Најдобрите 25 серии за 2018

03.01.2019 15:33
Најдобрите 25 серии за 2018

...И кога велам „најдобрите серии“, под тоа секако сакам да речам „за мене лично најдобрите серии за 2018, кои јас, потписникот на овие редови, стигнав да ги гледам оваа година“.

А за да бидам транспарентен мислам дека е фер да приспомнам дека, секако, не стигнав да ги гледам баш сите серии за кои можам да замислам дека би можеле да бидат доволно добри за да влезат на листата, само ако успеев да ги изгледам, како на пример: Генијалната пријателка (не сум почнал ни книгата да ја читам, имајте милост!), The Haunting of Hill House (ова, како фан на хорор, не ми оди во прилог, навистина), One Day at a Time (multi-cam sitcoms не се баш моја шолја чај – иако овој ситком, кога и да го видам на минута-две попатно на телевизија, секогаш ми изгледа паметно и забавно и добро што ми е бед што инаку го игнорирам), Bodyguard (не сум го гледал дури ни истоимениот трилер со Витни Хјустон и Кевин Костнер!), Big Mouth и The Marvelous Mrs. Maisel (не сум ја начнал ни првата сезона, ако сме искрени, не е дека се гордеам, ама тоа е), Instiable (тотално имам feeling дека оние ретките што велат дека е серијата фора се во право, а дека сите останати што ја испоплукаа се украватени сморови – ама види, треба прво да ја изгледам, нели), Insecure (знаете она кога сезоните само се трупаат и се трупаат и со секоја нова сѐ потешко ти паѓа помислата за потенцијалното гледање зашто толку многу веќе се НАСОБРАЛО? Е па, тоа.), Maniac (баш ме интересира зошто се толку поделени реакциите за оваа серија! Макар што очигледно не толку за досега да ја изгледам lol), Chilling Adventures of Sabrina (ма се кладам дека е ова добро, верувам јас во Шипка!), Patrick Melrose (сакам да гледам луѓе што се дрогираат, па запаѓаат во неволји поради дрогирањето, не знам зошто го прескокнав ова?), Billions (јас мислев дека е тоа некоја машка серија за машки и дека затоа не мора да ја земам предвид, а сега гледам дека и жени доста ја сакаат и дека сите зборуваат дека серијата со текот на времето станува подобра, ооооооф, па НЕ е ваљда дека ќе мора и ТОА сега да го гледам?! А у пичку...), Better Call Saul (им верувам на сите што зборат дека е супер, не ми е проблем да им поверувам дури и на оние што викаат дека е подобра и од Breaking Bad, ама... што да правам кога едноставно немам волја да го минувам времето во универзумот на Breaking Bad? Не можам!), Berry (глеј, човек во животот има моменти кога мора да одлучи дали ќе ја гледа новата фалена серија на HBO или иронично ќе го прочита стомилионитиот текст за лустрирањето на длабоката држава на некој од криптоусташките портали зашто нема време за двете работи! А јас своето го одлучив.), Lodge 49 (што?!?), итн., итн.

„Добро, па ШТО воопшто си гледал тогаш, црни сине?“ Ве слушам, ве слушам!

Е, па – гледав едно четириесетина овогодишни серии! Од кои точно 25 срдечно би ги препорачал, па да фатиме со ред...

25. The Good Fight

Се трудам да се воздржам од серуцкање по либералите, затоа што верувам дека многу либерали/либералки се потенцијални левичари/левичарки (come to the dark side, WE HAVE GULAGS COOKIES!), па не сум сигурен дали е најпаметно на стартот да ги алиенирам, ама оваа серија од мене го извлече најнамќорскиот можен левичарски анти-либ мрчатор, со своите богати адвокати што се толку бескрајно избедирани со победата на Трамп, иако, реално, тие се меѓу последните што ќе го осетат тоа на своја кожа... Но, занемарете го моето ситничарење, тешко може да се посака позабавна серија што се фаќа во костец со ерата на Трамп.

