Регионалната метаморфоза на критиката

05.01.2019 11:23
Регионалната метаморфоза на критиката

По концизното петдневно издание од 2017 година, овогодишниот, трет по ред скопски Фестивал за критичка култура КРИК, во организација на здружението Контрапункт се протегаше во период од речиси еден месец, нудејќи разгранета и слоевита програма составена од филмски теми, предавања, критичарски работилници, трибини и други случувања. Ваквата амбициозна содржајност делува охрабрувачки имајќи предвид дека од последното издание на КРИК се промени и културнополитичкиот контекст – и тоа, секако, на полошо. Затоа што краткиот период на оптимизам што настапи со доаѓањето на независниот Роберт Алаѓозовски на местото министер за култура абортиран е при првата следна пригода кога актуелниот премиер Зоран Заев имаше потреба да ја купи парламентарната стабилност во исчекување на расплетот на апсурдниот проблем со македонското име. Заев со таа цел во април минатата година се даде во реконструирање на владата, поради што му затреба поддршката на Гаши од фракцијата на албанското движење Беса, кое располага со тројца застапници во македонскиот парламент. За возврат мораше да биде жртвувано едно министерско место, а Алаѓозовски во таквата ситуација се покажа како идеален кандидат за отстрел – политички небитен, на чело на најнеатрактивниот ресор, Заев практично можеше да го реши без никој да забележи, ако не го сметаме маргинализираното поле на независната култура. Иако Алаѓозовски остана дел од кабинетот на Заев во својство на советник, штетата е направена: македонската култура остана без исклучително позитивниот министер, кој е во контакт со современите културни и уметнички пракси, а на негово место дојде Асаф Адеми, поранешен македонски амбасадор во Данска и директор во ИТ компанијата Inscale, човек чија биографија не нуди никакви допирни точки со културното поле.

Во екот на таквиот чекор наназад, значи, се одржа и овогодишниот КРИК, а прилика за поширок говор за југословенскиот контекст и споредба на ситуацијата во Македонија со оние во Србија, Хрватска и Словенија – по ништо попозитивни – понуди претставувањето на два зборника, Опасно читање: Поимник за книжевна критика и Помош, прочитавме книга! Клинички поимник за критичко читање. Претставувањето е проследено со разговорот Критиката во регионот во кое покрај авторот на овој текст учествуваа Лука Остојиќ и Миљенка Буљевиќ од здружението Културтрегер, Весна Милосављевиќ од порталот SEEcult.org, Душан Довч и Миха Келемина од СЦЦА-Љубљана, Елена Вељановска и Искра Гешоска од Контрапункт, со модерирање на Никола Гелевски, главен уредник на порталот Окно.мк.

Објавени во издание на партнерските здруженија Курзив, издавачот на порталот Kulturpunkt.hr, и Културтрегер, издавачот на Booksa.hr, тоа се комплементарни публикации посветени на низа проблеми/поими важни за книжевната критика. Зборникот Опасно читање: Поимник за книжевна критика го уредија Миљенка Буљевиќ и Лука Остојиќ, а во него се собрани текстови од Катарина Лукетиќ, Динко Креха, Мирнес Соколовиќ, Надја Бобичиќ, Мирослав Миќановиќ и Владимир Арсениќ. Вториот, „поопуштениот“, Клинички поимник, е авторски зборник на Лука Остоиќ, односно на неговото „литературнотерапевтско“ алтер-его д-р Остојиќ, кој од 2008 до 2014 година за порталот Booksa.hr пишуваше колумни во форма на писма од читатели проследени со мудрите совети на Докторот.

Ваквата средба на тематски, жанровски и стилски шаренолики перспективи во разговорот се покажа како исклучително поттикнувачка за зафаќање различни нивоа на книжевната и на уметничката критика и на нивниот контекст. Зборувајќи за поттикот за својот ишчашен пристап Остојиќ ја истакна потребата за оддалечување од академскиот говор за книжевноста, кој го смета за заситен од често некомуникативниот теориски апарат, па ликот на Докторот и за него имал „тераписка“, ослободувачка функција. Изместувајќи се во хумористична ситуација на здравствен ефект на текстот Остојиќ настојувал да создаде простор помеѓу два екстреми: потполното отфрлање на какво било значење на книжевноста, од една страна, и парализирачката „смртна сериозност“ со која се пристапува во академскиот контекст, од друга. Надоврзувајќи се на прашањето за комуникативноста на критиката, Остојиќ ја допре и стилската сувопарност на младите критичари, како и бегството во опис на „објективните“ особини на делото, кои ги смета за поврзани со шубето од заземање сопствена критичка позиција, предизвикани од потценувањето на критиката во поширок културен контекст. Booksa во таа смисла настојува да ги поттикне своите авторки и автори фокусот да го стават на текстот, контектстот, но и на личното искуство од кое му пристапуваат на делото. Она што е заедничко за текстовите објавени во зборникот Опасно читање, смета Остојиќ, е идејата дека не постојат „објективни и севременски особини на критиката“, туку дека е таа „нестабилна и фрагилна“ и дека се прилагодува на текстот, на критичарот и на контекстот во кој тој или таа пишуваат.

