Да го почнеме животот од почеток

11.01.2019 01:40
Да го почнеме животот од почеток

Во 2002 година, Стив Силберберг бил мошне успешен софтверски програмер, но бил многу несреќен. Секојдневните предизвици и барања го заморувале и често размислувал како да се извлече од рутината и ограничувачките обрасци на сопствениот живот. Имал 40 години и размислувал дека тоа се само 15 години помалку од возраста на која починал неговиот татко. „Татко ми никогаш не ги направи работите што ги сакаше“.

Колку пати се чувствуваме „заглавени“ во некоја ситуација или образец на однесување?

Во природата ни е да тежнееме кон најдоброто, но можеби секогаш не е реално да се живее на Хаваите или да се биде богат и славен.

Но и кога нешто е реално и остварливо, самите се спречуваме или ја спречуваме сопствената промена. Некако е „природно“ да се потроши енергијата на денешниот страв, да се држиме до таквата искривена слика за нашата иднина дури и кога сме фокусирани на иднината, трчајќи по она што се покажува како погрешен сон. Премногу често се откажуваме кога треба да се запне и упорно прдолжуваме кога треба да се откажеме. Сепак, без појасни оценки за нашата сегашност и иднина и поефикасен пристап за поставување и постигнување на целите, можеме да завршиме со иднина каква што навистина не сакаме, во која сме свесни за грешките, можеби сме и болни, скршени, осамени или едноставно неисполнети, пишува Ребека Вебер во списанието Psychology Today.

Интересно е колку круто можеме да размислуваме за себеси: „Јас сум срамежлив“, „Не прифаќам критика добро“, „Јас сум натпреварувачки ориентиран“, „Сексуално сум доминантен“, „Не сум добар во конфронтирање“. Како се гледаме себеси?

Дали можеби одново нè привлекуваат погрешни луѓе или имаме впечаток дека другите не се грижат доволно за нас? Дали туѓите потреби ги ставаме пред своите? Или се плашиме од идните настани кои воопшто не мора да бидат реалност? Можеби и натаму сме неисполнети или се чувствуваме недораснато, без оглед на тоа што сме го постигнале? Зошто тоа е така?

Тоа е она што авторите на книгата „Осмислете го животот одново: Како да се надминат ограничувачките психички шеми“, на Џефри Е. Јанг и Џенет Клоско (Психополис 2018), го нарекуваат животни замки или ограничувачки психички шеми. Таа шема почнува во детството и се повторува целиот живот.

Тие „животни замки“ одредуваат како размислуваме, како се чувствуваме, како постапуваме и како се однесуваме кон другите. Тие предизвикуваат посилни емоции како лутина, тага и анксиозност. Дури и кога изгледа дека имаме сè – социјален статус, идеален брак, почит од блиските, деловен успех – често не сме во состојба да уживаме во животот и да веруваме во своите достигнувања.

Зошто го правиме тоа? Зошто не побегнеме од својот „образец“ на однесување? Речиси секој ги повторува негативните обрасци од детството. Кога ќе пораснеме, некако успеваме да создаваме услови кои се мошне слични на оние кои во нашето детство биле толку деструктивни. Стручен назив за животна замка е шемата. Концептот потекнува од когнитивната психологија, а шемите се длабоко всадени во уверувањата за себеси и светот, научени рано во животот. Тоа се нашите претстави за себеси. Да се откажеме од сопственото верување би значело да се откажеме од уверувањето за она што сме и уверувањето за својата претстава за светот, затоа се држиме до нив дури и кога тоа нè повредува. Таквите рано стекнати уверувања пружаат впечаток на предвидливост и сигурност, тие се пријатни и познати. На некој чуден начин прават да се чувствуваме како свои на своето. Затоа некои веруваат дека тоа тешко може да се промени, наведуваат Џефри Е. Јанг и Џенет Клоско.

Овие автодеструктивни шеми опстојуваат зашто се дел од човечката тенденција кон постојаноста. Тоа е познато. Иако е болна, таа е пријатна и позната и затоа е мошне тешко да се промени. Покрај тоа, животните замки вообичаено ги стекнуваме во детството како вид соодветно адаптирање на семејството во кое сме живееле. Тие обрасци биле соодветни кога сме биле деца, проблемот е во тоа што продолжуваме да ги повторуваме кога веќе не ѝ служат на целта.

 

Џенет Клоско

 Како да се променат животните замки?