The Good Fight

24. Corporate

Доста добра играна хумористична серија на Comedy Central, која не наоѓа баш секогаш најплоден баланс помеѓу шашавиот хумор и дехуманизирачкиот корпоративен вртлог, ама го наоѓа доволно често и затоа, и тоа како, вреди да се погледне.

23. The Man in the High Castle

Оваа сторија за алтернативната повест во која Втората светска војна завршува со победа на Силите на оската во третата сезона конечно го исполни својот потенцијал и стана стварно добра, тамам за да го скрати времето додека чекаме на Bujica да ни откријат кој ја нацртал свастиката на Пољуд (еве, кај и да е!).

22. The Americans

Не знам, мене првата и петтата и последната епизода ми беа фантастични – ама остатокот од сезоната ми беше сепак малку под нивото на најдобрите сезони на The Americans (а тоа беа: четвртата, втората и третата). Па не можев да ги ставам превисоко, напротив, совршено се заковани при крајот.

21. High Maintenance

Во морето серии што се напнуваат да бидат телевизиски романи, ретка скапоценост што нуди телевизиски раскази, со истенчена смисла за детали – како карактерни, така и визуелни.

20. Crazy Ex-Girlfriend

Иако немаше ниедна баш лоша епизода на Crazy Ex-Girlfriend, па и оваа година имаше неколку сјајни, засега е малку тешко да се сфати што точно би била поентата на завршното поглавје за личниот раст на Ребека Банч. Па, ајде, да речеме дека ќе верувам дека не се снашле баш со продолжениот број епизоди и дека ова беше само загревање за фуриозниот финиш догодина!

Crazy Ex-Girlfriend

19. Trial & Error

Одличен whodunit-sitcom, крими Parks and Recreation, кој беше прежив за овој суров свет (во кој, меѓу другото, и самиот Parks & Rec едвај преживеа!), па е откажан по само две сезони. Шмрц.

18. Forever

Бавновозечка, но доста интригантна драмедија и не можам да кажам повеќе затоа што сѐ друго би било спојлирање. Ако нема продолженија, ова ќе биде веќе втора серија со тој наслов што е откажана по првата сезона!

17. Homecoming

Е, овој параноичен трилер, пак, е нешто што најискрено не би сакал да добие продолжение затоа што нималку не му треба. Ама пак ќе го добие, и јас пак ќе го гледам зашто сум дебил што не ја има научено лекцијата со Mr. Robot.

16. A Very English Scandal

Хју Грант брилјира во улогата на Џереми Торп, англиски политичар од седумдесеттите кому кариерата му пропаднала откако се дознава дека се обидел да го убие својот поранешен љубовник. Многу е позабавно отколку што звучи, верувајте ми!

15. Sharp Objects

Серија за американската обожавателка на еден стар англиски бенд, кој со звукот неодоливо потсеќа на Грета ван Флит. И за уште многу други работи! Многу поштовам што на самиот крај скроз отиде во хорор.

Sharp Objects

14. Brooklyn Nine-Nine

Ни спроти својата седма година Brooklyn нималку не губи на квалитет, сега веќе полека со златни букви се впишува во историјата на хумористичните серии.

13. Killing Eve

Игра на мачка и глушец помеѓу личност што се претставува како сила на законот и редот и личност од криминалното подземје – со тоа што овој пат двете се жени! Веќе гледам каков крш ќе биде втората сезона сега откако фатија накај заговор внатре во заговорот (тоа никогаш не излегува добро), ама оваа првата беше толку мераклиска за гледање, уф милина!

12. South Park

Неверојатно, ама вистинито: во 22-та година (!) од своето постоење South Park испорача една од своите најдобри сезони. Во која дури може и најдобро се снајдоа со посеријализираниот формат што го фураат последните неколку години: ништо не остана да виси во воздух и сѐ толку фино се поврза, што на крајот можев само да заплескам.

