Златни глобуси за „Зелената книга“, „Боемска рапсодија“ и „Рома“

08.01.2019 02:44
Златни глобуси за „Зелената книга“, „Боемска рапсодија“ и „Рома“

Предвесниците на „Оскарите“, „Златните глобуси“ беа доделени на церемонија во Лос Анџелес, каде според американските медиуми имаше неколку изненадувања. Kако еден од кандидатите одекнуваше филмот „Ѕвездата е родена“, или пак политичката приказна за заменикот на Буш, „Вајс“ (Vice), филм што имаше шест номинации.

Сепак, наградата за најдобар филм – драма ја доби „Боемска рапсодија“, кој кај критиката помина просечно, а главниот протагонист Рами Малек ја доби наградата за најдобар актер за толкувањето на Фреди Меркјури.

Најмногу, три статуетки зема комедијата - драма „Зелената книга“ на Питер Фарели. Приказната за патувањето и пријателството меѓу човек со „голема уста и цврсти тупаници“ од работничката класа и афро-амрикански пијанист, доби „Златен глобус“ за најдобар филм во категоријата комедија или мјузикл, но и за најдобро сценарио и споредна машка улога за Махершала Али.

Најдобар режисер е Мексиканецот Алфонсо Куарон за филмот „Рома“ (Roma) кој е прогласен и за најдобар странски филм. „Рома“ е црно-бело остварување што остави белег на светската филмска и фестивалска сцена во изминатиов период, а се очекува да пројде добро и на „Оскарите“.

Во категоријата најдобра актерка славеше Глен Клоус за „Сопруга“ (The Wife). Кристијан Бејл (Vice) е најдобар актер, а Оливија Колман (The Favourite) освои „Златен глобус“ за споредна женска улога.

Кај телевизиските награди, најдобра драма е серијата „Американци“ (The Americans), а комедија „Методот на Комински“ (The Kominsky Method).

Ричард Мејден („Bodyguard“) и Сандра О („Killing Eve“) добија награди за најдобри актери во драмски остварувања, а Мајкл Даглас („The Kominsky Method“) и Рејчел Броснахан („The Marvelous Mrs. Maisel“) во комедија или мјузикл.

Во музичкиот дел, „Златен глобус“ за најдобра песна доби „Shallow“ од филмот со Лејди Гага и Бредли Купер, „Ѕвездата е родена“, а наградена беше и филмската музика за „Првиот човек“.

„Spider-Man: Into the Spider-verse“ доби признание за најдобар анимиран филм, победувајќи ги „Ralph Breaks the Internet“ и „Isle of Dogs“.

„Златен глобус“ за животно дело, кој го носи името на Сесил Б. ДеМил, доби актерот Џеф Бриџис.

Извор: Washington Post