Хал и јас

05.10.2010 16:27
Хал и јас

„Дејв, престани. Ќе престанеш ли? Престани, Дејв. Ќе сакаш ли да престанеш?“ Со овие зборови суперкомпјутерот ХАЛ го преколнува космонаутот Дејв Боуман во познатата и бизарно трогателна сцена при крајот на филмот на Кјубрик, „2001: Одисеја во вселената“. За влакно избегнувајќи ја смртта, бидејќи оваа неисправна машина сакаше да го исфрли во отворената вселена, Боуман спокојно ги откачува мемориските кола кои го контролираат вештачкиот мозок на ХАЛ. „Дејв, заглупувам“, безнадежно вели ХАЛ. „Го чувствувам тоа. Го чувствувам тоа.“

Го чувствувам и јас. Последниве години имам непријатно чувство дека некој или нешто ми чепка по мозокот, дека ги преспојува моите невронски мрежи и дека ми ја репрограмира меморијата. Мозокот не ме издава – барем така ми се чини – но мојот ум се менува. Не размислувам како некогаш. Тоа најмногу го забележувам кога читам. Порано многу лесно можев да се задлабочам во книга или некоја подолга статија. Се нурнував во длабочините на раскажувачкиот тек и го следев виорот на аргументите, и умеев да поминам часови читајќи подолги прозни текстови. Тоа сега ретко се случува. Сега концентрацијата ми попушта веќе по првата или втората страница. Шарам со погледот, ја губам нишката, почнувам да барам некоја друга занимација. Ми се чини дека постојано го влечам својот непослушен мозок назад кон текстот. Длабокото читање кое порано ми беше нешто сосем природно сега стана напорно.

Ми се чини дека знам што се случува. Веќе над десет години поминувам многу време на интернет, пребарувам, а понекогаш и самиот ја дополнувам големата светска база на податоци. Интернетот за мене како писател беше вистински дар од небото. Истражувањето, за кое порано морав да трошам денови во новинарските архиви во разни библиотеки, сега можам да го завршам за неколку минути. Неколку пребарувања, неколку кликнувања на линковите, и веќе сум го нашол податокот или мудриот цитат кој го барав.

Не можам ни да замислам колку часови или литри бензин заштедив благодарение на интернетот. Најголемиот дел од паричните трансакции ги вршам преку интернет, како и поголемиот дел од купувањето. Преку интернет плаќам сметки, закажувам состаноци, резервирам авионски билети и хотелски соби, ја обновувам возачката дозвола, праќам покани и честитки. Дури и кога не работам, најверојатно сум на интернет – читам и пишувам е-писма, ги разгледувам насловите и блоговите, ги следам новостите на Фејсбук, гледам видео клипови, симнувам музика или просто скокам од еден на друг па на некој трет линк.

Интернетот стана мој главен медиум, пренесувач на повеќето информации кои доаѓаат до моите очи, уши и мозок. Предностите на така брзиот пристап на толку богатата и лесна за пребарување база се бројни, и чести ги опишуваат и пофалуваат. Хедер Прингл, новинарка која пишува за списанието Archeology, вели: „Гугл претставува неверојатен дар за човештвото, бидејќи ги собира и групира податоците кои некогаш беа толку расфрлени по целиот свет што практично никој не можеше да ги искористи“. Клајв Томпсон од списанието Wired вели: „Совршеното памтење на силиконската меморија може да биде голема предност за човечката мисла“.

Предностите се реални. Ама тие чинат. Како што велеше Маклуан, медиумите не се само пренесувачи на информацијата. Тие испорачуваат производи на размислувањето, но иисто така и го обликуваат размислувањето. А изгледа дека интернетот постепено ја убива мојата способност за сосредоточување и контемплација. Без разлика дали сум на интернет или не, мојот мозок сега очекува да добива информации онака како што интернетот ги доставува: во делчиња кои брзо се менуваат. Порано бев нуркач во морето од зборови. Сега се лизгам по површината како да сум на скутер.

