Господинот Хуароз и мислењето (4)

10.01.2019 17:31
Господинот Хуароз и мислењето (4)

Судија

Бидејќи господинот Хуароз не беше голем љубител на спортови, попрво се натпреваруваше сам со себе, меѓу оние што ги нарекуваше „моите двајца играчи“: мислењето и пишувањето.

Правеше, на тој начин, игри, за да провери кој е покреативен: неговите мисли или неговото пишување.

За господинот Хуароз ‒ кој се сметаше за судија во споров, и според тоа: однадвор и неутрален во однос на своето мислење и пишување ‒ конечната победа секогаш беше на истата страна: на страната на мислата. Неговото пишување никогаш не беше толку оригинално како неговите размислувања.

Сепак, одлуката на господинот Хуароз везден придвижуваше голема внатрешна полемика, оти пишувањето тврдеше дека поседува материјални, конкретни докази за својата креативност, наспроти мислењето, кое никогаш не беше предочило докази од каков било тип. Пишувањето на господинот Хуароз секогаш, на крајот, го обвинуваше дека е пристрасен судија. Што значи, измамник.


Мануелна работа

За неписмениот, пишувањето е мануелна работа, мислеше господинот Хуароз. Физичка работа каква што е обликувањето глина или шиењето некоја ткаенина.

Препишувањето на една реченица станува налик на умножување на калапот на некоја вазна; а некој неписмен кој се обидува да чита е налик на кратковид човек кој од далечина од сто метри се обидува да распознае нечии движења.

И додека, отсутен, газеше во свежиот измет на некое големо животно, господинот Хуароз стануваше сè поубеден, со сè поподробни аргументи, дека сè во животот, баш сè, не е ништо друго освен мануелна работа.

Часовник

Господинот Хуароз замислуваше часовник кој наместо време би покажувал простор. Часовник на кој големата сказалка би го покажувала на карта точното место каде што личноста се наоѓа во одреден момент.

‒ А што е со малата сказалка? Што покажува таа? ‒ прашуваше жена му.

‒ Местото каде што се наоѓа Бог ‒ одговараше господинот Хуароз.


Концентрација

Господинот Хуароз понекогаш ставаше превез преку очите, за облиците и боите на работите да не му одвлекуваат внимание.

Бидејќи работите, освен што постојат, исто така произведуваат и звуци, господинот Хуароз, покрај превезот, ставаше и памук во ушите.

Меѓутоа, одредени работи, благодарение на својот јак мирис, упорно се вовлекуваа во ноздрите на господинот Хуароз, што го наведуваше понекогаш да го затвори носот со штипка.

Така, со затворени очи, уши и нос, господинот Хуароз можеше мирно да размислува, без какво било вплеткување на надворешноста.

Пред наполно да нурне во мислите, господинот Хуароз уште ќе речеше, било кому кој сакаше да слушне:

‒ Сега, ве молам, немојте да ми приоѓате. Над сè, не ме допирајте. Немојте сè да упропастите.

И, со превез преку очите, памук во ушите и штипка на носот, господинот Хуароз, внимателно држејќо ги рацете во воздух за ништо да не допре, доживуваше моменти на непоматена среќа при размислувањето.
Колку го сакам светот, мрмореше.


Слики: Valerio Adami
Избор и превод: П. В.
Gonçalo M. Tavares - O senhor Juarroz e o pensamento, 2004

ОкоБоли главаВицФото