„Сега кажувам“ на Окно

05.01.2019 18:40
„Сега кажувам“ на Окно

Во почетокот на 2018 на Окно објавивме дваесетина прилози од македонската кампања #сегакажувам.

За да се потсетиме на таа важна кампања, започната отприлика во ова време пред една година, уште еднаш објавуваме неколку впечатливи текстови-сведочења.

 

Румена Бужаровска
Имам 22 години и лежам пиштол гола на операциона маса во државна болница. Не знам зошто баш морам да сум гола. И ден денес не ми е тоа јасно. Доаѓа анестезиологот и застанува зад мене. „Охоoo, младо месо“, вика пред да ми шибне спинална анестезија. Од сите доктори и сестри во салата, никој ништо не кажува.


Ана Василева
Имам другарка која пред петнаесетина години неколку пати мораше да биде хоспитализирана на психијатриски оддел. Кога ја посетував, настојувавме да зборуваме за нешта надвор од болницата и за тоа колку ќе биде подобро кога ќе заврши лекувањето.
При крајот на една средба, шепотејќи ми раскажа дека секогаш кога е на дежурство, еден член на персоналот ѝ се потпикнува во болничкиот кревет среде ноќ. Ѝ „објаснувал“ дека е тоа за да ја „освежи“ малку.
Јас #СегаКажувам дека сè уште ме прогонува прашањето колку често се случува ваква грозна злоупотреба и како би завршило пријавувањето на надлежни институции и постапувањето кај надлежни органи...


Дарија Андовска
#СегаКажувам дека на 21 година бев жртва на date rape. Се вика Дејан и е од Велес. Толку знам.
Edit: Го видов од далеку во некој супермаркет години отпосле, неконтролирано почнав да плачам и да ми се тресе цело тело. Го побарав првото место да се сокријам. Оти срамота (плачењето и телото во грч - тоа ми бил срамот).

Ана Јовковска
Имав 25 години. Работев во телевизија. На состанок во канцеларија (јас и "шефот") додека го презентирав новиот ТВ проект "шефот" ми се доближи толку блиску што ми влезе во интимниот простор на мојата аура. Ме залепи за врата. Мојот отпор беше само еден збор -"недолично". Проба да се извади со "фраерски" комплименти и хумор, но веднаш го напуштив состанокот. Не ме уплаши, но ме згрози. Класично микронасилство од позиција на моќ. Другиот ден дадов отказ и не се појавив веќе на работа. Им кажав веднаш на двајца колеги, но тие рекоа дека тоа е вообичаено однесување за него. Им кажав на пријателите, но тие ме посоветуваа да не ја раскажувам секаде случката оти сум јавна личност. Не ги послушав. Им кажав и на моите. Ме поддржаа во одлуката да си заминам од работа. Останав да се прашувам што прават колешките и жените што не можат така лесно и бескомпромисно да донесат одлука да ја напуштат работата.


Ирена Цветковиќ
Додека студирав, еден професор, уште во прва година, ме канеше во својот кабинет, ми ветуваше дека ќе ме ангажира како демонстраторка, само доколку дојдам еден викенд надвор од Скопје со него. За мене испитот го закажа во недела, па од страв морав да одам со мајка ми. Утредента ми се јави на телефон и побара конечен одговор за заедничкиот викенд. Собрав храброст, реков НЕ и тогаш тој ми рече: епа тогаш дај ми ја мајка ти на телефон можеби таа ќе сака. Ѝ се доверив на една професорка од истиот факултет, а таа ми рече: остај тоа, батали, на сите така им прави, и онака сега ќе оди во пензија.


Драгица Здравеска
Ми се јавува рецепционерката да ми каже дека пристигнал гостинот од странство и дека ме побарал мене за да му помогнам да најде локален ресторан во близина. Во ресторанот нарачува локално вино и прво зборува за бројните обуки и тренинзи кои ги одржува со покана на еминентни институции. Ме фаќа за рака преку масата и ме прашува дали уживам на овие обуки и колку сум имала интимни моменти на истите. Вели дека треба да ја напуштам конфорт зоната и да споделиме искуства во неговата луксузна соба во хотелот. Му велам дека би сакала секој да си оди сам во сопствената соба. Вели дека не очекувал да бидам толку затуцана оти така не изгледам. Велам дека ќе реагирам за неговата постапка, на што се смее гласно и вели дека е тој важна личност без која не се може, а јас сум никој, така да се знае на кого ќе му се верува. Си заминува, а јас пукнувам од мака што облеков хеланки. Сета среќа што носев пари да ја платам вечерата и виното.

Искра Јанковска Михајловска
#СегаКажувам, кажував и тогаш, кажуваше и таа, пред 15 години, пред 14 години, пред 13 години и секогаш ја враќаа дома и добиваше повеќе ќотек и што сè не. Ја наоѓавме околу зградата онесвестена пробувајќи да се убие, скриена да не ја види детето. Рипна од трети кат, ама среќа имаше четириесетина кила и падна во грмушка и остана жива.
Се опорави сосема, без физички последици. Бидејќи опоравувањети беше долго и тешко, тој ја остави.
Од тогаш таа не кажува, веќе 10 години бара работа, ја наоѓа едвај и со прекини. Секогаш се наоѓа некоја ДУШЕБРИЖНИЧКА која ќе ја дознае нејзината прикаска и она станува НЕНОРМАЛНАТА ЖЕНА КОЈА СЕ ФРЛИЛА ОД ТРЕТИ. Никој никогаш не ја кажува прикаската која ја довела до таа агонија.
Таа јуначки се бори и многу е добра во тоа да одгледа една умна и паметна девојка.
Знаеше полицијата, знаеше Судот, знаеше социјалната работничка... Сите знаеја, ама дигаа раменици и велеа: е па толку можеме.


Milena Viitman
#СегаКажувам дека кога бев мала многу сакав да одам на курсеви по кајак. Имав 12 години првиот пат кога отидов. Тренерот Раде ги пушти сите деца да трчаат за загревање, а јас останав во клубот. Мислев бидејќи сум нова, ќе ми даде некоја друга вежба. Но, Раде, со смрдлив облак ракија под носот, ми се доближи и ме качи на едно високо шанкерско столче, ме фати за колената и ми рече, доaѓајќи поблиску, дека ние ќе трчаме друг пат, сами. Ме допираше по нозете. Бев многу мала да сфатам или да знам што се случува и дали е во ред, само паметам чувство на целосна отупеност. Децата се вратија, а јас си отидов дома и никогаш повторно не се појавив во клубот. Најмногу од сѐ, ми беше срам. Раде неколку пати ме бараше дома на фиксен за да трчаме. Сè додека не дигна слушалка татко ми. И толку.
Го пишувам ова затоа што ‒ ако не се случеше ‒ можеби денес ќе бев многу добра во кајак. Зашто познавам многу девојчиња чии соништа биле срушени поради вакви инциденти, а никој не знаел како, ниту пак сакал да им ги објасни.
Го пишувам ова за го прочитаат родителите чии девојчиња одат во КК Стрмец, Охрид, социјалните служби кои замижуваат со едно око, и за комшиине од Раде шо мислет дек е само пијајнца.


Сузана Јосевска Анастасовска
Наставникот по физичко ги плескаше по задникот сите девојчиња со образложение дека така ги мотивира да трчаат побргу. Секој час плеснуваше различна. Кога еднаш сакав да избегнам да ме плесне мене, го видов како ја спрема раката, па толку се извиткав во кичмата, што кога ме плесна паднав и се струполив наземи. Целото одделение се смееше. Никој не презеде ништо против тој наставник, а ние од страв молчевме. Подоцна стана и директор на училиштето.

Biljana Hayhurst
Тоа што требаше да биде обична, деловна соработка брзо стана случај на сексуално вознемирување и насилство. Откако се потпиша договорот за соработка односите се сменија во корен. На едната страна во конфликтот остана тој - директор пред пензија со имиџ на моќник во браншата, а на другата страна младата жена - претприемач на возраст со неговата ќерка.
На состанок ја викаше во четврток и петок вечер и со часови говореше бесмислици додека се налеваше со алкохол и сексуално ја напаѓаше. По неколку неуспешни обиди тој се надеваше дека со малку повеќе психичко насилство ќе успее да ја „скрши“, па, за да ѝ покаже кој е „газда“, престана да ги плаќа обврските од договорот. Заслепен од суета не сфати дека е крај.
Таа еднострано му го раскина договорот. Ги изгуби работата и приходите и мораше да ја надомести загубата за да обезбеди финансиска стабилност. Зголемувањето на платите на вработените се одложи за некое друго време, а двете нови вработувања за проектот никогаш не се случија.
Кога по неколку години случајно го сретна на улица тој ѝ рече: „Не Ве добив, но, Ви покажав дека сум посилен од Вас!“


Билјана Настовска
Имав 32 години, добив работа во една голема респектибилна фирма, како магистер на Болоњски универзитет. Шефот ме забележа веднаш. Имав супер старт. Сè до моментот кога жустро се спротивставив на еден состанок кога пред сите рече: „Оваa е само да ja однесеш на Сани на викенд”. Секако ова го направи во присуство на останатите директори (мажи). Уште и кога разбра дека се разведувам. Отказот го добив експресно, без образложение. Никогаш не прозборев за сите уцени, пораки, ‘ржења… А чувствував и вина дека можеби и јас сум го предизвикала... Често се прашувам колку жени и девојки го поминале или во моментов го поминуваат тоа.

Калиа Димитрова
Бев во полициска станица да однесам пријава за настан, за да се заведе во архива, настан веќе одобрен од општина. Шефот на смена ме однесе кај него во канцеларија за и тој самиот да ја разгледал пријавата, иако немаше потреба за тоа. Во собата на трети кат бевме само тој и јас. Инсистираше да седнам веднаш до него. Ја гледаше пријавата повеќе од 15 минути. На крај побара мој телефонски број: за секој случај. Сакав да му го дадам бројот на организацијата која стоеше зад настанот. Тој инсистираше на мојот личен број. Му го дадов бројот, го запиша, ме погледна и кажа: имаш многу секси бројче.
Ми се јавуваше следните две вечери во 12 по полноќ без причина. Тогаш не кажав никому.

Ивана Галапчева
Имаш 17 години. Работиш во кафиќ на шанк веќе цела година и штедиш за факултет. Дечкото е урбана фаца во градот, околу десетина години постар од тебе. Отворено и доста смело ти се пушта веќе со месеци. Го одбиваш на фин начин при секој обид. Работен ден е. Завршуваш втора смена и се спремаш за одење дома, сабајле треба да си во школо. Местото е празно, освен дечкото во прашање и пар негови другари кои остануваат да се допијат во присуство на еден од газдите на кафиќот. Тој забележува дека се спремаш за одење, доаѓа до шанк да те праша дали може да те однесе до дома. Уморна си, не ти е до повуци-потегни и директно го одјебуваш. За некое чудо, не инсистира понатаму, и се враќа назад кај другарите на маса. Се поздравуваш и фаќаш пат под нозе до дома. На пола пат, тут-тут, некој ти свирка од кола. Се вртиш налево и го гледаш дечкото во прашање, насмеан од уво до уво, ти одмавнува во знак на поздрав. Срцето забрзано ти чука, но му мавнуваш назад и продолжуваш натаму. Колата и дечкото забрзуваат движење, ти воздивнуваш и не му ја мислиш многу. За два дена е викенд и имаш дневна смена. Штом се појавуваш на работа, ги здогледуваш дечкото и неколку негови другари како пијат кафе, ништо чудно, ионака се дел од инвентарот. Во моментот кога стапнуваш внатре, дечкото остро извикува „здраво лепотице“, а другарите шеретски се смејат под мустаќ. Се поздравуваш и влегуваш во шанк. Приметуваш некое чудно шушкање и повремени скришни погледи од секој поединечно, но никому ништо. Дури подоцна ти текнува (а теоријата ти се потврдува со наслушнати муабети од овој-од оној), дека дечкото смислил малограѓанска паланечка тактика на „ако стварно не можам да те освојам, барем другите нека мислат дека сум те освоил“ и ги фолира другарите дека вие нешто тајно се мувате. Вин-вин за него. Ниту можеш да обвиниш, ниту да негираш нешто што се инсинуира без зборови. Урбана фаца? Не, моја грешка, извинете. Паланечки лузер.


Сања Арсовска
#СегаКажувам дека дур бев средно, едно сабајле дома ми влезе еден 50 годишен човек, познајник на моите, кој почна да ме лигави по врат и да ме чачка по гради, половина и колкови. Стоеше позади мене, а јас бев вкочанета и преплашена.
Не знаев како да постапам, зашто не знаев како тој би реагирал.
Кога некој друг ќе сподели вакво искуство, имате милиони идеи и совети да предложите како жртвата храбро да се справи, да вика помош, да грабне нож, да го турка и мава со што ќе и текне, ама кога самите сте во таква ситуација и кога жилите ви се смрзнати, крвотокот запрен и мозокот парализиран, а и кога не ја знаете психичката состојба на злосторникот и на што е тој спремен, немате баш избор. Мислев дека ако настапам агресивно, ќе го разгневам и ќе бидам силувана.
Одбрав да бидам смирена, барем пред него. Успеав да се искраднам во соседната соба и со плачање и пелтечење да се јавам да другар да дојде да ме спаси.
За кратко се појави другарот и ме извлече. Го чекавме татко ми да се врати од пат и откако му споделив што се случи, ме грабна за рака и ме однесе у полиција. Додека јас давав исказ, татко ми на полициските службеници кажуваше дека ќе го убие. Не знаев дали да се грижам за мојата состојба или за гневот на тато.
Кретенот доби само мерка за забрането приближување. (Или како и да е стручниот израз). Никогаш не ја испочитува. Секој ден стоеше на излог во едно фото студио карши моето школо и со некаков гаден поглед ме набљудуваше секогаш кога ќе одам или заминувам од часови.
Никогаш немав проблем да го споделам ова искуство, ама секогаш го раскажував емотивно, преживувајќи ги истите слики. Низ годиниве, споделувањето ми помогна да ја надминам состојбата.
Денес сум добра, освен кога некој изненадно ќе ми се појави од зад грб да ме исплаши ко на шега. Тогаш во мене се буди крволочно животно кое трга да се брани, она животно кое спиеше додека јас бев беспомошна и избезумена.


Слики: Aleksandra Waliszewska

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото