„Сопранови“, книжевноста и американскиот сон

11.01.2019 12:26
„Сопранови“, книжевноста и американскиот сон

Оваа недела се навршија 20 години откако беше емитувана првата епизода од Сопранови. За мене, по сложеноста, суптилноста и мајсторската изведеност, оваа серија е еднаква на капитално книжевно дело. Ја изгледувам секои неколку години. На потценувачките коментари „немам време за гледање серии“ гледам со еднакво потценување: тоа е како да немаш време да читаш книги. По Сопранови на Дејвид Чејс, се појавија уште неколку серии со книжевен шмек, ремек-дела на нашето време кои обработуваат значајни историски, општествени, но и интимни теми, од кои ќе ги издвојам (а има и други) The Wire, Boardwalk Empire и Mad Men. Последните две (неслучајно, поради авторите кои соработуваа со Дејвид Чејс) го негуваат книжевниот шмек на Сопранови. За ваквите серии, уметнички изрази на нашата ера, потребно е и корисно да се издвои време. А и забавно е.

Книжевноста е врзана со Сопранови и ред други американски серии во повеќе аспекти. Покрај извноредно комплексните и суптилни психолошки портрети на ликовите, има уште една огромна работа што ја врзува оваа серија со една често обработувана тема во книжевноста, а тоа е критиката на концептот на американскиот сон.

Американскиот сон е идеја која го дефинира американското општество и неговата постојана растргнатост во релацијата индивидуа – група. Основните начела на американскиот сон претпоставуваат дека во Америка, секоја индивидуа може да постигне материјално богатство, т.е да стекне имот, а со тоа и среќа (основните права на живот, слобода и среќа загарантирани во американскиот Устав првично биле дефинирани како права на живот, слобода и имот) преку чесна и макотрпна работа. Ова потекнува уште од пуританските зачетоци на Америка, кога новонастантите колонии морале жестоко да се спротивстават на тешките услови во новата земја за да преживеат, а посебно со калвинизмот, чие начело дека луѓето кои се избрани да одат во рајот се предодредени уште при самото раѓање ги натерало луѓето да веруваат дека материјалниот успех стекнат преку макотрпна работа е знак од Бога дека имашливиот човек е избраниот. Постепеното поместување на границата (the frontier) кон запад сè додека не се освоила сета непозната територија до брегот на Тихиот океан исто така го носи во себе начелото на трудољубивиот и чесен Американец, поранешен имигрант, кој бестрашно се спротивставува на природата и затекнатото општество на домородните и безбожни Индијанци.

Оттука потекнува и големиот комплекс на просечниот Американец дека неможноста да се збогати, и покрај макотрпната работа што ја вложил, укажува на негова неспособност и мрзеливост. Дека неможноста да се збогати не е поврзана со потеклото и општествените услови, туку исклучиво со индивидуалната мотивација и вложениот труд. Со други зборови – ако не си успеал, ти си крив.

Секако, при форсирањето на ваквиот концепт, не се земени предвид не само ресурсите и економските услови во државата, туку и една цела плејада Американци: малцинствата, луѓето што живеат со извесен хендикеп, други маргинализирани групи, и секако, жените. Оттаму потекнуваат и големите критики кон американскиот сон во американската книжевност, од кој еклатантен пример е Големиот Гетсби на Ф. Скот Фицџералд: Гетсби, кој и покрај сите свои чесни напори, поради своето еврејско и сиромашно потекло не успева да се ожени со девојката во која се вљубил, Дејзи, па станува шверцер на алкохол со лажно аристократско минато за да може да се збогати и да биде сметан за успешен. Вили Лоуман од Смртта на трговскиот патник на Артур Милер мора да се самоубие за да го исплати долгот за својот дом, и покрај неговите обиди да биде успешен трговец, додека Џон Штајнбек во Глувци и луѓе ја прикажува експлоатацијата на работничката класа и нивната фрустрација што не можат воопшто да си дозволат дом. Повеќето примери на американскиот сон во книжевноста завршуваат трагично, импотентно, често со смрт: како што е и случајот со филмските остварувања како The Godfather, Once Upon a Time in America, Scarface, Goodfellas, There Will Be Blood, и други.

Несомнено, Сопранови припаѓаат на една слична книжевно-филмска традиција која критички се осврнува кон фрустрирачкиот, речиси невозможен концепт – освен за неколкумина од кои историјата прави пример (како Ендру Карнеги и Џ.Д Рокфелер) Во основа, се појавува една основна матрица која ја следат ликовите: нивната неможност да создадат материјално богатство по чесен пат се должи на нивната етничка, родова, расна, физичка или ментална несоодветност. Често и покрај нивните сурови, неетички и/или криминални активности, гледачот има симпатии кон нив, бидејќи ја согледува причината за нивните дејстувања, или пак се соживува со кревката, емотивна, несигурна страна на инаку непопустливиот лик.

Од примерот на Тони Сопрано натаму, голем дел од успешните телевизиски серии се основани врз лик која ја отсликува пропаста на американскиот сон. Тоа е секако гангстерот од Атлантик Сити, Наки Томпсон од Boardwalk Empire, политичарот кој како и Гетсби се збогатува занимавајќи се со шверц на алкохол за време на американската прохибиција. И тој, како и повеќето овие ликови, има нежна, правична страна кога се во прашање луѓето кои ги сака и заштитува, а дополнително го оправдуваме поради неговото мачно, сиромашно, трагично детство. Но можеби примерот што најмногу одекнала кај современата публика е средношколскиот професор по хемија Волтер Вајт од Breaking Bad, кој не можејќи на чесен начин да заработи за своето семејство и да го обезбеди по неговата смрт, знаејќи дека е болен од рак, почнува да произведува и продава дрога, станувајќи суров криминалец во обид да го исполни американскиот сон во име на своето семејство.