Авторите во својата книга „Осмислете го животот одново...“ објаснуваат дека шема терапијата ја развил докторот Арон Бек во шеесеттите години на 20 век. Основна премиса на когнитивната терапија е дека начинот на кој размислуваме за настаните во својот живот (когниција) одредува како се чувствуваме во однос на нив (емоции). Луѓето со емоционални проблеми се склони кон искривување на реалноста. Животните замки нè наведуваат одредени видови ситуации да ги гледаме неточно, тие ја провоцираат нашата когниција. Доктор Бек предлага логички да ги испитаме своите мисли. Кога сме вознемирени, дали претеруваме, премногу субјективно ја согледуваме ситуацијата, катастрофизираме (ги преувеличуваме нејзините негативни аспекти) или нешто слично? Дали нашите мисли навистина имаат смисла? Дали постојат други начини да се согледа одредена ситуација? Бек уште вели дека треба да ги тестираме своите негативни мисли со изведување мали експерименти. На пример, авторите велат дека една пациентка, Хедер, една зима ја упатиле да прошета сама низ населбата за да се увери дека нема да ѝ се случи ништо лошо, иако била уверена дека ќе се разболи или дека некој ќе ја нападне или ограби.

Животните промени никогаш не се едноставни, но кога ќе научите да се фокусирате на вашето идно јас, ќе се изненадите што ќе постигнете.

„Мораме да ги модификуваме сопствените идентитети движејќи се низ животот“, вели Равена Хелсон, професорка по психологија на Беркли, за Psychology Today. Таа ја водела студијата Милс во која набљудувала 120 жени над 50 години, докажувајќи дека никогаш не е доцна да се променат. „Дури и во шеесеттата година луѓето можат да одлучат да бидат блиску до она што посакувале да станат.“

Но толку тешки нешта не можат да се постигнат само за еден ден или една недела, или како што вели Арт Маркман, професор по психологија на Универзитетот Тексас и автор на книгата „Паметна промена“, во неговиот случај тоа се случило за 12 и пол години.

„Треба да си дадете доволно време навистина да ги постигнете своите цели.“

Меѓутоа, Роберт Стивен Каплан од школата за бизнис на Харвард, автор на книгата „Што навистина сакаше да направиш“, вели дека мора да знаете кој сте денес за да можете да се промените. „Луѓето треба да ги разберат своите доблести, слабости, она што им е страст и својата сопствена приказна.“

Од една страна, треба да се биде искрен кон себеси и да не се поставуваат недостижни цели.

Повторно, соништата се менуваат, зашто ако светот не стагнира, не стагнираме ни ние, вели Каплан. Дури и ако соништата ни останат исти, можеби тоа нема да нè задоволи во иднина.

Но, ако немате повеќегодишни цели, предупредува Маркман, ризикувате да правите мали нешта секојдневно: чистите дома, испраќате мејлови и гледате ТВ, без никаков придонес за смислата на својот живот. Тоа може да остави впечаток на неисполнетост и неспокој.

Како да дознаете кон што треба да тежнеете? Проектирајте се себеси далеку во иднината и прашајте се: За кои нешта што не ги направив ќе зажалам?

 

Џефри Јанг

Маркман сугерира дека тогаш треба да се направи сè за да се избегне таков крај. „Користете го тоа како начин да го испланирате сопствениот живот.“

Авторите на книгата „Осмислете го животот одново“ велат дека постојат некои општи чекори во шема терапијата, но дека прво е важно да се знае каква е нашата замка (за што приложиле прашалник во книгата), за потоа да се разберат замките. Дека тоа е повреденото дете во нас, заради што е потребно да се присетиме на сè низ што сме поминале во детството. А потоа замката да се побие на рационално ниво, а тоа значи да одбиеме да ја прифатиме интелектуално (ако тоа веќе го правиме емоционално).

Една француска студија, која следела 704 постари лица во период од 6 години, открила дека оние кои биле доволно флексибилни за промена и за да ги прилагодат своите цели, имале повисоко ниво на задоволство во животот. Колку и да е лошо да се биде ригиден негативно, зашто тоа води кон „магичен круг“ (колку повеќе веруваме во негативните обрасци, толку се потиснуваат алтернативните уверувања, и поголемата безнадежност се чини оправдана, а тоа води кон депресивност), за нас може да биде лош и ригидниот позитивен образец. Зашто ако некој се навикнал секогаш да биде срќен, може да се чувствува поразено кога поминува низ потежок период. Поттикнувањето на когнитивната флексибилност е дел од решението.

Насловна илустрација: Toti Cerda

Извор: Nedeljnik

Слични содржини

Психологија / Живот
Психологија / Живот
Книжевност / Психологија / Живот
Психологија / Живот
Психологија / Наука / Живот
Општество / Психологија / Живот / Теорија

ОкоБоли главаВицФото