Тројка од источните соништа: Бачев-Мицкоски-Касами!

12.01.2019 03:50
 Тројка од источните соништа: Бачев-Мицкоски-Касами!

Штета е што Груевски, со своите хушкачки инструкции на фејсбук, дополнително ги компромитира очајничките напори на Мицкоски самиот да ја поштеди Македонија од нејзината подобра иднина, кога веќе работите си го добиваат својот сосема логичен тек: најголемата фракција во ВМРО-ДПМНЕ, на чие чело стои овој со дислоцираното командно место во Будимпешта, рамо до рамо му се придружи на Јанко Бачев кој и не крие дека е измислен за да спроведува антизападна агенда во Македонија; а само неколку рамења понатаму е групацијата на Билал Касами за чии неколку функционери нема логично политичко објаснување зошто го рушат Преспанскиот договор, освен ако не се стават во контекстот на заедничкиот антизападен проект на Мицкоски и Бачев.
Иста инспирација, иста мета, исто растојание. Исти банкомат? Ај, да не претеруваме…

Сепак, каква иронија: Албанецот Касами е клучниот играч за исполнување на македонскиот националистички проект на Бачев и Мицкоски… Може ли некој да објасни каде е овде лево? Може: кога ќе ги споредите обвинувањата на Бачев и Мицкоски (со промените во Уставот се поништува македонскиот идентитет!) со барањата на Касами (со промените во Уставот да се поништи македонскиот идентитет!), тие обострано се елиминираат, но веднаш потоа и дијалектички се испреплетуваат во националистичкиот балкански светоглед.

Всушност, пробивот на Македонија кон Запад ќе остави некои политичари во Македонија без леб. Затоа е оваа драма и паника до последен здив. Еве, што ќе прават Груевски/Мицкоски откако земјата ќе влезе во НАТО? Објективно, после сè, која политичка платформа ќе ја тераат, врз која идеја ќе ја обединат партијата?

Да речеме. кога за две, пет или осум години нивната партија ќе освои власт, дали навистина мислат дека ќе можат да ги поништат меѓународните договори, членствата во меѓународните организации, превземените обврски и добиените бенефиции кои ќе произлезат од спроведувањето на Преспанскиот договор? Како мислат да го направат тоа – во понеделникот по победата ќе го информираат НАТО, на пример, дека го поништуваат нашето членство во таа Алијанса?

Така, не само што се и понатаму тотално конфузни и без одговор на елементарното прашање за евро-атлантската иднина на земјата за тоа на кој начин би постигнале подобар договор од Преспанскиот, бидејќи овој не им се допаѓа; туку истата конфузија ја шират и со празните митингашки срцедрапателни ветувања дека откако, кога и да е, ќе дојдат на власт, ќе ги поништат сите сегашни одлуки на двотретинското мнозинство во Собранието. Па, со таков политички аматеризам мислам дека ни Левица не се занесува.

А потоа оној фејсбук-аперкат на Гордана Јанкуловска! Од каде само го извади, како во филмовите на Сталоне! Не е јасно дали Груевски ќе може да се освести додека му бројат до десет… Госпоѓата е во право (слободен превод): Заќути таму во тој хотелот со седум ѕвезди, џубре едно нарцисоидно, и престани да се однесуваш како да си уште во позиција, после сè, нешто паметно да кажеш! Чут! Сркај од тоа крем-брулето и глас веќе да не си пуштил, барабо една кукавичка!

Така говореше Мирната Жена од Сечуан.

А додека ги читате овие редови, во Собранието се носи важната одлука за нашата и за иднината на нашите деца. Просто немаше шанса тоа да се изведе без уште една петпарачка политичка драмолетка, овој пат во изведба на некаков Касами.

Ми го секираат Заев, не за друго…

Слики: Свирачиња

Извор: Цивилмедиа