Сепак, Тони Сопрано е можеби најкомплексниот и најизградениот лик од гореспоменатите и од неспоменатите патријарси кои можат да се поврзат со американскиот сон (како Лестер Најгард од Fargo, Дон Дрејпер од Mad Men, и необично, тука има една жена – Пеги Блумквист од втората сезона на Fargo). Имено, серијата започнува со неговиот нервен напад предизвикан од пајчињата што го напуштиле семејниот базен, што се однесува на анксиозноста која тој, постојано играјќи ја патријархалната улога на заштитник, ја чувствува за сопственото семејство. Неслучајно имплицитно трагичниот крај во финалето на серијата се одвива во семеен ресторан (алудирајќи на топлото семејно финале на првата сезона): убиството на Тони треба да се случи кога Тони е најкревок, кога е опкружен со сопругата и синот, и кога ја чека ќерка му. Токму таа негова кротка и кревка жичка, која најмногу се гледа низ неговите разговори со психијатарката д-р Мелфи, го тера гледачот да се приврзе кон овој суров убиец.

И тој слепо верува во американскиот сон: во епизодата „Кристофер“, кога американските Италијанци ќе дојдат во судир со Индијанците поради нивниот протест против празникот на Колумбо, во расправија со Силвио Данте – Сил, Тони Сопрано луто објаснува што треба да биде еден Американец. Имено, откако Сил ќе му каже дека забраната да се слави Колумбо всушност значи дискриминација врз нив како група, Тони извикува „Група, група! Каде е сега Гери Купер, тоа ме интересира.... Гери Купер. Ете ти Американец. Силен и молчалив. Правел тоа што морал“, кажува Тони, инсинуирајќи дека вистинскиот Американец никогаш не се жали за своето потекло – тој едноставно работи, и успева. Тука се отсликува концептот на индивидуализмот што го води американскиот сон: општеството, опкружувањето и минатото никогаш не се виновни за неуспехот. Тони верува во тоа, и бидејќи како и Гетсби и ред други ликови не може да ги исполни очекувањата што ги претпоставува тој сон, се врти кон криминал.

Вреди да се спомене и огледалната слика на Тони Сопрано – неговиот братучед, Тони Бландето (ќе се сетите дека го игра Стив Бушеми), кој откако ќе излезе од затвор, се обидува чесно да заработи и стои понастрана од криминалните активности на своите роднини и пријатели. Тој учи за да добие потврда за масер во Њу Џерзи, а во меѓувреме работи во пералницата на еден корејски имигрант. Во епизодата „Сентиментално образование“, Тони Бландето во еден миг вели „на некој начин, да си во затвор и не е многу поразлично од тоа да си имигрант“, со што се поцртуваат тешкотиите низ кои поминуваат имигрантите и нивните нееднакви шанси со останатото општество.

Но животот на Тони Бландето се менува кога Кореецот кај кого работи, кој на почетокот го дискриминира поради неговото криминално минато, одеднаш ги сфаќа квалитетите на Тони и му нуди партнерство за отварање на масерски салон. Токму кога животот на Тони Бландето почнува да се движи во посакуваната насока и се чини дека американскиот сон и може да се исполни, речиси буквално во скут ќе му падне ќесе со дванаесет илјади долари фрлено од гангстери што бегаат од полицијата. Од тој миг, животот на Бландето се распаѓа: соочен со слаткоста на лесните пари, почнува да пие, да се коцка, да спие со проституки; си купува скапи алишта, но откако ќе прокоцка сè и на него ќе останат само позлатените чевли, од бес ќе го уништи салонот, ќе го претепа Кореецеот, и ќе се врати во криминалот, што ќе резултира со негова смрт: самиот Тони Сопрано ќе го убие. Ова убиство симболично ни укажува дека нема надеж кога е во прашање американскиот сон: „лошиот“ Тони ќе го изеде „добриот“; и двајцата имигранти не можат да опстојат во светот на скриените привилегии.

Верувале во него или не, тензијата во можноста или неможноста на исполнување на американскиот сон го движи американското општество. Оваа тензија, оваа длабока поделба помеѓу индивидуалецот и групата е посебно видлива сега, во ерата на претседателството на Доналд Трамп, кој парадоксално го убива во корен американскиот сон на имигрантот кој сака да успее во новата земја, а од друга страна го поттикнува со неговата лажна фигура на успешен маж кој „сам“ се изборил за своето кралство и позиција. Во финалето на Сопранови, ЕјЏеј (синот на Тони Сопрано) зборува за тоа како би сакал да работи како пилот на хеликоптер на Трамп. Во духот на лажниот американски сон, разгалениот и симпатично приглуп син на криминалецот, со оглед на околностите и луѓето околу американскиот претседател, би можел да постигне многу повисока и многу повисока функција.

И да – ако не сте досега, гледајте ги Сопранови.

 

Овде можете да видите 6 епизоди, направени 2013-та, од македонската пародија наречена Фамилијата (Сопранови).

ОкоБоли главаВицФото