Буљевиќ, пак, се осврна на пошироката медиумска и политичка рамка во која платформите како Booksa, Kulturpunkt и други непрофитни медиуми настојуваат повторно да ја афирмираат критиката во текот на последните 10 години, предупредувајќи притоа на песимистичната стварност на распадот на мејнстрим медиумите и смалувањето на просторот во кој такво нешто е воопшто можно. Сеедно, Буљевиќ смета дека просторот што се произведува со соработката меѓу независните портали, критичари, организации во културата и другите актери во регионот претставува вредна основа за развој и зајакнување на критичкото пишување во регионот.

Весна Милосављевиќ предупреди од недостигот на средства за критичарска едукација и производство, кој доведува до тоа дури и успешните регионални проекти како Criticize This! да не можат да остварат продукциски континуитет. Милосављевиќ ја допре и промената на медиумската и технолошката рамка, која пред критиката го постави предизвикот на новата публика сѐ повеќе свртена кон социјалните мрежи и мултимедијалните содржини како: поткастите, влоговите и сл. Во таа смисла како добар одговор го истакна проектот Критиката на дело, кој SEEcult го спроведува во соработка со Независниот филмски центар Филмарт од Пожега, Србија. Станува збор за серија видеокритики во кои гостуваат угледни критичари на визуелната уметност, а привлечноста на таквиот формат го потврдил и последниот циклус посветен на Октомврискиот салон, кој, како што наведува Милосављевиќ, имал одек во мејнстрим медиумите како РТС, Недељник, Време и некои дневни весници. Успехот на Критиката на дело наведува на заклучок дека новиот контекст повикува на сѐ поголемо свртување кон поинакви, можеби и пократки формати што ќе бидат поприлагодени на типовите внимание обликувани од социјалните медиуми и дигиталните платформи.

На дигиталниот живот на критиката се надоврза и Буљевиќ, која ја проблематизираше какофонијата на критичарски гласови и фрагментираноста на интернетскиот говор за книжевноста. Исто така, Буљевиќ смета дека критичкото пишување мора да се избори за важност покрај сведувањето на реакцијата на содржината на like и dislike, а во двете смисли клучно е воспоставувањето на поширок критичарски форум во кој ќе биде можно да се чујат поединечните гласови.

Душан Довч накратко го претстави словенечкото искуство на книжевната критика наведувајќи дека продукцијата и натаму постои, ама дека дијалогот останува главно меѓу потесната публика. Критичката дискусија, наведува, во медиумскиот мејнстрим се пробива исклучиво преку логиката на скандалот и судирот на светогледите. Како апсурден пример на системскиот однос кон критиката ја истакна политиката на Министерството за култура, која од пријавувачите за поддршка бара да приложат две критики за својата работа, што во услови кога не постои јавна поддршка на критичарската продукција се покажува како цинично барање.

Таквиот детаљ се вклопи во низа впечатоци за локалните културни политики во регионот диктирани, од една страна, од рамката на европските фондови, а од друга страна, од националните политики на штедење, кои еднакво ја деградираат уметничката пракса и критиката што би требало да ја следи. Разговорот одржан во склоп на КРИК така уште еднаш ја потврди длабинската сродност на регионалните културни полиња како простор обележан со истите систематски притисоци независно од нивните различни лица и интензитети. Но исто така ја потврди и позитивната страна на таа сродност – онаа што овозможува соработка помеѓу полињата, секогаш, па макар и премолчено втемелена во историското искуство на заедничкиот, солидарен културен простор.

Извор: kulturpunkt.hr

Фотографии: Лени фон Гелева

Слични содржини

Екологија / Култура / Теорија / Историја
Балкан / Култура / Теорија / Историја

ОкоБоли главаВицФото