1020 hPa
93 %
7 °C
Скопје - Пон, 14.10.2024 06:59
Во контекст на дискусијата за стратегијата и тактиката на левицата, интернет продажбата е неправедно запоставена тема. Тоа секако не значи дека левицата не остварила барем одредено ниво на присутност во беспаќата на сајберспејсот, како ни дека левицата воопшто не се занимавала со наведеното прашање.
Иако некои од познатите собиралишта на интернет левичарите, како форумот RevLeft, замреа или сосема исчезнаа, голем дел од нивното членство емигрираше на заменските сервиси како Reddit и Twitter или во некоја од многуте лево-ориентирани Фејсбук групи. Бидејќи ваквите промени на платформите се рефлектираат на квалитетот и содржината на самите дискусии, темата е за друга прилика и за неа не е пожелно да се донесуваат избрзани заклучоци.
Доволно е да се воочи дека, особено во случајот на форумите и блоговите, се работеше за поширок тренд кој настапи со појавата и подемот на социјалните мрежи, при што падот на популарноста на одредени страници не мора да сугерира промена во политичките ставови на публиката.
Страницата Libcom сигурно е меѓу посветлите примери – и покрај повремените застранувања и натаму се работи за една од најголемите и најважни лево ориентирани страници која истовремено е извор на актуелни вести од сите континенти, собиралиште на истомисленици и богата теоретска архива. И покрај тоа, токму Libcom е меѓу поуспешните примери за комуникација со публиката која не е значително теоретски поткована или која едноставно бара малку попрактични совети од мачните академски сецирања на левата теорија или актуелната политичка состојба.
Иако и на Libcom донекаде постои проблемот на академизмот и обраќање кон луѓето кои и онака веќе се уверени во главните постулати на левите идеи, освежувачки е што уште на почетната страница може да се видат линкови од целата секција на Libcom кои се занимаваат исклучиво со практични примери и совети за организирање и дејствување на работното место, во заедницата, на протести и слично.
Наведените судови за успешноста на комуникациската стратегија на Libcom начелно се анегдотални и се темелат исклучиво на долгогодишно следење на Libcom, профилот на неговите посетители и работата на соработниците. Во суштина се работи за субјетивен коментар за тоа како, барем според наивниот суд на авторот на овој текст, треба да изгледа левата комуникациска стратегија.
Во контекст на јакнење на десницата на бранот на агресивната популистичка реторика и паралелната гетоизација на левицата во домените на културата и академијата, изнаоѓањето начини за успешно допирање до поширока и помасовна публика е своевиден левичарски свет грал. Во ситуација во која понекогаш се чини дека темелите на јавната расправа се толку поместени кон десно што е потребно одново да се објаснуваат некои од најтемелните појдовни точки на кое било прогресивно движење („постои структурална неправда и против неа треба да се бориме“), општествено-научно согледување („постои разлика помеѓу полот и родот“), па дури и на цивилизациските основи („геноцидот не е легитимно политичко решение за ниеден проблем“), тешко е да не се запрашаме што е тоа што другите го прават подобро од нас и дали навистина се работи за свесно избрана и разработена стратегија.
Со други зборови, зошто изгледа дека барем во моментов, дури и најреакционерните и најрадикалните елементи на десницата успеваат да допрат до помасовна публика поуспешно од левицата?
Еден од актуелните примери преку кој е можно барем донекаде да се размислува за тоа како левицата и десницата му пристапуваат на прашањето за интернетскиот агитпроп е оној на YouTube и впечатливиот пораст на популарноста на десните канали во периодот од 2015 година и паралелниот одговор од спротивната страна и формирањето на сцената која денес сè почесто се нарекува LeftTube.
Од либертаријанци, антифеминисти, бели супрематисти, неонацисти, негирачи на холокаустот и добрите стари конзервативци, во светот на десничарските инфлуенсери ќе се најде по нешто за секого. Некои, како каналот AmazingAtheist, својата интернетска кариера почнаа да ја градат уште во времето кога движењето на таканаречениот нов атеизам беше на својот врв и дури со текот на времето – поттикнати од конзервативните ставови на перјаниците на новиот атеизам како Кристофер Хиченс, но и соочени со потенцијалниот пад на гледаноста во периодите кога интересот на јавноста почнаа да го преокупираат други теми – ја проголтаа „црвената пилула“ и политичкиот ангажман го заменија, на пример, со антифеминизмот.
