Писма до Петар

12.01.2019 14:25
Писма до Петар

25 јануари

Денеска прибирајќи се накај дома од Матрицата, пак си потпевнував не гледај ме така, момче, но наместо и секој твој поглед е повик, се фатив како пеам и секој мој поглед, беше некаде околу 9, врапчињата веќе се беа изнацрцореле под мојот прозорец, веќе си ја имав проверено поштата и дома имав намера малку да читам од книгата на Хелер Агнеш, Мајмун на велосипед (додека читам ќе ми се сронеше една солза, сосем ненавремена, неумесна, бесконтекстна, очигледно со ништо неповрзана), од којашто ќе си препишував вакви некакви реченици: како и Лукач и Солженицин имале кажано, за кучето кучешка смрт, и дека убиецот е убиец, дури и кога убива убиец, за тоа дека чесниот, одговорен човек добива дури и кога губи, за тоа како осумнаесетгодишна девојка имала сфатено дека има мисија на овој свет: да го скрши оревот, а оревот е вистината за нештата, за луѓето и за битието, за тоа коешто е внатре во нас, но потоа како сфатила дека нема вистина, па така немајќи што да се осознава, соумеала, дека да не можеш да го скршиш оревот се однесува на тоа да го скршиш оревот, последново некако и не го разбрав, веќе претходно си имав направено чај од липа и бев каснал половина канче кисело млеко со парче леб, а потоа ќе ручав салата од зелка повторно со кисело млеко, веќе и одново го бев читал Ани Илков: Сношти се замислив и си реков: нема/ ништо да запишувам – зборовите се празни./ Потоа се прошетав, си купив вечера/ и започнав сè наново/ со писмо, во кое нема да се жалам и ќе одев да пазарувам во Халите и на Женски пазар, каде што ќе си купев чај од мента и камилица, и пирински, ќе се обидев да си купам и едно парче салама и ќе побарав да ми го насечат, ќе ме одбиеја, ќе се расправавме, луѓето ќе негодуваа дека го задржувам редот, ќе си отидев налутен, без да си купам салама, но ќе се сетев да ѝ предложам на една пријателка да направиме една емисија за некоја телевизија, да речеме со наслов без коментар, каде што ќе снимиме како побарувам да ми ја насечат саламата, но тие немаше да сакаат, потоа прибирајќи се, откако веќе се бев изнакупувал јаболка, портокали, мандарини, два грејпфрута, моркови, компири, кромид, свеж магдонос, свеж копар и две пиперки, ќе ја сретнев и набрзина ќе ѝ ја раскажев идејата и ќе се договоревме да се видиме утре и за сѐ детално да размислиме, веќе ги бев нацртал новите картички со гатанки за Трјавна и на пат кон поштата ќе си купев молив во повеќе бои, за да го допакувам подарокот за Камен: една книга со приказни – Небивалици, една тетратка, едно сосема обично пенкало, сето тоа во една проѕирна пластична папка и еден комплет за бричење Жилет (еден излишен божиќен подарок, кој и онака немаше да го користам: брич со неколку ножиња, пена, афтершејв (?)), бев веќе добил еден од подароците за роденден во сладоледџилницата на Ангел Кнчев: една мирислива тркалезна свеќа и ќе минев од книжарницата Библиополис на улица Солунска, за да се договорам кога да ги цртам своите картички за оние што ги сакаат моите картички, се разбира ако има такви, веќе ја бев слушнал реченицата, е па, штом толку лесно се откажуваш, значи не го сакаш, и веќе му бев одговорил, веќе му бев пишал одговор на мојот пријател на она што тој ми го беше напишал, дека многу било убаво она коешто сум го раскажал во последното писмо: како сме гледале еден филм, Самотници ли, Смотанковци ли, како сме седеле еден до друг и како одвреме-навреме сме се потпирале со рамо, лесно и фино, и сум чувствувал како си зема здив и сум чувствувал како тој чувствува дека си земам здив, сум чувствувал како здивот му се забрзувал и мојот го преследувал или мојот избрзувал и неговиот го преследувал, како се настигнувале и се испреварувале, прескокнувале и како таму некаде, каде што би требало вдишувањата и издишувањата да ни се сплотат, лесно и фино сме се одделиле еден од друг, та веќе му бев одговорил со еден унгарски шлагер: Љубовта трае една седмица (кога ја работиме оваа песна на час, има еден учебник по унгарски: Не само песни, секојпат на почетокот, пред да стане јасно за што се работи, прашувам, тоа е првата задача во лекцијата: што според вас трае една седмица), на еден друг пријател веќе му бев кажал: сè е готово, заврши оваа љубов, но вљубен сум, а тоа значи и креативен, веќе бев напишал едно писмо, со коешто веќе го бев нарушил тоа што го имав кажано, дека нема да ти пишувам и ќе си изберев една зелена дискета, на која ќе си ги снимав овие мои писма (Писма до Петар), веќе имав почнато да правам разни нешта и имав намера да правам и други, одев накај дома по Неофит Рилски и тогаш, додека си потпевнував и секој мој поглед е повик, ти-да-да-ти-да-ти-та-та-ти-да љубов, си реков, тогаш решив да почнам да ти ги пишувам овие писма и да не чекам, очекувајќи одговор од тебе.

