Елена Тројанска танцува на подиум

04.01.2019 11:34

Светот е полн со жени
кои, да можат, би ми рекле дека треба
да се срамам од себеси. Да го оставам танцот.
Да си најдам некоја асолна и денска работа.
Добро, И минималец од плата,
и попуштени вени од стоење
цели осум часа
зад некој стаклен шалтер
запетлана до гуша, наместо да
играм гола како сендвич со месо.
Да продавам ракавици, или слично.
Наместо да го продавам тоа што го продавам.
Треба да имаш дарба
да продаваш нешто толку небулозно
и без материјален облик.
Експлоатирана, ќе речат. Да, нека е
така, но барем лично бирам
како, и лично ги збирам парите.
Давам чиста вредност.
Како и проповедниците, продавам визија,
како и рекламите за парфеми, продавам
желба или нејзин фалсификат. Како во виц
или во војна, сè зависи од вистинскиот миг.
На мажите им ги продавам нивните најлоши сомнежи:
дека сè е на продажба,
и тоа на парче. Зјапаат и во мене гледаат
убиство со моторна пила миг пред да се случи,
кога бутот, задникот, магичниот триаголник, процепот, пупката
сè уште се на едно место.
Каква само омраза зоврива во нив,
во моите обожаватели пивопии! Или омраза или
сматна безнадежна љубов. Кога ги гледам наредените
глави пред мене и нагоре свртените очи, очајни
но спремни да ме грабнат за глуждови,
тогаш ги разбирам поплавите и земјотресите, или нагонот
да газиш мравки. Го држам ритмот,
играм за нив бидејќи
тие не можат. Музиката душка како лисица,
кревка како вжештен метал
што ги подгорува ноздрите
или влажна како август, маглива и поспана
како ограбен град ден потоа,
кога сето силување веќе завршило, сиот колеж,
а преживеаните талкаат наоколу
бараат низ отпадот
храна, а наоѓаат само мрачна исцрпеност.

Кога веќе ја спомнавме, смешкањето
најмногу ме исцрпува.
Како и преправањето
дека не ги слушам.
Што има да ги слушам, на крајот на краиштата,
јас сум туѓинец за нив.
Говорот овде е сведен на грлен џагор,
разговетен како парче сланина,
но јас доаѓам од пределот на боговите
каде значењата се променливи и извртени.
Никому не му угодувам,
Се веднам до нив и им шепотам:
Мајка ми беше силувана од свет лебед.
Ти се верува? Може да ме изведеш на вечера.
Тоа им го кажувам на сите сопрузи.
А секако дека има и многу опасни птици наоколу.

Не верувам дека овде некој друг,
освен тебе, би разбрал што велам.
Другиве би сакале само да ме гледаат
без никакво чувство. Да ме сведат на делови
како во фабрика за часовници или во кланица.
Да ја згмечат мојата тајна.
Да ме заѕидаат
во сопственото тело.
Би сакале да гледаат низ мене,
но ништо не е понепробојно
од апсолутната проѕирност.
Гледај - стапалава не го допираат мермерот!
Како здив или балон, се кревам,
лебдам дваесет сантиметри во воздух
во сјајното лебедово јајце од светлина.
Мислиш дека не сум божица?
Ќе ти докажам.
Ова е изгор-песна.
Допри ме и ќе пламнеш.

Превод: Зоран Анчевски

 

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото