За храброста и ранливоста

07.01.2019 15:40
За храброста и ранливоста

Мир ви оставам; мирот Свој ви го давам; Јас ви го давам, но не како што го дава светот. Да не се плаши срцето ваше, ниту да страхува.
Исус

„Зошто сум толку Мудар, зошто сум толку итар, зошто пишувам толку добри книги, а и зошто сум судбина? Јас не сум човек, јас сум динамит.”

Горенаведениот цитат е всушност листа на првите четири поглавја на Ecce Homo на Фридрих Ниче, а петтата изјава се наоѓа во самиот текст. За да го нагласи драматично новиот пристап кон идејата за тоа кој е вистинскиот човек во озлогласената изјава на Пилат „Еве го човекот”, Ниче во поглавјето за судбината, кое е всушност пресметка на неговото видување со христијанскиот морал, ќе напише, „Зашто кога вистината ќе влезе во костец со милениумските лаги, ќе видиме конвулзии, потреси и земјотреси, преместување на планини и долини за какви што не се ни сонувало. ... Само со мене почнува големата политика на светот.

Рефлектирајќи ги пророштвата на Исус за последните денови, Ниче се вбројува себеси во категоријата на дионисијските филозофи, заговорниците на „возвишеното пијанство”, тој нагласува дека војува. Ова војување не е какво било војување, туку „духовно војување” како што тој го нарекува, повторно користејќи Новозаветни концепти за од нив да направи оружје во војната на „Дионисиј против распнатиот.” Непопустливоста на Ниче се состои во тоа да се војува духовно сè додека не се убие Бог, и ќе може да се каже, „Бог е мртов!” Оваа изјава се смета за знак на најголема храброст, a кога се зборува за храброст после 19 век најчесто се мисли на храброста опишана од Ниче. Челична непробојност, штит кој нема да дозволи да бидеме повредени. Да се стане толку силен, така што без никакви последици да може да се искористуваат и угнетуваат послабите. Светот на политиката излгеда токму така. Секој ден големите сили се докажуваат преку медиумите дека тие го имаат најсупериорното оружје. Римската поговорка, „ако сакаш мир, подготвувај се за војна” гласно ѕвечка од устите и на големите и на малите.

Што да кажеме на ова деновиве кога се сеќаваме на Христовото рождество и на стихот кој тоа го најавува „Слава на Бога во височините и на земјата мир, меѓу луѓето добра волја!“ Гледајќи ги настаните околу нас и во светот, на земјата нема мир, а уште помалку има добра волја меѓу луѓето. Поточен превод на вториот дел на ангелската песна би бил „Слава на Бога во височините и на земјата, а мир меѓу оние кои му се нему угодни”. За жал, за огромното мнозинство на луѓе кои го слават Божиќ идејата за да му се биде угоден на Бог е туѓа. Бог, ако веќе се верува во неговото постоење, е Бог кој соодветствува на тврдењета на Фоербах, тој е создаден според човечкиот образ. Тој треба да му биде угоден на човекот.

Инсистирањето да се мисли само на тоа како да се максимизира искуството на задоволство го наведува атомизираниот човек на севкупната нежива и жива околина, вклучувајќи ги и другите луѓе, да гледа како на средство за постигнување на тоа искуство. Последиците се отуѓување, состојбата на човечкиот род кој недвосмислено ја отфрла поетската замисла на Џон Дон. Во дваесетипрвиот век секој човек е остров. Еден од највпечатливите начини тоа да се опише е дело на еден современ поет-музичар Боб Дилан. Во неговата песна „Blowin' in the Wind” тој поставува некои длабоко потресни прашања. „Колку патеки треба да изоди пред некој да се нарече човек”? Сликата за тоа се развива во стиховите кои следат: „Колкупати топовите ќе испукаат пред да бидат забранети”? „Колку време некои народи мора да опстанат пред да бидат слободни”? „Колку уши човек треба да има пред да го чуе плачот на другите? и „Колку смрт треба да се случи, пред да се знае дека премногу луѓе умреле?”

Одговорот Боб Дилан го нуди во криптичното „Одговорот мој пријателе, го вее ветрот.” Самиот Дилан нема дадено конкретен одговор што точно значи тој „одговор”, но значително е да се забележи толкувањето на папата Јован Павле II. Во 1997 година, откако Дилан ја извел „Blowin' in the Wind” за време на Светската евхаристиска конференција во Болоња, Јован Павле II ќе каже: „Навистина е така. Но не се работи за ветрот кој ги расфрла нештата. Се работи за Светит Дух, гласот кој повикува и ни вели, дојди.”

Токму Светиот Дух го навел Симеон, осумдесетгодишниот старец кој служел во храмот во Ерусалим да ги каже следните зборови во Евангелието според Лука. Во второто поглавие ни е запишано:

„Па ги благослови Симеон и ѝ рече на Марија, мајката Негова: Еве, Овој е поставен за паѓање и издигнување на мнозина во Израел, и е знак против Кого ќе се говори. А и тебе самата, меч ќе ти ја прободе душата, за да се откријат мислите на многу срца.“ Од Марија се бара храброст. Но наместо да и се нуди челичен оклоп и бронзен штит, ù се вели дека храброста повлекува ранливост. „Душата ќе ти ја прободе меч”. Требало една жена, млада сè уште невенчана девојка за на светот воден од мажи, да му покаже што значи храброст.

Според овие зборови тесно поврзани со Божиќ, решението за овој свет, за оваа неизвесност во светот, за оваа закана од еколошка катастрофа, не е во повеќе тенкови и авиони, во повеќе бодликава жица и во повеќе омраза кон оние кои нè мразат. Решението е во храброста, а таа не оди без ранливост. „Храброст” без ранливост води во две крајности. Едната крајност е законот на посилниот, диктатура. Другата крајност е кукавичлук.

Што според христијанското предание се случило на Божиќ пред повеќе од две илјади години? Бог станал човек! Божеството, кое по дефиниција на своето битие е семоќно и неограничено, ја пројавило својата божественост во форма на бебе, новороденче чиј прв плач се слушнал во скромна колиба во аголот каде што биле јаслите. Планот на Бог со ова отелотворување е да го спаси светот. Но за да го стори тоа, без притоа да дејствува од принцип на диктаторство во кое „спасението” е издејствувано со неприкосновена сила и преку безусловна послушност, Бог избира храброст, а тоа е да стане ранлив и да се поистовети со своето создание, својот образ – човекот.

Пишувајќи за храброста познатиот социлог на религијата и автор Оз Гинис во својата книга Невозможни луѓе вели дека ние треба да сме „неизманипулирани, неподмитливи и бестрашни.” Тоа е невозможно без да се преземе ризикот на ранливоста.

Карактеристиката на храброст и ранливост во христијанската порака, на пораката на Божиќ, ја имаат забележано и видни современи атеисти. Јирген Хабермас, Томас Нагел, и Роналд Дворкин, согледале дека секуларизмот во светлина на идеологијата на Ниче е ограничен. Тие се отворени за разговор зашто сфатиле дека духовното војување не смее да биде против луѓе со кои не се согласуваме, туку во име на севкупното човештво, а против духот на насилништвото. Тие се залагаат за партнерство со оние кои веруваат дека Божиќ е навистина отелотворувањето на Божјиот Син; партнерство кое ќе се посвети на слободата, совеста, правдата. За сите овие е потребна храброст и ранливост.

Зошто овие врвни интелектуалци изразиле толкава загриженост? Затоа што секој од нив бил на возараст да се сеќаваат на подемот на нацизмот во нивниот животен век. Самиот Хитлер во предвечерјето на Втората светска војна бил номиниран за Нобелова награда за мир!

За да доловиме подобро за што се работи ќе го земам примерот на книгата Читачот од Бернхард Шлинк. Михаел, водечкиот лик во книгата ќе сфати дека Хана, неговата многу постара љубовница која го завела како малолетен е поранешна чуварка во концентрационен логор и дека е неписмена. Но зошто таа била подготвена на крајно самоуништувачко однесување прифаќајќи вина за чин кој не можела да го изврши? Имено да направи листа на еврејски логораши и да потпише документ за нивно погубување. Хана се чувствувала крајно ранлива заради својата неписменост и затоа била подготвена на екстремни одлуки за да го прикрие тоа. Таа всушност заминала од своето добро работно место за да не напредува. Ако напредувала ќе се покажело дека не знае да чита. Хана немала храброст и затоа не смеела да биде ранлива.

Некои книжевни критичари и коментатори на делото на Шлинк сметаат дека на Хана може да се гледа како на метафора на Германија и на германскиот народ кој прикривајќи ја својата морална неписменост и страв од ранливост бил подготвен да прифати ужасни дела.

Стравот од ранливост е ужасен „советник”. Сега кога влегуваме во Новата година, а зад нас оставаме година во која поделбите заради стравот да се покаже ранливост ја доведоа Македонија на раб на пропаста, ако Македонија би била тема во песната на Боб Дилан, прашањето би било, колку поделби треба да се случат пред да се знае дека ни треба вистинска храброст? Одговорот кој го вее ветрот според Папата Јован Павле II би била дека тоа е ветер кој обединува.

Според верувањето на христијаните, Бог стана човек за да го обедини човечкиот род со Себеси, а така и да ги обедини луѓето едни со други. Божиќ е врвниот Божји акт со кој почнува таквото обединување. Но неговото значење ги надминува рамките на христијанската вера. Значењето е универзално за сите луѓе со „добра волја” кои наместо диктаторство и кукавичлук бираат храброст и ранливост.

Се разбира, ранливоста не значи само снисходливо климање со главата и беспоговорно одобрување на нечии постапки. Напротив, за да се дојде во состојба на храбра ранливост на оние пред кои сме го презеле ризикот да сме ранливи ќе им ги поставиме најтешките прашања. Како што Бог во Исус станувајќи човек и затоа ранлив, на своите соговорници за кои ќе го положи својот живот на крстот им поставувал крајно тешки егзистенцијални морални прашања. За ова да се случи Исус излегол од таканаречената зона на удобноста. Ќе илуструрам што мислам под ова со мој краток расказ од збирката раскази Животот е ... Убав?! во издание на „Метаноја.”

„ЧУВСТВО НА УДОБНОСТ”

Тој само сакаше мирно да си го испие пивото со пријателите. Со неговите пријатели. Логиката наложуваше да се следи рутината. Да се кажуваат исти-
те нешта, да се постават истите прашања, да се смее на истите вицови, да расправа за истите теми, да се нави- ва за истите тимови и да се величаат истите политички партии. Така се знаеше дека и при најжестоките над- викувања, дури и меѓусебни закани, сè на крај ќе завр- шеше со затупувачката тишина од неколку мига која ќе беше проследена со друга тура предвидливи муабети и предвидливо пиво и ракија. И толку. Тоа беше тоа.

Што му требаше вечерва да изненади? Да го прекрши непишаното правило и да постави прашања што отстапуваа од рутината? Не прашање до нив. Тој всушност, откако рутински си ги искажа ставовите не кажа ништо ново на глас. Но во главата почнаа да му се формираат прашања. Прашања што го исплашија. Прашања што му дадоа на знаење каква кукавица е и со какви кукавици седи. Одговорот му беше јасен, тој беше лицемер, а оние околу него беа кој од кој поголем лицемер. Му беше јасно дека секој од нив е како скр- шена трска која ќе те прободе ако се обидеш да се потпреш на неа. На секое од прашањата во главата имаше кристално јасен одговор. Но последиците на таквите одговори беа несогледливи. Имаше таму некаде зад тие одговори пространства, но тој и неговото друштво страдаа од агорафобија. За да се стигне до чист воздух беше потребно најпрвин да се отворат прозорците, а потоа низ вратата да се излезе надвор.

Но каде беше тоа надвор? Та нели така и се случи првото братоубиство? Каин му кажа на Авел да излезат надвор. Таму надвор рипна врз него и го уби. Посигур- но си беше да се биде во ...
Сепак познатиот круг му нудеше чувство на удобност.

Кој ќе биде нашиот избор оваа година, диктаторство и кукавичлук, или пак храброст и ранливост.

Христос се роди! И затоа стана ранлив.

Слики: Alexey Kondakov