Истражување: антивирусите го смалуваат имунитетот на компјутерите

04.01.2019 12:22
Истражување: антивирусите го смалуваат имунитетот на компјутерите

СРБИЈА, СВЕТ, 4 јануари 2019, (Њуз) – Истражувањето на Институтот за информатика и епидемологија од Сремска Каменица покажало дека антивирус-програмите можат сериозно да го загрозат природниот имунитет на компјутерите. Овие резултати можат потполно да го променат нашиот пристап кон заштитата на компјутерите и да доведат до драматични промени во ИТ-индустријата.

– Со децении верувавме дека антивирус-програмите се делотворно решение за бројни проблеми што ја загрозуваат правилната работа на компјутерите, но нашиот експеримент јасно покажа дека нивното инсталирање може да има несогледливи последици – раскажува д-р Слаѓан Вељковиќ од Институтот од Каменица. – Имено, со нивното инсталирање компјутерите со текот на времето ја губат природната способност сами да се бранат. Овој пад на имунитетот се пренесува од генерација на генерација, па веќе денес имаме компјутери без сопствен имунитет, потполно неспособни да се одбранат од вируси. На сето тоа, вирусите еволуираат, стануваат сѐ поотпорни, што нѐ доведува во многу опасна ситуација. Не би сакал да донесувам прерани заклучоци и да ја вознемирувам јавноста, ама се плашам дека ефектите, најблаго кажано, ќе бидат апокалиптични – предупредува овој еминентен стручњак.

Ова истражување ги потврдува одамна постоечките сомнежи на корисниците на компјутери и без аргументи ги остава оние што ги прогласуваа за шарлатани.

– Со години се борам против користењето антивирус. Многумина сметаа дека сум параноичен, дека им верувам на квазинаучниците, ама вистината не може да се сокрие. Конечно добив научна потврда за своите ставови – вели Ненад Шишовиќ, активист од групата Стоп на антивирусизацијата на компјутерите. – Зад сето тоа стои лоби на произведувачи на овие програми што намерно шири паника само за да ги купуваме нивните производи. Со години своите компјутери ги штитам по природен пат. Доволно е одвреме-навреме да се исчистат куќиштето и мониторот со ракија и ќе бидете потполно безбедни од сите вируси – открива тој.

Извор: njuz.net

ОкоБоли главаВицФото