 

28 јануари, 3.20 - 4.45


Долго време се прашував за што да ти пишам, поскоро за што да не ти пишам, дали за тоа како скокнав до подземниот премин кај НДК, откако го напишав првото писмо, за да купам скоро килограм од чоколадните бонбони на мерење, кои до последната беа изедени на мојот роденден, како што до зрно го изедоа гравот со коска од шунка, гравот без коска од шунка (за вегетаријанците), јанијата од тиквички, варените компири (сендвичи и онака не направив), маслинките, мајонезот и лутеницата (готвев утрото од шест до десет и половина и направив и разни чаеви: од нане, од липа, од мајчина душичка, пирински, не беа многу успешни, следниот ден ги помешав остатоците и си ги испив од новата стаклена чаша бојосана во сино и жолто, исцртана со неколку листа од даб или бука, а можеби и липа, дури и сега, додека пишувам, отпивам од преостанатиот чај од нане за кој веќе немаше место во стаклениот бокал од литар и половина), и како потоа патувајќи со трамвајот, на станицата кај Патријархот, се качи една група момчиња и девојки со полупразно шише од два литри бело вино, очите им светкаа, си раскажуваа полуцинични вицови (зошто жените сакале возрасни гинеколози? – затоа што им трепереле рацете), беа точно на работ, кога таман почнаа да изгледаат како полнолетни, слегоа заедно со мене кај баба недела и фатија кон некаде, шегувајќи се меѓу себе, дека си светат со очите, потоа во клубот на евробугарскиот центар ги запишав оние две последни реченици што ми текнаа во уличката помеѓу баба недела и НДК, потоа се прибирав, кинисувајќи по булеварот Цар Борис дрвјата се окројуваа на фонот на мастилаво синото небо, ѕвездите и уличните светилки, потоа спиев, се капев, кон осум се слушнавме со Анико и се договоривме да поминам за тенџерето накај десет, пак ја читав Мајмунот на велосипед, погледнувам што сум си запишал и читам враг (правеше споредба меѓу хитлеровскиот и комунистичкиот тоталитарен режим и една од разликите беше во однос на дефинирањето на врагот – во комунизмот врз принципот на класа, во нацизмот според расата, та си помислив, гледајќи ја сегашната Америка, која толку се ‘рчка да си најде нов непријател откако ќе го загуби стариот: не сме ли ние сè уште дел од истиот систем само подобро спакуван од другиот; во оваа книга е раскажана следнава приказна: Унгарец, комунист, херој на францускиот отпор што живеел долго во Франција, женет за Французинка, се присетува по 45-тата дека би можел да ѝ помогне на татковината во изградбата на социјализмот и решава да се врати во Унгарија, го праќаат некаде амбасадор, педесеттите години за време на севозможни процеси сфаќа дека тоа не е она (се чини и капитализмот и социјализмот си наликуваат и според ова: според двојниот стандард, според разликата меѓу она што го говориме и она што го правиме) и повторно се присетува дека е херој на францускиот отпор, награден од Де Гол и решава да се врати во Франција, таму добро го сослушуваат и му велат, но кажете ни за местоположбата на руските војски крај Елба, тој им вели: не знам, но дури и да знам, не би кажал, затоа што не дојдов да станам шпион, француски државјанин сум, жена ми, децата ми се Французи, добро, му