Зад седумте логори

04.01.2019 02:15
Зад седумте логори

Логорот Керестинец

Ако дојдете на местото на поранешниот нацистички логор Бухенвалд покрај Вајмар, кустосите, после мачната обиколка на тоа место на страдање и смрт, ќе ви ја покажат малата патека по која сакал да шета Јохан Волфганг вон Гете. „За нацистите, по неа нагоре – надолу чекореле стражарите од Бухенвалд. Логорите и насилството нацистите ги прогласиле за начин кој ќе ја сочува елитната германска култура.“

Дека не било поинаку ни во војната во поранешна Југославија, знаеме одамна, но сега добивме и документарно-феноменоменолошка монографија која, концентрирајќи се на достапните факти во обединета и објаснета слика, покажува колку е порозна границата помеѓу она што во најчестото, а најповршно предочување, се смета за најоддалечено: границата која ја дели таканаречената „елитна култура“ од таканареченото „воено злосторство“.

Мачилиштето Керестинец

„Спектарот на методите на злоставување во Керестинец ретко можел да се забележи во заточеничките центри за време на војните во поранешна Југославија. Освен постојаните претепувања, затворениците биле изложени на сексуално насилство и неописливи понижувања. Ги терале да лаат како кучиња, да пасат трева, да општат полово меѓусебно и со стражарите, заробените мажи да се самозадоволуваат пред разголени заробени жени, сите биле измачувани со електрични палки, дрвени и гумени пениси. На мажите им отсекувале прсти, на некои жени им отсекувале брадавици. Постоел посебен женски дел од логорот каде заробеничките редовно биле силувани, мачени со струја и принудувани да се соблекуваат и да танцуваат пред стражарите.

Во логорот до затворањето во мај 1992 година во секој момент престојувале помеѓу 60 и 100 српски затворенички и затвореници под надзор на триесетина припадници на хрватската стража и управа. Апсењето Срби и злосторствата над нив во Керестинец и другите заробенички објекти придонеле српските цивили да заминат од градовите. Плашејќи се од апсење, затворање и под притисоци од секаков вид, десетици илјади Срби во првата половина од деведесеттите ги напуштиле хрватските градови кои не биле зафатени од воените конфликти.“ Тоа е дел од извештајот на белградскиот новинар и истражувач Немања Стјепановиќ за логорот – мачилиште Керестинец покрај Заграб, сместен во дворецот на благородничкото семејство Ердоеди од 16 век, заштитен споменик на културата, на кој Воената полиција на почетокот на војната му ја вратила намената за која им служел на властите во Кралството Југославија и усташите: го претворила во логор, губилиште и мачилиште. Таков краток и стилски сув, но набиен со факти извештај, Стјепановиќ напишал за уште 23 мачилишта и селски културни домови и заштитени споменици на културата кои во војната во Хрватска, Босна и Херцеговина и на Косово служеле за најсуровите мачења и ликвидации на „оние другите“.

Виктор Иванчиќ, Немања Стјепановиќ, Хрвоје Полан

Заборавот на крвавите тајни

Текстовите на Немања Стјепановиќ, обединети во насловот „Културлогорски водич“, се втор дел од штотуку објавената фотомонографија „Зад седумте логори – од злосторства на културата до култура на злосторствата“, која заеднички ја подготвија сплитскиот новинар, уредник, есеист и писател Виктор Иванчиќ, загребскиот фоторепортер Хрвоје Полан и Немања Стјепановиќ. Книгата ја објави белградската канцеларија на германскиот издавач Forum Ziviler Friedensdienst (форум ЗДФ), а како место на издавање се наведуваат Белград, Загреб и Сплит.

Додека Стјепановиќ го изршил фактографскиот дел од работата, испишувајќи – врз основа на хашките и домашните судски пресуди и достапни архиви – фактографски описи на ѕверствата во мачилиштата што до војната требало да служат како места за човечко облагородување, Хрвоје Полан, искусен воен фоторепортер за домашни и странски агенции, ги фотографирал тие места. Тоа се фотографии во мирно доба, снимени повеќе од дваесет години после ѕверствата, кога нивните опипливи траги се избришани – освен во уништениот Дом на културата во селото Пилица, „еден од топонимите на етничкото чистење на Република Српска“, во источна Босна, недалеку од Зворник, на чии срушени ѕидови и денес се гледаат дупки од куршуми – во тоа место двапати масовно се убивало и во 1992 и во 1995 година.