Други се појавија од интернет страниците како 4chan и Reddit, каде лажниот провокативен и некоректен хумор се меша со квази-иронично заговарање на пример на женското сексуално ропство и протерувањето на малцинствата. Трети се појавија од неонацистичките форуми, конзервативните верски и политички организации, од Tea Party движењето или екстремно десното крило на Републиканската партија.
Некои се идентификуваат како класични либерали или либертаријанци, некои како бели националисти, некои како конзервативци и традиционалисти. Некои се мажи, некои жени, некои трансродни лица. Некои се Американци, некои Европејци, некои постари, некои помлади. Најпосле, некои се идентификуваат со бранот за јакнење на десниот популизам, подемот на alt-right до позиција на медиумска видливост и, најважно, победата на Доналд Трамп.
Некои едноставно ја препознале можноста за слава и заработка и сфатиле дека преку алгоритмите на YouTube е полесно да се манипулира со пласирање „контроверзна“ и поларизирачка сексистичка, расистичка, трансфобна или хомофобна содржина која привлекува кликови од двете страни, отколку со обиди за воспоставување каква било излишна дискусија. Меѓутоа, она што оваа навидум хетерогена сцена ја прави незанемарливо опасна е нејзиниот потенцијал за сопствена понатамошна репродукција.
Благодарение на пребарувачките и филтрациските механизми кои ја прават невидлива позадинската технолошка структура на сервисот како што е YouTube, а со кои интернет десницата научни многу добро да управува, за нив е речиси невозможно да се пронајдат информации за теми како што се расизмот, феминизмот и родовите теории, мигрантската криза, марксизмот, па дури и историјата на фашизмот, без наидување на десните теории на заговор и параноидните дезинформации според кои западот е загрозен пред налетот на немилосрдните муслимански варвари со темна кожа или еврејската петта колона, тоталитарниот терор на левите академици и неосталинизмот скриен зад антидискриминаторските закони и сеприсутната будалаштина на политичката коректност или пак пред агресивните феминистки и ЛГБТК активистите кои сакаат да го укинат семејството, родителите, мажите, а потоа и да ја легализираат педофилијата.
Ако ова ве потсетува на уште една референдумска кампања на здружението Во име на семејството, на собраниското зборување бесмилици на Жељко Гласновиќ или на репризата на емисијата на Велимир Бујанец, не сте далеку од вистината. Меѓутоа, она што сличните појави на интернет ги прави значително опасни е можноста за нивно вирално ширење и допирање до многу поголем број луѓе од целиот свет, потпомогнато со механизмите на современиот интернет и без потреба за проверка и контрола на која, барем во теорија, би требало да подлежат традиционалните медиуми.
Ксенофобната реторика не е ни приближно запалива и привлечна, особено за младите генерации, кога доаѓа од устата на еден Жељко Гласновиќ или кога е прикриена зад донекаде испегланиот имиџ на Нина Распудиќ, туку кога е спакувана во симпатично триминутно анимирано филмче со изгланцани стручњаци во одела, со пораки кои лесно се памтат и пристапно сумирани статистички податоци, без разлика колку се неточни, извадени од контекст, погрешно претставени или тенденциозни.
Каналот Prager University, наречен според неговиот основач, американскиот конзервативен водител Денис Прагер, речиси цела деценија развива токму таков пристап. Скриени зад називот на измислениот универзитет за да сугерираат академска сериозност и да им дадат призвук на научна тежина на своите пораки, Прагер и соработниците досега со некои прилози успеаја да привлечат повеќемилионска публика, а можат да се пофалат и со речиси два милиони претплатени следбеници на YouTube.
Секако, поголем број прегледи воедно значи и поголема заработка за сопствениците на одредени канали, што во случајот на Прагер доведе и до отворен конфликт со Google. Имено, откако заради кршење на модераторските политики на YouTube и некомпатибилноста со потенцијалните огласувачи – за што, секако, одлучува посебен алгоритам – за повеќе десетици нивни видеа е воведено ограничување во пристапот или се укинати можностите за монетизација, од каналот одговорија со веќе познати прозивки за цензура, кршење на слободата на говорот и политичка пристрасност и покрај тоа што Google во исто време беше прозван заради отстранување и ограничување на ЛГБТ содржини.
Покрај стандардните теории на заговор за имиграцијата, негирањето на климатските промени, противењето за зголемувањето на американската минимална плата и залагањето за право на носење оружје, само да потсетиме дека се работи за канал кој, меѓу другото, ја покани Мишел Малкин, американската конзервативна политичка коментаторка која го оправдува затворањето американски граѓани со јапонско потекло во логорите од Втората светска војна, а според сродна логика доаѓа и до предлог на сличен начин да се постапи со американските муслимани додека постои опасноста од глобален тероризам.
