Тела што многу значат

09.01.2019 14:05
Тела што многу значат

„Ќе направиме операција така што никој нема да може да забележи дека си транс...“, беа зборовите на хирургот пред одењето под нож. Лично ми беше многу битно лузните да останат, затоа што идеолошки не можам да се помирам со систематското засрамување на транс-телата, но низ предоперативниот стрес и со објаснувањето дека таквиот вид операција е подобар за мене – се согласив, оти кој сум јас да му противречам на хирургот со она што јас мислам дека е подобро за мене. Поради тоа многу често размислувам за одземањето на правото на телесен интегритет, одземање на правото на самиот себе, односно правото да имаме право. Тоа „да не се гледа“ има свои последици, кои продолжуваат и по извршените операции, за кои многу транс-личности мислат дека претставуваат точка што означува крај на транзицијата.

Транс-телата се разликуваат од цис-телата, дури и по извршените операции, ама разликите не би претставувале проблем да не се ставеше фокусот на нив, поради што и имаме потреба да прибегнуваме кон „истото“, односно кон зоната на комфор, која тежи кон хомогенизација. Кога бев дете, мајка ми константно ми зборуваше да не се споредувам со другите – затоа што јас не можам да бидам некој друг, ниту другите можат да бидат јас. Токму таа реченица ме следи низ целата транзиција, чија поента е да станам – јас, а не некој друг. Меѓутоа, не е лесно човек да се спротивстави на мнозинството, па најважно е да научиме како да се сакаме самите себе и телото што не сме го одбрале, ама сме направиле сѐ за да си ја прилагодиме на себеси својата визија.

Не може да се опише чувството што го имав летото 2018 година по извршената операција. Летото за мене секогаш беше најлош период во годината – горештини, капење, костими за капење и моето тело, кое го презирав, беа убиствена комбинација. Тој ден на плажата конечно почувствував слобода во телото. Станаа небитни шевовите што не зараснаа целосно, нерамномерното повлекување на отоците, тапата болка што ја чувствував со месеци по операцијата. Тоа беше чувство на слобода, ама и чувство дека сум јас – јас. Она што и натаму ме следи е „да не се гледа“, што настојува да ја намали среќата и задоволството со самите себе, и убавината на различноста да ја претвори во чувство дека си странец, ама не веќе во своето тело, туку во општеството.

Сизифовска работа е да се турка каменот на очекувањето, мислејќи дека ќе го дотуркаме до крајот и дека ќе бидеме задоволни со себе. Очекувањата немаат свој крај, ама имаме ние свои граници, и преку сфаќањето на личните граници учиме да се љубиме себеси. „Да не се гледа“ може да биде лична цел, ама несфаќањето на изворот на таа цел и на личните граници може да доведе до маѓепсан круг на незадоволство.

Извор: lgbti.ba

ОкоБоли главаВицФото