кажале, размислете и дојдете утре, следниот ден повторно се интересирале за мeстоположбата на руските војски, тој повторно го одговорил истото, му кажале малку да почека, го oдвеле во една соба, таму го заклучиле, по пет часа се појавиле двајца, му ги свиткале рацете, го одвлекле до една кола во која го набутале, колата тргнала и долго, долго патувала, додека не сигнала во Западен Берлин, а потоа и во Источен Берлин, каде го предале на советските власти, разменувајќи го со еден француски шпион, а тие го предале на Унгарците, кои го осудиле на 20 години затвор како француски шпион), подолу сум си запишал Ги убиваа без никаква причина, не поради тоа што го правеле, а единствено поради нивното постоење, поради тоа, дека се, дека биле тие коишто се, дека се такви какви што се, се работи за Евреите и за нивното истребување од страна на нацистите, и дека тоа е особеноста на нацистичкиот тоталитарен систем, на некој начин сите забораваат, нацистите праќале во концентрациони логори не само Евреи, но и цигани, луди и хомосексуалци, од коишто дел исто така се пеплосани во крематориумите; уште подолу: ќе ја преземам ли одговорноста да молчам и да не го кажувам она што го мислам (чувствувам), и тогаш се сетив на книгата на Надежда Манделштам, но за неа некој нареден пат, како што и другпат ќе ти раскажам за нештата, кои почнав да ги запишувам во тетратката со златната рипка, за подароците, коишто ги добив, за свеќата, која одвреме-навреме си ја палам, за белата кошула што ми ја подарија, за лекцијата по чистење на правосмукалката, така мислев да го наречам ова писмо, за тоа како одев на дваесет и седми и си потпевнував по булеварот Васил Левски, помеѓу книжарницата Нисим и Бугарскиот сојуз за физичка култура и спорт, и в снег и ветер и в звëздачной полет, меня мое сердце в тревожную даль завëот, за приказната, што се намотала околу една унгарска песна: како би можел да живеам за тебе, која си ја потпевнував накај Анико во десет на дваесет и петти, за Алиса во земјата на огледалата, која почнавме да ја гледаме, но не ја догледав и си заминав во 00:30, добивајќи ги првите подароци: букет, вазна за букетот, чоколадни бонбони и уште едни други, кои ги сокрив, за да не ми ги изедат, за тоа, како прибирајќи се, наминав кај Матрицата, за да си го проверам мејлот, имав едно писмо со секакви желби (миличок николај, така ме беше нарекла една пријателка и ми беше испратила две картички: слика на Ван Гог и слика на Русо), и како одејќи кон и од клубот накај дома сум почнал да си потпевнувам нешто, некаква песна, на чиишто зборови не се сеќавам, некако ми се вртеа во главата, ми беа на врвот на јазикот и сѐ не успевав, сѐ не успевав да ги изговорам, и кога веќе пред вратата од својот дом го бев пикнал клучот во клучалката, скоро имав отклучено, некаде тогаш кога го завртев клучот за да отклучам, во мене зазвучеа гласовите на Конц Жужа и Шаш Силвија: Szabadság, Szerelem e kettő kell nekem.

 

Николај Бојков е бугарски писател, публицист, литературен критичар и преведувач. Овој текст е извадок од неговиот епистоларен роман Писма до Петар.

Превод од бугарски: Дарин Ангеловски

Илустрации: Liza Ferneyhough

ОкоБоли главаВицФото