Можеби јас сум посебен случај, некој исклучок. Ама изгледа дека не сум. Кога на пријателите им ги споменувам проблемите што ги имам со читањето, многумина од нив ми велат дека ги мачи истото. Колку повеќе го користат интернетот, толку повеќе мораат да се трудат да останат сосредоточени на подолгите текстови. Некои се загрижени дека ќе станат хронични збунковци.

Неколку блогери што ги следам исто така ја споменаа оваа појава. Скот Карп, кој порано пишуваше за весниците, а сега има блог за интернет медиумите, признава дека целосно престанал да чита книги. „Завршив книжевност и порано просто ги голтав книгите“, вели тој. „Што се случи?“ Потоа тој претпоставува кој би можел да биде одговорот: „Што ако читам исклучиво на интернет не поради тоа што се променило тоа како читам, т.е. не само зашто така ми е позгодно, туку и зашто се променило тоа како РАЗМИСЛУВАМ?“.

Брус Фридман, кој пишува за примената на компјутерите во медицината, исто така опишува како интернетот му ги сменил менталните навики. „Сега целосно ја изгубив способноста да читам и впивам подолги текстови, во весниците и на интернет“ вели тој. „Повеќе не можам да ја читам ’Војна и мир’“, признава. „Ја изгубив таа способност. Ако некој блог е подолг од три или четири пасуса, и тоа ми е премногу. Само прелетувам со погледот преку него.“

Филип Дејвис, кој пишува за блог организацијата Society for Scholarly Publishing, се присетува како во 90-те на една пријателка и’ покажал како се користи пребарувач. Вели дека бил „запрепастен“ и дека дури и се „изнервирал“ кога пријателката застанала и почнала да го чита текстот на страницата со резултати на која случајно налетала. „Интернет страниците не се читаат, само кликај на линковите!“ ја прекорил тој. „Сега“, вели тој, „и јас застанувам – и би требало да читам – ама не читам. Го прегледувам текстот. Скролам надолу. Немам трпение за долга, развлечена и детална аргументација, иако и самиот ги обвинувам другите дека премногу ги поедноставуваат нештата.“

Карп, Фридман и Дејвис – сите троја образовани луѓе склони кон пишување – прилично ведро гледаат како способноста за читање и концентрација постепено им слабее. Кога сè ќе се собере и одземе, велат тие, предностите од користењето на интернетот – брзиот пристап до изобилството информации, моќните алатки за пребарување и филтрирање на податоците, лесниот начин да го споделиш своето мислење со малубројната но заинтересирана публика – се позначајни од губењето на способноста да седиш мирно и да прелистуваш кига или списание.

Фридман споменува дека „никогаш во животот не бил покреативен“ отколку во последно време, што го припишува на „својот блог и можноста да прегледам ’тони’ информации на интернет“. Карп сега верува дека читањето на бројните линкови со мали делови од текстови се поделотворен начин да научиш нешто отколку читањето на „книга од 250 страници“, иако, вели тој, „сè уште не можеме да ја препознаеме надмоќноста на ваквиот вмрежен процес на размислување бидејќи го споредуваме со стариот, линеарен процес“. Дејвис вели: „Можеби интернетот ме направи нестрплив читател, но мислам дека, на различни нивоа, ме направи попаметен. Поголемата поврзаност со документите, предметите и луѓето автоматски подразбира и повеќе надворешни влијанија на моето размислување, па така и на моето пишување“. Сите тројца знаат дека жртвувале нешто важно, ама не би се вратиле на старото.

На некои луѓе и самата помисла на читање книги сега им делува старомодно, можеби малку и глупаво – како сами да си ја шијат кошулата или да си го сечат месото во месарница. „Не читам книги“, вели Џо О’Шеј. „Одам на Гугл и брзо ги наоѓам сите битни податоци.“ О’Шеј, дипломиран филозоф, не гледа причина зошто ги читал цели поглавја на некој текст кога му се потребни само минута-две за да ги најде клучните пасуси на Google Book Search. „Читањето од корица до корица нема никаква смисла“, вели тој. „Така нема да можам паметно да го искористам времето, бидејќи сите потребни информации можам да ги најдам за многу брзо на интернет“. Штом ја совладате вештината на пребарување и станете „вешт ловец“ на интернет, вели тој, книгите стануваат излишни.