Иако тужбата подоцна беше отфрлена во окружниот суд, се чини дека целиот случај нималку не им наштети на популарноста и финансиите на самиот канал. Филмчињата, за чија изработка и промоција наводно се трошат околу 50 000 долари по епизода, и натаму се објавуваат редовно, пристигнуваат донации, расте бројот на претплатници и следбеници, а каналот во 2018 година влезе со повеќе од милијарда прегледи.
Десната пропаганда стана профитабилен бизнис, што на амбициозните поединци им овозможува со леснотија и за краток рок да соберат и до повеќе стотици илјади прегледи исклучиво врз основа на повторување на веќе утврдените, наводно „контроверзни“ теми. Насловите од кои со големи букви врескаат пораки како „THERE ARE ONLY TWO GENDERS" или "BLACK PEOPLE ARE TO BLAME FOR THEIR OWN SITUATION", како и компилациите од типот „FEMINIST CRINGE COMPILATION“, се идеален мамец за гледачите, а нивниот најголем успех е во тоа што привлекуваат и публика која не е нужно политички определена.
Секако, притоа квалитетот на самите аргументи не е најважното нешто, а кога ќе почнат да пристигнуваат донации од гледачите и заработка од монетизацијата и спонзорствата, станува речиси сосема споредна ставка. Во суштина се работи за вин-вин ситуација – вистинските верници постепено ги приближуваат своите ставови и ги радикализираат како публиката така и понаивните припадници на „сцената“, а оние попрагматичните едноставно уживаат во плодовите на интернетската кариера изградена со запаливи провокации и зајакнување на вообичаените предрасуди, притоа не земајќи ги предвид пошироките општествени последици.
Некој можеби навистина е неонацист, а некој едноставно политички неписмен – на десниот пол на YouTube тоа и онака не е важно. Ако некоја друга личност не те штити од критики, ако го промовира твојот канал и те повикува да гостуваш на нејзиниот канал, зошто воопшто би сакал да ги сецираш или критикуваш нејзините ставови?
Иако во некои моменти се чинеше дека десницата во одредени делови на интернет воспостави неспорна хегемонија, на што левицата не успеа или не знаеше да даде адекватен одговор, околностите во последнава година почнаа да се менуваат.
Освен што продлабочувањето на постоечките предрасуди секогаш е полесна работа од нивното разложување, на побавниот развој на левиот YouTube влијаеа и веќе стандардните болки на левицата – академизмот, внатрешните поделби и прозивиките заради реални или измислени идеолошки застранувања, скепсата наспроти „отуѓувачките“ и високо индивидуализирани медиуми како што е YouTube, неразбирањето помеѓу американската и остатокот од светската левица итн.
Секако, тука се и објективните пречки, содржани во фактот дека се работи за натпреварување со многу помоќен и подобро финансиран конкурент, противник кој наоѓа упориште во минатите или постоечките стравови, догмите и предрасудите, а не во обидите за истражување некаква алтернативна иднина.
Сепак, интернет левицата со некое чудо успеа да пронајде начин за допирање до нова публика и предностите и недостатоците на новите медиуми успеа барем донекаде да ги заврти во своја корист. Можеме да дискутираме за теоретската поткованост, опасностите од појава на сопствена селебрити култура и американизираноста на левиот YouTube, но и натаму е освежувачки во морето либертаријанска или конзервативна пропаганда да се наиде и на некое видео кое за капитализмот или расизмот зборува од марксистичка или анархистичка перспектива, а притоа тоа го прави на начин кој е доволно интересен за да го придобие вниманието на незанемарлив број гледачи, особено оние кои инаку веројатно би налетале на теориите на Џордан Петерсон или Бен Шапиро.
Каналите како ContraPoints, hbomberguy или Three Arrows, успешно докажуваат дека е можно да ѝ се конкурира на сеопштата офанзива на десницата во сајберспејсот – и тоа со свест дека изградбата на масовно движење не може да биде ограничена на круговите на прекарните културни работници и студентите од општествените науки. И покрај сите недостатоци и просторот за подобрување, едно од најголемите позитивни изненадувања кое го донесе подемот на LeftTube е потсетник дека левицата може да биде забавна.
Илустрации: Warren Dykeman
Извор: http://www.h-alter.org