11. American Vandal

Уште една серија што прерано нѐ напушти. Лесна ти земја, Vandal, никогаш нема да те заборавиме!

10. Joe Pera Talks with You

Серија за симпатичниот чудак од гратче во Мичиген, кој... А ништо, шета наоколу чуден, ама на... симпатичен начин. Многу симпатичен! Ако за една серија во 2018 можеше да се рече дека е навистина потполно различна од сѐ останато на телевизија – тогаш тоа е Joe Pera Talks with You.

Joe Pera Talks with You

9. BoJack Horseman

Хммм, ми се чини дека оваа последна сезона многумина малку ги олади? А мене баш ми беше враќање во форма по лесното разочарување од четвртата!

8. GLOW

Оваа серија за женските борачки во осумдесеттите беше мелем за душа и во втората сезона, која беше дури и уште подобра и емотивно побогата од првата, најтопла препорака.

7. Succession

Иако при прикажувањето Succession помина релативно незабележано, високо котираше на бројни критичарски листи на крајот на годината и ако, добро е да се шири гласот за едно од најпријатните ТВ-изненадувања оваа година. Колку и да ги мразите богатите, уште повеќе ќе сакате да ги мразите во оваа серија.

6. Dear White People

Како нешто за студенти што не се занимаваат речиси со ништо освен со френетични идеолошки расправи може да биде толку забавно, КАКО?!? Оваа серија е живо чудо.

5. The Good Place

Во моментот на пишувањето на овој текст до идната епизода има уште шеснаесет дена. Но кога ќе го читате – од новата епизода ќе нѐ делат само четиринаесет дена. Блазе си ви, јас сега морам да истрпам уште цели два дена за да дојдам на ваше ниво да треба да чекам само уште четиринаесет дена до следната епизода на The Good Place!

4. Atlanta

Култниот статус на Atlanta е апсолутно оправдан затоа што ниедна од сите тие модерни серии што се номинално хумористични, ама жанровски шараат, нема толкав распон и амбиции и изведба без некаков расчекор со распонот и амбициите... Главно, супер е!

Atlanta

3. American Crime Story: The Assasionation of Gianni Versace

Знаете она кога ќе гледате некој филм, па не сте сигурни што мислите за него, ама после ќе ви одлежи неколку дена во главата и дури тогаш сфаќате колку е во суштина моќно тоа што сте го гледале? Е па, мислам дека овде тоа ми се случи првпат со една серија и притоа не траеше неколку дена, туку месеци – толку долго ме прогонуваше Џани во мислите пред да станам свесен колку длабоко ми влезе под кожа.

2. Pose

Серија со срце за животите, љубовите и страстите, разочарувањата и триумфите на транс-жените и гејовите, луѓе што низ поголемиот дел од телевизиската историја фигурирале само како епизодни жртви на брутални злосторства во крими процедурите и биле карикатурални кловнови во ситкомите. Можеби сепак има надеж за овој свет?

1. The Terror

Морепловци истражувачи заглавуваат на Арктик, без спас на хоризонтот. Притоа, ги опседнува и таинствено крвожедно суштество како мамка за љубителите на хоророт и фантастиката, но најголем хорор е сепак оној на преживувањето: веќе на почетокот дознаваме дека посадата на двата брода исчезнала без трага, а по случувањата многу брзо станува очигледно дека не наишле на, штознам, некој волшебен портал што ги одвел во некоја чудесна недојдија туку дека, ебимумајката, еден по еден скончале во сурово ледената пустелија. The Terror е истовремено и worst of и best of човечноста, покажувајќи го сето она што е најлошо на што се спремни луѓето во борбата за гол живот (неизбежно трошење на ограничените резерви храна најнакрај доведува до... точно до она до кое би очекувале да доведе), ама и она најдоброто и најпрекрасното што луѓето знаат да го искажат во најтешките моменти – пожртвуваност, нежност и грижа за другарот свој.

Извор: kulturpunkt.hr
Превод: Ѓ. З.

ОкоБоли главаВицФото