О’Шеј е, пред сè, типичен случај отколку исклучок. Истражувачко-консултантската фирма nGenera во 2008 г. Објави резултати од истражувањето на влијанието на интернетот врз младите. Биле испитувани околу 6000 припадници на т.н. „нет генерацијата“ – деца кои пораснале со интернетот. „Дигиталното опкружување“, пишува еден од главните истражувачи, „влијаело дури и на тоа како ги впиваат информациите. Печатените страници не секогаш ги читаат од лево надесно и одозгора надолу. Наместо тоа, се случува да читаат со прескокнување, барајќи ги податоците кои ги интересираат“. Професорката Кетлин Хејлс од универзитетот Дјук неодамна призна: „Не можам повеќе да ги натерам своите студенти да ја прочитаат целата книга“. Таа предава англиски, а студентите кои ги споменува студираат книжевност.

Луѓето го користат интернетот на различни начини. Некои од нив многу подготвено, па дури и компулсивно, ги прифаќаат најновите технологии. Тоа се корисници на десетина интернет сервиси и претплатници на цела низа фидови. Тие „блогираат“ и „тагуваат“, „четуваат“ и „твитуваат“. Други, пак, не се интересираат премногу за најновите трендови, но сепак најмногу од времето поминуваат на интернет, типкаат на домашниот компјутер, на преносниот компјутер или на мобилниот телефон. Интернетот за нив стана нужна алатка за работа, училиште или друштвениот живот, или сето тоа заедно. Трети, пак, на интернет се поврзуваат само неколкупати на ден, да проверат пошта, да ги прочитаат најважните вести, да ѕирнат нешто што ќе ги заинтересира или да купат нешто. Се разбира, има и многу од оние кои воопшто не го користат интернетот, дали зашто не можат да си го дозволат тоа или, едноставно, зашто не го сакаат тоа. Меѓутоа, очигледно е дека за целото општество, за само дваесет години откако програмерот Тим Бернерс Ли го напиша кодот за World Wide Web, интернетот стана главно комуникациско и информативно средство. Распонот на неговата употреба е без преседан, дури и според мерилата на масовните медиуми од 20-от век. Широчината на неговото влијание е подеднакво голема. Дали по сопствен избор, или од потреба, го прифативме супер-брзиот, интернет начинот на собирање и распределување на информациите.

Изгледа дека дојдовме, како што и предвиде Маклуан, до важна раскрсница во нашата интелектуална и културна историја. Стигнавме до мигот на преминување од еден начин на размислување на друг, сосем поинаков. Поради непроценливата скапоценост на интернетот – а само зајадливците одбиваат да признаат дека се работи за скапоценост – се откажуваме од она што Карп го нарекува „наш линеарен процес на размислување“. Смирен, фокусиран, непопречуван, линеарниот ум се заменува со еден нов ум кој сака и мора да прима и проследува информации во кратки, неповрзани и често неизедначени млазови – колку побрзо толку подобро. Џон Бател, некогашниот новинарски уредник и професот по новинарство, вака ги опишува интелектуалните искри кои ги чувствува додека сурфа на интернет: „Кога нешто склопувам во реално време во текот на неколку часа, просто ’чувствувам’ како ми работи мозокот, чувствувам дека станувам попаметен“. Повеќето од нас почувствувале нешто слично кога сме на интернет. Тоа е опојно чувство – толку опојно што може да нè натера да ги занемариме другите, подлабоките последици од интернетот.

Последниве пет века, откако Гутенберговата печатница го популаризираше читањето, линеарниот, книжевен ум беше во средиштето на уметноста, науката и општеството. Таквиот вешт и суптилен ум беше двигател на силата на ренесансата, рационалниот ум и просветителството, иновативниот ум на индустриската револуција, па дури и субверзивниот ум на модернизмот. Но можеби набрзо тој ум ќе стане ум на минатото.

Извадок од последната книга на Николас Кар „The Shallows: What the Internet Is Doing to Our Brains“.

Фотографии: Tanner Almon

Ова што го опишува е

Ова што го опишува е најобично стареење

ОкоБоли главаВицФото