Сосема случајно, фотографиите на Полан се навидум безизразни, повеќето од нив снимени од наједноставни агли, „од прва“, со намера да го прикажат секојдневието и обичноста која зрачи од тие места, служејќи му на заборавот на крвавите тајни што истите ги кријат. И покрај тоа, фотографијата на Полан на влезот во Воено-истражниот центар Лора во Сплит, „полигон за мачење заробени Срби и Црногорци“, од зад грб ќе улови случајни безгрижни минувачи: татко и дете во маица со шаховница, на позадината од споменикот пред влезот во комплексот; сугестија на намерен, проектиран заборав со елементи на закана за секој што ќе се осуди да прашува повеќе отколку што е дозволено. За тој заборав, за таа пригушена закана, како и за досега главно неосвестениот феномен на испреплетување на националната култура и военото злосторство, во есејот „Споменици на разбратноста“, пишува Виктор Иванчиќ.

Домот на културата во Пилица

Егзекуциите во Пилица

„Во првостепената пресуда на Хашкиот суд за Радован Караџиќ (март 2016) се наведува дека за време на форензичките анализи во Домот на културата во Пилица покрај Зворник во септември 1996 и октомври 1998 е „откриено присуство на човечка крв, коски и ткива залепени на ѕидовите и подот, како и значителна штета предизвикана од оружје и бомби“. Врз основа на деталите реконструиран е методот на егзекутирање: „Траги од куршуми од огнено оружје се пронајдени на ѕидот зад бината, што укажува дека заробениците биле изведени на бината пред да бидат погубени и дека судејќи според сè во нив пукале војници кои се наоѓале на балконот со поглед на бината.“ Во некои извештаи од истраги е констатирано дека заробениците биле построени на бината, а убијците пукале и преку отворот за кинопроектор. Методот на ликвидација е режиран така што, освен одземањето животи – кои ненадејно гаснат во „живиот филм“, додека низ „платното“ се цеди вистинска крв – се извршува и симболична пресметка со претходната функција на кино салата: проекторот е заменет со цевки од пушки, а снопот светлина со смртоносен млаз куршуми.

Во тој текст, кој според стилот потсетува на „Точка на У“, анализа на Иванчиќ на судењето на Динко Шакиќ и односот кон усташтвото во Хрватска од 1998 година, авторот ќе разоткрие што, впрочем, има во скриениот но цврст темел на културниот конструкт наречен „национална култура“: „Деведесеттите очигледно покажаа какви се методите на идентитетските политики и на кој начин е граден конструктот на националната култура: требало да се отстранат туѓите зборови од сопствениот јазик, требало да се исчистат непожелните четива од училишните лектири, требало да се забранат непожелните филмови и телевизиски серии, требало да се забрани непожелната музика на радио станиците, требало да се цензурира театарскиот репертоар, требало да се спречи преведување и дистрибуција на книги кои не ни се потребни, требало да се протераат уметниците кои не ни се потребни, требало да се срушат спомениците кои не ни се потребни, требало да се изолираат неподобните интелектуалци, требало да се оневозможат неопходните уметнички дела, требало да се отстранат недостојните писатели од книжевниот канон, требало да се отстранат неверодостојните кадри од културните институции...“

„Уништувањето“, вели Иванчиќ, „станува централен творечки чин“. Единствената креација е ликвидацијата. Навистина: што претставува идејата за „обнова“ на националната култура ако не претстава за сеопфатно етничко чистење на културен план? Затоа, кога ќе ја читате „Зад седумте логори – од злосторства на културата до култура на злосторствата“, не префрлајте си заради мачнината која сигурно ќе ве обземе: знајте дека таа е мерка за вистината која оваа ретка и – во ова време на лаги – сосема потребна монографија, успеала да ја соопшти.

Извор: http://novilist.hr

Слични содржини

Балкан / Книжевност / Историја
Балкан / Историја
Балкан / Историја
Европа / Балкан / Историја
Општество / Балкан / Спорт / Историја
Општество / Балкан / Историја

ОкоБоли главаВицФото