми на кои мора да се навикнеме. Од друга страна, Фејсбук многу е склон да блокира одредени содржини за специфични гео-локации за да непожелните политички пораки не дојдат до граѓаните во државите со силни авторитарни влади на кои слободата на говорот и медиумите не им се високо на списокот приоритети. Математиката на Фејсбук, во овие случаи е многу јасна, задоволувањето на специфичните барања на одреден пазар значи дека и понатаму ќе може да заработува на тој пазар.

Филмот ни ја прикажува мрачната слика на светот во кој за нашата култура, забава, политичка сатира и останатите содржини што ги конзумираме, одлучува војска на чиновници во темни канцеларии, некаде на другата страна на светот. Она што овој филм не го проблематизира се компјутерските алгоритми кои во многу поголема мера влијаат врз содржините што ќе ни бидат прикажани со единствена цел – што повеќе време да поминеме на одредени платформи и со тоа на акционерите да им генерираме што поголем приход. Расправите на социјалните мрежи често се водат со песимистичка нота; дека ништо не може да се направи, а притоа се заборава дека Фејсбук, Гугл, Твитер..., сè уште се само компании подложни на регулација. Единственото прашање е дали во модерацијата на содржината сакаме поголемо или помало влијание на државата. Исто така, зачудува како во свет кој успешноста ја мери исклучиво врз основа на приходите и понатаму продолжуваме да се чудиме што компаниите се служат со манипулација на своите корисници за да максимално ја зголемат својата заработувачка.

Интернетот настана како утописка идеја за слободен простор во кој сите подеднакво можат да учествуваат, но стварноста на општествено – економскиот систем никогаш не оставила простор во кој тоа би било возможно. Иако корпорациите многу суверено владеат со просторот што не е онлајн, со бесплатното користење на социјалните мрежи ни создаваат лажно чувство дека тоа е нешто што ни припаѓа.

Добиваме впечаток дека тоа е простор во кој создаваме сопствени заедници, чијашто содржина самостојно ја модерираме и во кој рамноправно учествуваме, додека во стварноста како корисници само произведуваме содржина која на социјалните мрежи им генерира профит. Во таков вид на аранжман, трудот е наш, заработката е нивна. Притоа чистачите се само прирачно орудие со кое компанијата ја покажува својата грижа и желба за решавање на проблемите, а расправите за цензурата и слободата на говор се вртлог кој нè влече сè подлабоко во амбисот на интернетските расправи во кои нема победник.

Извор: Kulturpunkt

 

Слични содржини

Општество / Јавни простори / Технологија
Општество / Активизам / Јавни простори / Свет
Општество / Теорија

ОкоБоли главаВицФото