Четиридневна работа за петдневна плата! Како ви звучи?

11.01.2019 03:04
Четиридневна работа за петдневна плата! Како ви звучи?

„Многу е поздраво и подобро работиме кога не сме по цел ден на работа“, вели Јан Шулц-Хофен, основач на берлинската компанија за софтвер „Планио“, која воведе четиридневна работна недела за своите 10 вработени на почетокот на годинава.

Во Нов Зеланд, осигурителната компанија „Перпетуал Гардијан“ забележа пад на стресот и раст на ангажманот на вработените откако беше тестирана 32-часовна работна недела.

Дури и во Јапонија, владата ги охрабрува компаниите да дозволат слободно утро во понеделниците, иако слични напори во земјата да се намали работниот товар досега се покажаа неуспешни.

Конгресот на британските синдикати се залага за тоа целата земја да се префрли на четиридневна работна недела до крајот на векот, а таквата заложба ја поддржува и опозициската Лабуристичка партија.

Синдикатот смета дека покусата недела е начин преку кој работниците ќе учествуваат во распределбата на богатството креирано од новите технологии со помош на машини и роботи, исто како што добија право на слободен викенд за време на индустриската револуција.

„Тоа ќе го намали стресот при балансирањето на работниот и семејниот живот и ќе ја зголеми половата еднаквост. Компаниите кои веќе го испробаа тврдат дека е подобро за продуктивноста и за здравјето на работниците“, вели Кејт Бел од британскиот Синдикат.

Преработени

Луси Грин, експерт во консултантската куќа Џ. Волтер Томпсон, вели дека се зголемува отпорот кон преработеноста, што го покажа и бранот критики кон сопственикот на Тесла, Елон Маск, откако тој твитна дека „никој не го сменил светот со 40-часовна работна недела“.

„Луѓето полека се оддалечуваат од 24-часовниот дигитален живот и ги сфаќаат менталните здравствени проблеми кои се резултат на постојаната поврзаност со работата“, вели Грин.

Неодамнешна анкета на 3.000 работници во 8 држави, меѓу кои и САД, Велика Британија и Германија откри дека мнозинството сметаат оти можат лесно да ја завршат својата задача и за пет часа дневно доколку немаат прекини, но повеќето работат и повеќе од 40 часа неделно - притоа на прво место се САД каде 49 проценти велат дека работат прекувремено.

Шулц-Хофен, 36-годишен софтвер инжинер, ја тестирал четиридневната работна недела врз себе откако сфатил дека мора да си ги намали обврските по десетгодишна интензивна работа на својот проект.

„Истата работа ја завршував и за четири дена, затоа што кога имав пет секогаш мислев дека имам повеќе време, работев побавно, си дозволував повеќе паузи“, вели Шулц-Хофен.

„Сфатив дека со четири дена, морам да бидам брз, морам да бидам фокусиран доколку сакам во петок да бидам слободен“.

Шулц-Хофен и неговиот тим дискутирале за различни опции пред да одлучат да работат од понеделник до четврток. Тие ја отфрлиле идејата за флексибилни работни часови затоа што тоа предизвикува административни проблеми, како и петдневна работна недела со покуси работни часови затоа што таа не гарантира ослободување од преработеноста.

Клиентите кои ќе се јават во петок добиваат снимена порака која објаснува зошто никој не е на работа.

„Добивме неочекувана реакција од муштериите. Повеќето од нашите клиенти не се жалеа. Само беа љубоморни“, вели Шулц-Хофен.

Извор: DW