Активисти посадија изртени желади на Зајчев рид, за да го спасат од градежна инвазија

05.01.2019 03:24
Активисти посадија изртени желади на Зајчев рид, за да го спасат од градежна инвазија

На голата падина на Зајчев рид, група граѓани есенва засадија осумдесетина изртени желади собрани од дрвјата низ Скопје, и неколку стебла од даб. Нивната желба е да создадат шума во градот кој во зимскиот период неколкупати го зазема лидерското место за најзагаден град во Европа. Како што појаснува Јане Димески, кој стои зад оваа иницијатива, Зајчев рид го одбрале поради тоа што е сè уште неурбанизирано парче земја, оддалечено само неколку километри од центарот на Скопје.

„Една од причините зошто го одбравме Зајчев рид е бидејќи сметавме дека е надвор од оние урбанистички, атрактивни локации во моментов, и дека ќе биде слободно во догледна иднина од градење. Не сум сигурен дека тоа ќе продолжи. Се надевам дека ќе биде една од локациите што урбанизмот ќе ги одмине во наредните години, исто како што се надевам дека ќе биде и течението на реката Вардар, иако таму веќе гледаме дека никнале згради“, објаснува Димески.

Идејата за „Шума во градот“ дошла по градежните зафати во центарот на Скопје, кога беа уништени и последните паркови во градот. Димески, кој и самиот живее во централното градско подрачје, раскажува како пред негови очи го снемувало зеленилото.

„Ни ги исекоа дрвјата преку ноќ, изградија административни згради… И често размислував како граѓанин, со што помалку средства, речиси без пари, да дадам придонес во садењето дрва во градот. Па, така почнав полека, прво сам за себе да собирам семки, да ги ртам. Сега веќе имам и доста сограѓани и пријатели коишто ја применуваат истата постапка. Во есен ги собираат семињата што паѓаат од дрвјата, тоа се претежно желади од дабовите и костени или јавори. Откако ќе ги соберете треба да ги ставите во земја со малку влага, во фрижидер, или на балкон во зима, кога е студено. Така се поттикнува процесот на ртење, за два до три месеци почнуваат да ртат, а со тоа семката почнува да расте“, раскажува Димески.

Досега има изртено стотици семки кои се засадени на повеќе локации низ градот. Едно од омилените дрвца, се потсетува, е засадено во маалото каде што живее.

„Добро си расте, веќе има 3-4 години и доста е пораснато. Некои (садници) растат, кај некои не успеваат, дали поради самата локација, дали поради тоа што некое дете или куче случајно ќе ги прегази.. Тие се доста кревки и во летните периоди ако ги заборавите неколку дена без вода, ако се погоди сушен период, многу лесно угинуваат“, раскажува еко-активистот.

Годинава, заедно со своите истомисленици, ја променија тактиката. Наместо една до две години садниците да ги растат дома, пред да ги изнесат надвор, одлучија изртените семки директно да ги засадат на едно место. Напролет, вели Димески, ќе видат дали акцијата на била успешна и дали успеал нивниот експеримент на Зајчев рид.

„Далеку било од тоа да имаме ’шума во градот’. Напротив, сето она што го имаме како јавна зелена површина, што е ефективна во борбата против загадувањето, или во она што го подразбираме под позелен град, се уништува и се намалува со текот на годините“, вели Димески.

Смета дека недостигаат повеќе еколошки граѓански иницијативи за константен притисок кон властите. Ги поздравува акциите на општинарите за создавање нови дрвореди, но забележува дека во Скопје веќе нема место за зелени простори.

„Општините потфрлаат во клучниот аспект, а тоа е да ја успорат, односно да ја запрат оваа дива урбанизација на градот, бидејќи ако ги отворите мапите и погледнете кога се носат урбанистички планови, практично секоја слободна површина каде нема изградено нешто се пренаменува во градежно земјиште. Тоа е главната опасност. Тоа и ние го гледаме сега со нашето садење, аматерско и волонтерско. Едноставно не може да најдете празно место во Скопје на кое не е планирано да се гради, за да може да посадите и израснете некое растение и да израсне. И затоа сум многу скептичен кон сево ова и сум песимист за иднината на Скопје како некаков зелен град“, заклучува Димески.

И покрај песимистичките сценарија, Димески и неговите пријатели не се откажуваат. Новите семки веќе ’ртат, а ќе бидат засадени напролет на повеќе локации низ Скопје.

 Извор: Радио МОФ

ОкоБоли главаВицФото